Одлука У.бр.21/2007

У.бр.21/2007-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 9 април 2008 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА членот 56 став 1 во делот: „Сојузот на“ и членот 106 став 1 во делот: „од Сојузот на студентите“ од Статутот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје („Универзитетски гласник“ бр.60/2005) – пречистен текст.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативата поднесена од Младински образовен форум – Скопје, со Решение У.бр.21/2007 од 20 февруари 2008 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на деловите на членовите 56 став 1 и 106 став 1 од Статутот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот и Законот за високото образование.

4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 56 став 1 од Статутот на Универзитетот, членовите на Универзитетскиот сенат, со непосредно и тајно гласање, ги избираат наставно-научните совети на факултетите, наставничките совети на високите стручни школи, советите на научните установи, органите на Сојузот на студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и органите на управување и придружните членки.

Според оспорениот член 106 став 1 од Статутот, Ректорската управа ја сочинуваат ректорот, проректорите, деканите на факултетите, директорите на високите стручни школи, директорите на научните установи и еден претставник на студентите од Сојузот на студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

5. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.

Според член 20 став 1 од Уставот на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивите политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања, а во ставот 2 од овој член од Уставот е утврдено дека граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.

Согласно членот 46 од Уставот, на универзитетот му се гарантира автономија, а условите за основање, вршење и престанок на дејноста на универзитетот се уредуваат со закон.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со членот 58 од Уставот е утврдено дека сопственоста и трудот се основа за управување и учество во одлучувањето, а учеството во управувањето и одлучувањето во јавните установи и служби се уредува со закон и врз принципите на стручност и компетентност.

Законот за високото образование во членот 1 определил дека предмет на уредување на овој закон се условите и постапката за основање, финансирање и престанок на високообразовните установи и се утврдуваат основите на организација, управување, развој и за вршење на високообразовната дејност.

Според членот 10 став 1 од Законот, високообразовните установи својата дејност ја вршат врз принципот на академската автономија, а според став 3 од овој член, автономијата на универзитетот вклучува академска слобода на високообразовните установи, автономија на управувањето со високообразовните установи и неприкосновеност на автономијата.

Основен акт на вискообразовната установа е статутот, со кој согласно членот 8 од Законот, се уредуваат внатрешната организација, начинот на вршење на високообразовната дејност, овластувањата и начинот на работа и одлучување на нејзините органи, други прашања од значење за нејзината дејност и работење, за кои со овој закон е предвидено да се уредуваат со статут, како и други односи во согласност со остварувањето на нејзината автономија. Статутот го донесува органот на управување на високообразовната установа.

Прашањето на составот на сенатот е уредено со членот 66 од Законот, кој во ставот 1 утврдува дека сенатот го сочинуваат претставници од високо образование установи и на научните установи кои се во состав на универзитетот, избрани непосредно и со тајно гласање од редот на професорите, односно научните советници и од студентите.

Според членот 73 од Законот, како органи на факултетот се определени наставно-научен совет, декан и деканатска управа.

Со членот 74 став 1 од Законот е пропишано дека наставно-научниот совет е орган на управување и стручен орган на факултетот, а според одредбата од ставот 4, наставно-научниот совет го сочинуваат редовните и вонредните професори и доцентите.

Прашањето на учеството на студентите во управувањето е уредено со членот 163 од Законот според кој студентите учествуваат во управувањето со високообразовните установи преку претставниците на сојуз на студенти на универзитетот во органите на високообразовните установи, преку формите на самоорганизирање или на друг начин според условите утврдени со закон и статутот на високообрзовната установа.

Тргнувајќи од содржината на оваа законска одредба, а имајќи ги предвид наводите во иницијативата, како и членот 20 од Уставот, произлегува дека со оваа законска одредба им се утврдува право на студентите не само преку сојузот на студентите да бидат претставени во управувањето со високообразовните установи, туку ваква можност законодавецот им дава и на другите форми на организирање на студентите.

Законодавецот во членот 163 од Законот, во однос на учеството на студентите во управувањето со високообразовните установи, освен претставниците на сојузот на студентите, тоа право им го утврдил и на другите форми на саморганизирање или на друг начин според условите утврдени со закон и статутот на високообразовната установа.

Тргнувајќи од наведените уставни и законски одредби, содржината на оспорените делови од одредбите од членовите 56 став 1 и 106 став 1 од Статутот, како и наводите во иницијативата, Судот утврди дека со овие оспорени одредби на студентите им се ограничува правото само преку Сојузот на студентите да избираат свој претставник во Универзитетскиот сенат, односно само претставник на Сојузот на студентите да биде избран како член на ректорската управа. На студентите всушност им е ограничено правото да учествуваат во управувањето во органите на Универзитетот само преку Сојузот на студентите, а не и преку други форми на самоорганизирање на студентите или на друг начин според условите утврдени во закон како што е утврдено и во членот 163 од Законот за високото образование.

Наведените оспорени одредби од членовите 56 став 1 во делот: „Сојузот на“ и 106 став 1 од Статутот во делот: „Од Сојузот на студентите“, исто така, не се во согласност и со членот 66 став 1 од Законот според кој, сенатот го сочинуваат претставници од високообразовните установи и на научните установи кои се во состав на универзитетот, избрани непосредно и со тајно гласање од редот на професорите, односно научните советници и од студентите. Значи, во оваа одредба од Законот претставниците на студентите не се бираат исклучиво само од Сојузот на студентите, туку се дава можност студентите сами за тоа да одлучуваат.

Укинувањето на деловите на оспорената одредба од Статутот во никој случај не значи ограничување на учеството на студентите во управувањето со Универзитетот, туку дека тие треба да учествуваат во управувањето преку орган и на начин како што е утврдено во рамките на нивното студентско организирање.

Оттука, Судот утврди дека оспорените одредби од членовите 56 став 1 во делот: „Сојузот на“ и 106 став 1 во делот: „Од Сојузот на студентите“ од Статутот не се во согласност со членот 20 став 1 и 2 од Уставот, како и Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.64/2000, 49/2003, 113/2005 и 51/2007).

Судот го имаше во предвид и фактот дека наведениот Закон за високото образование престанал да важи со донесувањето на новиот Закон за високото образование, кој е донесен на 26 февруари 2008 година, а влегол во сила на 22 март 2008 година и е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2008).

Значи, новиот Закон за високото образование е донесен после донесувањето на Решението за поведување постапка по однос на оспорените членови од Статутот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, што подразбира дека анализата и оценувањето на наведените оспорени одредби од Статутот се направени во однос на стариот Закон за високото образование, кој престанал да важи.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.21/2007
9 април 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply