22/2007-0-0

22/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 2 април 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 9 став 4 во делот

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 8 став 1 точка 2 во делот: „да е сопственик на едно или повеќе регистрирани возила за одделни видови на превоз или да има договор за лизинг“, член 9 став 2 во делот: „освен лиценците за авто-такси превоз на патници кои се издаваат со рок на важење од една година“ и на член 54 став 1 алинеја 5 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 54 став 1 алинеја 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

4. Групацијата за авто-такси превоз при Стопанската комора на Македонија од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точките 1, 2 и 3 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, пропишувањето услов во член 8 став 1 точка 2 од Законот кандидатот за превозник да мора да биде сопственик на возило или да има договор за лизинг, а не и ако има возило под закуп, претставувало повреда на член 8 став 1 алинеи 3 и 7 (владеење на правото и слободата на пазарот и претприемништвото), член 9 (еднаквоста), член 32 ставовите 1 и 2 (право на работа и достапност на работните места секому под еднакви услови), член 51 (согласност на закон со Уставот) и член 55 (слободата на пазарот и претприемништвото) од Уставот.
Потоа, определувањето во член 9 став 2 од Законот лиценците за сите други видови превоз да важат четири години, а само за авто-такси превозот лиценците да важат една година, значело неосновано правење разлика меѓу луѓето и правните субјекти на пазарот и претприемништвото, поради што таквата одредба била неуставна.
Покрај тоа, предвидувањето во член 9 став 4 од Законот обврска за авто-такси превозникот да приложи потврда дека платил данок од вршење на дејноста заради продолжување на лиценцата, во ситуација кога постојат посебни законски механизми за наплатување на неплатен данок, значело ограничување на правото на работа, слободен избор на вработување, достапност на секое работно место секому под еднакви услови, поради што оспорената законска одредба ги повредувала член 8 став 1 алинеите 3 и 7, член 9, член 32 ставовите 1 и 2, членовите 51 и 55 и член 112 став 3 од Уставот.
Исто така, членот 54 став 1 алинеите 3 и 5 од Законот, со унифицирање на бојата и ограничувањето на бројот на возилата, значел повреда на начелото на еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и претприемништвото со оглед дека авто-такси превозниците биле доведени во понеповолна положба во општинскиот јавен превоз на патници од другите превозници иако авто-такси превозот спаѓал во слободен превоз. Понатаму, значел создавање монополска положба на тие што добиле лиценца при ограничување на бројот на авто-такси возила, како и оневозможување на конкуренцијата преку унифицирана боја на возилата и ограничен број на возила. Визуелното разликување на компаниите и бројот на возилата влијаело на препознавањето квалитет и поволна цена, а се наведува исто така дека во ниедна друга дејност не постојат вакви законски ограничувања. Поради сето тоа се смета дека членот 54 став 1 алинеите 3 и 5 од Законот го повредувал член 8 став 1 алинеите 3 и 7, член 9, член 32 ставовите 1 и 2 и членовите 51 и 55 од Уставот на Република Македонија.
Подносителот на иницијативата предлага изрекување на привремена мерка.

5. а) Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 9 став 4 од Законот се определува дека органот надлежен за издавање на лиценците за авто-такси превоз ќе ја продолжи важноста на лиценцата ако авто-такси превозникот, покрај другото, приложи потврда за платен данок од вршење на дејноста.

б) Според член 33 од Уставот на Република Македонија, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Од изнесената уставна одредба произлегува дека граѓаните се должни да плаќаат данок и дека начинот на плаќање се уредува со закон.

Со оглед на тоа што во рамките на уредувањето на начинот на плаќање на данок постојат законски механизми за неизвршување на таа обврска, Судот оцени дека пропишувањето услов – приложување потврда за платен данок од вршење на дејноста заради продолжување на лиценца за авто-такси превоз значи излегување надвор од соодветните законски механизми и намалување на обемот на правото на работа, слободен избор на вработување, достапноста на секое работно место секому под еднакви услови, определени во член 32 ставовите 1 и 2 од Уставот, поради што пред Судот се постави прашањето за согласноста на член 9 став 4 во делот „и приложи потврда за платен данок од вршење на дејноста“ од Законот со означените уставни одредби, па одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. а) Судот, исто така, утврди дека во член 8 став 1 од Законот се определува дека лиценца од членот 7 на овој закон може да добие домашно правно или физичко лице ако ги исполнува следниве услови: … да е сопственик на едно или повеќе регистрирани возила за одделни видови на превоз или да има договор за лизинг … (алинеја 2).

Во член 9 од Законот се определува дека лиценците предвидени во член 7 ги издава Министерството за транспорт и врски, а лиценците за авто-такси превоз на патници ги издава градоначалникот на општината односно за градот Скопје градоначалникот на Градот (став 1). Со оспорениот член 9 став 2 од Законот се предвидува дека лиценците и изводот од лиценците се издаваат со рок на важење од четири години, освен лиценците за авто-такси превоз на патници кои се издаваат со рок на важење од една година.

Во член 53 од Законот се определува дека покрај условите за вршење на авто-такси превоз на патници пропишани со одредбите на овој закон, авто-такси превозниците мораат да ги исполнуваат и условите пропишани од страна на советот на општината или на Советот на градот Скопје. Со член 54 од Законот се предвидува дека со актот на советот на општината или на Советот на градот Скопје се утврдуваат, покрај другото, и условите: бојата на возилата (алинеја 3) и максималниот број на такси возила со кои може да се врши авто-такси превоз на патници (алинеја 5).

б) Според член 8 став 1 алинеите 3 и 7 од Уставот на Република Македонија, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се, покрај другото, владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото.

Со членот 51 од Уставот поблиску се определени некои особини на темелната вредност – владеењето на правото, така што е утврдено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон (став 1) и дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите (став 2).

Во член 55 од Уставот, исто така, поблиску се определени некои особини на темелната вредност – слобода на пазарот и претприемништвото така што е утврдено дека се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото (став 1), дека Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и дека Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот (став 2), како и дека слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето (став 3).

Членот 9 од Уставот определува дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба (став 1) и дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви (став 2).

Покрај тоа, со член 32 од Уставот се определува дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, … (став 1) и дека секому, под еднакви услови му е достапно секое работно место (став 2).

Од друга страна, според член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.

Во таа смисла, со член 56 став 1 на Уставот се определува дека, покрај другото, добрата во општа употреба се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита.

Според тоа, од изнесените уставни одредби, покрај другото, произлегува дека е загарантирана слободата на пазарот и претприемништвото и во таа смисла правото на работа, слободен избор на вработувањето, достапноста на секое работно место секому под еднакви услови. Уредувањето и хуманизацијата на просторот, заштитата и унапредувањето на животната средина се посебна темелна вредност, добрата во општа употреба уживаат посебна заштита и тоа може да предизвика со закон да се ограничи слободата на пазарот и претприемништвото.

Тргнувајќи од уставната уреденост на односите, законодавецот има уставен основ да определи услов за лиценца превозникот да е сопственик на едно или повеќе регистрирани возила или да има возила врз основа на договор за лизинг (член 8 став 1 точка 2 од Законот), афирмирајќи лично, со нови возила и како основна дејност вршење на авто-такси превоз. Во иста функција можат да се разберат законските определувања лиценцата за авто-такси превоз да важи една година (член 9 став 2 од Законот), како и такси возилата да имаат унифицирана боја и да може да се определи максимален број на такси возила со кои може да се врши авто-такси превоз (член 54 став 1 алинеи 3 и 5 од Законот).

Имајќи го предвид изнесеното, Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 8 став 1 точка 2, член 9 став 2 и на член 54 став 1 алинеја 5 од Законот, во оспорените делови, со наведените уставни одредби, поради што одлучи како во точката 2 од ова решение.

7. Во однос на член 54 став 1 алинеја 3 од Законот (за бојата на такси возилата), Судот утврди дека таа законска одредба беше предмет на оценување ( Решение У.бр.1/2006 од 8 март 2006 година за неповедување на постапката), а сега нема основи за поинакво одлучување, поради што согласно на член 28 алинеја 2 од Деловникот на Судот, се одлучи како во точката 3 од ова решение.

8. Во врска со барањето за изрекување на привремена мерка, Судот оцени дека не се исполнети условите определени во член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) со оглед дека не можат да настанат тешко отстранливи последици.

9. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.

10. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.22/2007
2 април 2007 година
С к о п ј е
Лк/Ју

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply