136/2007-0-0

136/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 16 април 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членовите 29 и 56 став 1 точка 32 од Законот за девизно работење („Службен весник на Република Македонија“ бр.34/2001, 49/2001, 103/2001 и 51/2003).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за условите и висината на износот на ефективни странски пари и чекови кои може да се внесуваат или изнесуваат од Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.77/2002, 13/2003 и 65/2003).

3. Атанасовски Николчо, адвокат од Делчево на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите 29 и 56 став 1 точка 32 од Законот означен во точката 1 од ова решение, како и оценување на уставноста и законитоста на Уредбата означена во точката 2 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорените одредби од Законот биле спротивни на принципот на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија утврдено во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, од причини што обележјата на прекршокот можело да се определат само со закон, а не и со подзаконски акт, како што било утврдено во оспорените законски одредби според кои Народната банка на Република Македонија и Владата на Република Македонија биле овластени со подзаконски акт да ги прецизираат обележјата на прекршокот.

Во врска со оспорената Одлука, во иницијативата не се наведуваат аргументи, освен тоа дека таа била спротивна на Уставот и на членот 4 од Законот за прекршоците.

4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 29 од Законот, Владата на Република Македонија ги пропишува условите и висината на износот на ефективни странски пари и чекови кои можат да се внесуваат во Република Македонија или изнесуваат од Република Македонија.

Народната банка на Република Македонија ги пропишува условите и висината на износот на ефективни домашни пари и чекови и монетарно злато кои можат да се внесуваат или изнесуваат од Република Македонија.

Народната банка на Република Македонија ги пропишува условите под кои овластените банки можат да внесуваат или изнесуваат од Република Македонија ефективни странски пари од или на нивните сметки во странство.

Резидентите и нерезидентите при преминот на државната граница должни се износот на ефективни домашни и странски пари, чекови и монетарно злато кои ги внесуваат или изнесуваат над износите утврдени со актите од ставовите 1 и 2 на овој член, задолжително да го пријават кај надлежните царински органи.

Според оспорениот член 56 став 1 точка 32 од Законот со парични казни од 250.000 до 300.000 денари ќе се казни за прекршок правното лице, резидент или нерезидент, ако внесува или изнесува ефективни домашни и странски пари, чекови и монетарно злато спротивно на условите утврдени од Владата на Република Македонија (член 29).

Судот на седницата, исто така, утврди дека со Одлуката за условите и висината на износот на ефективни странски пари и чекови кои може да се внесуваат или изнесуваат од Република Македонија се уредува:

1) Резидентите можат слободно да изнесуваат од Република Македонија ефективни странски пари и чекови во износ од 2.000 евра.

Резидентите во Република Македонија може слободно да внесуваат ефективни странски пари во висина од 10.000 евра, а над 10.000 евра внесувањето се врши согласно одредбите од Законот за спречување перење пари.

2) Резидентите се должни при патување во странство износот на ефективни странски пари и чекови од 2.000 до 4.000 евра да го пријават на царинските органи при излегување од Република Македонија.

Ефективните странски пари од став 1 на оваа точка, резидентите ги изнесуваат врз основа на потврда од овластена банка или менувачница за купените странски пари или врз основа на потврда од банка за подигнати девизи од девизна сметка или девизна штедна книшка.

Потврдата од став 2 на овој член важи до првото преоѓање на границата, а најдоцна 90 дена од денот на издавањето.

Ефективните странски пари од став 1 на оваа точка, резидентите при службено патување во странство ги изнесуваат во висина на износот содржан во налогот за извршување на дознака во странство (образец 1450), утврден врз основа на Одлуката за патување во странство, во која се назначени: земјата во која се патува, целта на патувањето, колку лица патуваат и времето на престој во странство, како и висината на потребните средства за престој на службениот пат.

Изнесувањето на ефективни странски пари над 4.000 евра е забрането.

3) Нерезидентите можат слободно да внесуваат или изнесуваат во и од Република Македонија ефективни странски пари и чекови во износ од 2000 евра.

Нерезидентите се должни при влегувањето во Република Македонија да го пријават на царинските органи износот на ефективни странски пари над 2000 евра кој го внесуваат. Износот кој го изнесуваат нерезидентите не може да биде поголем од пријавениот износ при влегувањето во Република Македонија.

При влегувањето во Република Македонија, нерезидентите од царинските органи задолжително добиваат писмена потврда за износот на ефективни странски пари кои ги внесуваат во Република Македонија, која се должни да ја дадат на увид на царинските органи при излегувањето од Република Македонија.

4) Со влегувањето во сила на оваа одлука престанува да важи Одлуката за внесување или изнесување на ефективни странски пари во и од Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/2002) и Одлуката за изнесување и внесување на ефективни денари во патничкиот промет со странство („Службен весник на Република Македонија“ бр.40/1993) и

5) Оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе почне да се применува од 15 октомври 2002 година.

5. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Со Законот за девизното работење се регулират тековните и капиталните трансакции и нивна реализација во вид на плаќања и трансфери меѓу резиденти и нерезиденти, меѓу резиденти ако работат со странски платежни средства или ако предмет на работењето се странските платежни средства и едностран пренос на средства од и во Република Македонија, кои не претставуваат трансакции меѓу резиденти и нерезиденти, како и девизниот надзор и контрола.

Со членот 2 од Законот е уредено значењето на поимите употребени во овој закон. Така, со ставот 2 точките 1 – 6 од овој член од Законот е утврдено дека резиденти се трговски друштва, трговци поединци и други правни лица со седиште во Република Македонија и нивни претставништва во странство, освен нивни подружници во странство, подружници на странски друштва запишани во трговски регистар во Република Македонија, физички лица кои самостојно вршат дејност како занимање со постојано место на живеење во Република Макекдонија, и кои не се третираат за трговци според Законот за трговски друштва, физички лица со постојано место на живеење во Република Македонија, физички лица кои привремено престојуваат во Република Македонија врз основа на важечка виза за престој, односно работна виза во траење од најмалку 6 месеци и дипломатски, конзуларни и други претставништва во Република Македонија во странство кои се финансираат од Буџетот на Република Македонија, како и вработените во тие претставништва и членовите на нивните потесни семејства. Нерезиденти се сите други лица кои не се дефинирани како резиденти согласно овој закон.

Според членот 2 став 3 од Законот, нерезиденти се сите други лица кои не се дефинирани како резиденти.

Во овој член од Законот, исто така е дефинирано што претставува едностран трансфер на средства. Притоа, во Законот под едностран трансфер на средства се подразбира пренос на средства од странство во Република Македонија и од Република Македонија во странство, кои не се резултат на тековни или капитални трансакции меѓу резиденти и нерезиденти. Како еднострани трансфери се сметаат лични трансфери на средства и физички трансфери на средства. Под физички трансфер на средства се подразбира пренос на платежни средства, монетарно злато и хартии од вредност од Република Македонија и во Република Македонија.

Со членот 29 од Законот се уредува прашањето на внесувањето и изнесувањето на ефективни пари, чекови и монетарно злато.

Во иницијативата се наведува дека со оспорените законски одредби се одредувале обележјата на прекршокот од страна на Владата на Република Македонија и Народната банка на Република Македонија и дека прекршокот можело да се определува само со закон, а не и со подзаконски акт.

Во оваа смисла всушност се оспорува членот 56 став 1 точка 32 кој се наоѓа во делот: „Преодни и завршни одредби“ која точка се повикува и на членот 29 од Законот, па поради тоа подносителот на иницијативата ги врзува и ги оспорува овие два члена.

Со Законот за пркршоците („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2006) се определуваат општите услови за пропишување на прекршоците и прекршочните санкции, општите услови за утврдување на прекршочната одговорност, за изрекувањето и извршувањето на прекршочните санкции и се пропишува прекршочната постапка што ја водат судовите, односно врз основа на овој и друг закон органите на државната управа или организациите и други органи што вршат јавни овластувања надлежни за изрекување на прекршочни санкции.

Според членот 5 од овој закон прекршокот е дефиниран како противправно дело кое со закон е определено како прекршок, чии обележја се определени со закон и за кое е предвидена прекршочна санкција.

Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 60 од Уставот, Народната банка на Република Македонија е емисиона банка (став 1). Народната банка на Република Македонија е самостојна и одговорна за стабилноста на валутата, за монетарната политика и за општата ликвидност на плаќањата во Републиката и кон странство (став 2). Организацијата и работата на Народната банка се уредуваат со закон (став 3).

Во III дел од Уставот кој се однесува на „Организацијата на државната власт“, со членот 61 е определено дека Собранието на Република Македонија е носител на законодавната власт на Републиката.

Во членот 68 од Уставот се утврдени надлежностите на Собранието на Република Македонија, во кои е и донесувањето на закони и донесувањето на републичкиот буџет и завршната сметка на буџетот.

Според членот 88 од Уставот, Владата на Република Македонија е носител на извршната власт и своите права и должности Владата ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Во членот 91 од Уставот се утврдени надлежностите на Владата на Република Македонија, во кои, меѓу другото е определено дека ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување, предлага закони, републички буџет и други прописи што ги донесува Собранието.

Со Законот за Народната банка на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.3/2002, 51/2003, 85/2003, 40/2004, 61/2005 и 129/2006) се уредува работењето и организацијата на Народната банка на Република Македонија.

Во членот 3 од овој закон е утврдено дека основна цел на Народната банка е одржување на ценовната стабилност, а во ставот 2 на овој член од Законот е утврдено дека Народната банка ја поддржува економската политика на земјата и финансиската стабилност на земјата, без да се загрози остварувањето на основната цел, почитувајќи ги начелата на пазарната економија.

Според членот 4 од Законот, Народната банка е независна во остварување на функциите доверени со овој и друг закон.

При остварување на функциите Народна банка и членовите на органите надлежни за донесување на одлуки не бараат и не добиваат инструкции од органите на државната власт и органите на државната управа.

Членот 5 од Законот утврдува дека Народната банка е правно лице, во целосна државна сопственост, со финансиска и административна самостојност.

Во членот 24 од Законот е утврдено дека Народната банка врши надзор на девизното работење на банките и менувачките работи на менувачниците.

Според ставот 2 на овој член од Законот, Народната банка врши посреден надзор и на другите резиденти, согласно со Законот за девизното работење.

Според ставот 3 на овој член, доколку преку надзорот се утврдат незаконитости и неправилности во работењето на субјектите од ставовите 1 и 2 на овој член, Народната банка презема мерки согласно овој и друг закон.

Од наведените уставни и законски одредби произлегува дека Народната банка на Република Македонија е независна во остварувањето на доверените законски функции како банка во целосна државна сопственост со финансиска и административна самостојност и врши, меѓу другото, и надзор на девизното работење и во тие рамки е овластена со закон да ги пропишува условите и висината на износот на ефективни домашни пари и чекови и монетарно злато кои можат да се внесуваат или изнесуваат од Република Македонија.

Според членот 4 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2000, 12/2003, 55/2005, 37/2006 , 115/2007 и 19/2008) во рамките на правата и должностите утврдени со Уставот и со закон, Владата ја утврдува економската и развојната политика на државата, утврдува мерки за нејзино остварување и му предлага мерки на Собранието за остварување на политиката што се од негова надлежност, ја утврдува политиката на извршувањето на законите и други прописи на Собранието, го следи нивното извршување и врши други работи утврдени со закон.

Тргнувајќи од анализата на содржината на наведените уставни и законски одредби произлегува дека Собранието на Република Македонија со оспорената одредба од член 29 од Законот ја овластило Владата на Република Македонија да ги пропише условите и висината на износот на ефективни странски пари и чекови кои можат да се внесуваат во Република Македонија или изнесуваат од Република Македонија, односно Народната банка на Република Македонија да ги пропише условите и висината на износот на ефективни домашни пари и чекови и монетарно злато кои можат да се внесуваат или изнесуваат од Република Македонија, што е во согласност со уставниот принцип на владеењето на правото и уставната поставеност на Собранието, Владата и Народната банка, како независни, со посебни надлежности, меѓусебно координирани органи.

Имено, имајќи предвид дека условите за изрекување на прекршокот со кој се казнува правното лице, резидент или нерезидент кој внесува или изнесува ефективни домашни странски пари, чекови и монетарно злато се утврдени во оспорениот член 29 од Законот за девизното работење, значи дека обележјата на прекршокот се утврдени со закон, а не со подзаконски акт, како што се наведува во иницијативата, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените членови 29 и 56 став 1 точка 32 од Законот со принципот на владеењето на правото утврдено во членот 8 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

6. Во однос на оспорената Одлука за условите и висината на износот на ефективни странски пари и чекови кои може да се внесуваат или изнесуваат од Република Македонија, во иницијативата се наведува дека истата е спротивна на Уставот и членот 4 од Законот за прекршоците, меѓутоа подносителот не наведува никакви аргументи и причини зошто наведената одлука би била спротивна на Уставот и законот.

Со оглед на тоа што во иницијативата не се наведени причините поради кои се оспорува наведената Одлука, Судот согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија иницијативата во овој дел поради процесни пречки по одлучување по неа ја отфрли.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.136/2007
16 април 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply