122/2008-0-0

122/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 11 јуни 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за денационали­зација („Службен весник на Република Македонија“ бр. 44/2007).

2. М-р Кимо Чавдар, адвокат од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Со оспорената одредба од членот 3 од Законот биле повредени уставните принципи на вледеење­то на правото, еднаквоста на граѓаните пред Уста­вот и законите, како и забрана на повратното дејство на законите, утврдени во членовите 8 алинеја 3 и 9 и 52 став 4 од Уставот на Република Македонија.

Според одредбата од членот 49 од Законот, овластените баратели можеле да поведат постапка пред органот за денационали­зација најдоцна до 7 мај 2005 година, а потоа без ограничување на рокот, можеле да поднесат тужба во парнична постапка со барање плаќање на надомест, а враќање на имот само ако нема правни и фактички пречки. Значи, се работело за стекнати права.

Со дополнувањето на членот 64 став 2 од Законот, се наведува понатаму во иницијативата, овие стекнати права на барате­лите на денационализацијата ретроактивно биле укинати, бидејќи било пропишано дека одредбата од член 64 став 1 од Законот со која било пропишано дека не било дозволено располагање со имотот што е предмет на денационализација, нема да се применува, доколку барањето за денационали­зација било поднесено после 7 мај 2003 година, со што се повредува принципот на забрана на повратното дејство на законите од член 52 став 4 од Уставот на Република Македонија.

Со оспорената одредба од член 3 од Законот, исто така, била повредена еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите бидејќи заштитата на сопственоста, а со тоа и на денационализа­ци­јата, на присилно одземените имоти селективно, со повратно дејст­во, се применувало посебно на оние кои поднеле барање за дена­ционализација до 7 мај 2003 година и посебно на оние кои барањето го поднеле после 7 мај 2003 година.

Членот 8 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија – владеењето на правото било повредено од причина што била нарушена правната сигурност на граѓаните.

Поради изнесеното, се бара Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на членот 3 од оспорениот закон.

3. Судот на седницата утврди дека членот 64 од Законот, пред дополнувањето со оспорениот член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација утврдувал дека со денот на влегувањето во сила на овој закон не е дозволено рас­полагање со имотот што е предмет на денационализација, како и искористување на таков имот со кое се создаваат обврски за барателот.

Правните дела и едностраните изјави на волја што се спротивност со став 1 на овој член се ништовни.

Судот на седницата, ито така утврди дека според оспорениот член 3 од Законот за изменување и дополну­вање на Законот за денационализација, во членот 64 став 2 по зборот „ништовни“ точката се брише и се додаваат зборовите: „ако барањето за денационализа­ција, е поднесено во рок од пет години од денот на влегувањето во сила на Законот за денационализација, а заклучно до 7 мај 2003 година.”

4. Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Репуб­лика Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Устав­ни­от суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.143/2007 од 27 февруари и 14 мај 2008 година не поведе пос­тапка за оценување на уаставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ бр. 44/2007).

Во образложението на Решението во однос на членот 64 од Законот кој се оспорува со предметната иницијатива, Судот изразил став дека оспорената одредба забранува секакво располагање со имотот што е предмет на денационализација како и искористување на таков имот со кое се создаваат обврски за бара­телот и предвидува ништовност на правните дела и едностраните изјави на воља спротивни на оваа забрана. Со оваа одредба, всуш­ност се заштитува имотот предмет на денационализација и правата на поранешните сопственици врз тој имот, со што се овозможува остварување на целта на законот, односно враќање на имотот на поранешните сопственици.

Дополнувањето на членот 64 од Законот, што е напра­ве­но со членот 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација „Службен весник на Република Македонија“ бр.44/2007, со кој се додаваат зборовите: „ако барањето за денацио­нализација е поднесено во рок од пет години од денот на влегува­њето во сила на Законот за денационализација, а заклучно до 7 мај 2003 година“, не е од влијание за да се менува и ставот на Судот, бидејќи во суштина одредбата е истоветна од пред измените, и е прецизи­рање на нејзината функција за настанатите договори и други односи до 7 мај 2003 година.

Со оглед на тоа што оспорената одредба од член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за денационали­зација, со наведеното решение е веќе оценета, а нема основи за поинакво одлучување, согласно наведената деловничка одредба Судот ја отфрли иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.122/2008
11 јуни 2008 година
С к о п ј е
лк/сд

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply