183/2007-0-0

У.бр.183/2007

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 19 март 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 24 став 3 од Колективниот договор на Електростопанство на Македонија, Акционерско друштво за дистрибуција и снабдување со електрична енергија во државна сопственост – Скопје од 16 ноември 2005 година („Службен гласник на ЕСМ“ бр.6/2005 од 30 ноември 2005 година).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот од актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената одредба од Колективниот договор не била во согласност со Уставот на Република Македонија, Законот за работните односи и Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија, затоа што во овие прописи не била предвидена можноста со прекувремена работа да се трансформира во прераспределба на работното време, ниту пак биле овластени работодавачите тоа да го сторат со колективен договор на ниво на дејност, односно на ниво на работодавач. Имено, во оспорената одредба биле употребени зборовите „и наредниот ден“ кој, според иницијативата, можел да биде и неработен ден. Доколку, пак, било работен ден работникот немал право на паричен надоместок за прекувремена работа. Ако работникот продолжел да работи и наредниот ден, после работното време, според оспорената одредба, немал право на паричен надоместок за прекувремена работа. Но, ако наредниот ден бил неработен, тогаш работникот, исто така, немал право на паричен надоместок за прекувремена работа, туку имал само право на слободни платени часови, што не било во согласност со наведените прописи.

Оттука, со оспорената одредба се повредувал член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 9, член 32 ставови 3, 4 и 5, член 51, член 54 ставови 1, 2 и 3 од Уставот на Република Македонија и членовите 106 став 3, 117 став 5 и 120 точка 1 од Законот за работните односи.

3. Судот на седницата утврди дека според член 24 од Колективниот договор на Електростопанство на Македонија, Акционерско друштво за дистрибуција и снабдување со електрична енергија во државна сопственост, работа преку полното работно време (прекувремена работа) се воведува:

– во случај на исклучиво зголемување на обемот на работа;
– во случај кога е потребно продолжување на деловниот, односно производниот процес;
– во случај кога треба да се отстрани оштетување на средствата за работа за да не дојде до прекин на работниот процес;
– во случај кога е потебно да се обезбеди безбедност на луѓето, имотот и прометот;
– и во други случаи на завршување на итни и неодложни работи чие извршување не трпи одлагање.

Во случаите предвидени во ставот 1 на овој член, работникот по завршувањето на работното време останува на работа, а ако заминел од работа, треба да се врати на работното место.

Доколку работите од ставот 1 на овој член продолжат и наредниот ден, работата на тие работни места не се смета за прекувремена работа туку работењето на тие работи ќе се врши со прераспределба на работното време, на начин што остварените часови на прекувремена работа на работникот му се компензираат со исто толку слободни платени часови (час за час) така да неговото работно време да не биде подолго од 40 часа во работната недела (оспорен став).

Работа подолга од полното работно време се воведува со одлука има усмен налог на генералниот директор, односно работникот кого тој ќе го овласти. Одлуката се донесува во писмена форма, а во случај на усмен налог истиот во рок од 3 дена се потврдува со писмена одлука.

Прекувремената работа може да трае најмногу 10 часа неделно, односно 190 часа годишно.

Работникот кој работел прекувремена работа над 150 часа годишно, а не отсуствувал од работа повеќе од 21 работен ден во текот на годината има право на додаток на плата во висина на една просечна плата во Републиката.

За прекувремената работа се води посебна евиденција, а часовите за прекувремената работа се пишуваат во месечната пресметка на платата на работникот.

4. Според член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност. Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Секој вработен има право на соодветна заработувачка. Секој вработен или право на платен дневен, неделен и годишен одмор. Од овие права вработените не можат да се откажат. Остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 54 ставови 1, 2 и 3 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот мжат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите од Уставот, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Според член 105 од Законот за работните односи работникот има право на заработувачка – плата, согласно со закон, колективен договор и договорот за вработување.

Плаќањето на работата по договорот за вработување мора да биде секогаш во парична форма. При исплатата, работодавачот мора да го почитува најнискиот износ определен со колективен договор, во согласност со закон, кој непосредно го обврзува работодавачот.

Платата е составена од основната плата, дел од платата за работната успешност и додатоците, ако со друг закон поинаку не е определено.

Според член 106 став 3 од Законот за работните односи, додатоците се определуваат за посебните услови при работа, кои произлегуваат од распоредот на работното време и тоа за работа во смени, работа во поделено работно време, ноќна работа, продолжена работа, работа во недела, работа во празници определени со закон и додаток за работен стаж.

Според член 117 од Законот за работните односи:

(1) Работникот е должен на барање на работодавачот да врши работа преку полното работно време (прекувремена работа):
1) во случаи на исклучително зголемување на обемот на работата;
2) ако е потребно продолжување на деловниот или производниот процес;
3) ако е нужно да се отстрани оштетување на средствата за работа, што би предизвикало прекинување на работата;
4) ако е потребно да се обезбеди безбедност на луѓето и имотот, како и безбедноста на прометот и
5) во други случаи определени со закон или колективен договор.
(2) Прекувремената работа може да трае најмногу десет часа во текот на една недела и најмногу 190 часа годишно, освен за работите кои поради специфичниот процес на работа не можат да се прекинат или за кои нема услови и можности да се организира работата во смени.
(3) На работникот кој работел над 150 часа подолго од полното работно време, а не отсуствувал од работа повеќе од 21 ден во текот на годината, кај истиот работодавач, работодавачот е должен да му исплати покрај додатокот на плата и бонус во висина од една просечна плата во Републиката.
(4) Работодвачот е должен да води посебна евиденција за прекувремената работа и часовите за прекувремената работа посебно да ги наведе во месечната пресметка на платата на работникот.
(5) Ако работодавачот воведува прекувремена работа подолго од ставот (2) на овој член е должен да изврши прераспоредување на работното време или воведување на нови смени.

Согласно член 120 точка 1 од Законот, работодавачот не смее да наложи работа подолго од полното работно време ако работата може да се изврши со соодветна организација или распределба на работата, распоредување на работното време или во воведување на нови смени.

Со оспорениот став 3 на членот 24 од Колективниот договор на Електростопанство на Македонија, работата преку полното работно време се воведува во определени случаи и доколку истата продолжи наредниот ден, работата на тие работни места, ќе се врши со прераспределба на работното време, на начин што остварените часови на прекувремената работа на работникот му се компензираат со исто толку слободни платени часови (час за час) така што неговото работно време да не биде подолго од 40 часа во работната недела.

Според Судот, со оваа техника не се елиминираат факторите кои доведуваат до прекувремена работа, ниту прекувремената работа како таква во смисла на член 120 од Законот, туку се избегнува плаќањето на прекувремената работа со компензирање во слободни часови. Прераспоредувањето на работното време што како мерка го сугерираат членовите 117 став 5 и 120 од Законот е во функција или на елиминирање на потребата од прекувремена работа подолго од 190 часови, или за елиминирање на прекувремената работа како таква, а не како инструмент кој може да му даде основ на работодовачот на дневна основа фактичката прекувремена работа да ја третира како да не постои. Поради тоа, се постави прашањето за согласноста на оспорениот член со член 105, во врска со член 117 став 5 и член 120 од Законот за работните односи.

Освен тоа, според Судот, кога прекувремената работа продолжува наредниот ден, а работодавачот ќе одлучи работата на тоа работно место да не се смета за прекувремена работа, туку само ќе изврши прераспределба на работното време со тоа што остварените часови на прекувремената работа на работникот му се компензираат со исто толку слободни платени часови, не е во согласност со одредбите од Законот за работните односи, од причина што на овој начин работодавачот избегнува да води точно и прецизно електронско евидентирање на прекувремената работа што е предвидено во член 117 став 4 од Законот за работните односи, со што може да се надмине траењето на прекувремената раобта над предвидените 190 часа годишно. Ова дотолку повеќе што работодавачот е должен да води посебна евиденција на прекувремената работа и часовите за прекувремената работа посебно да ги наведе во месечната пресметка на платата на работникот. Доколку тоа не е сторено, согласно член 259 точка 5 од Законот за работните односи, се пропишува казна и за работодавачот и за одговорното лице.

Тргнувајќи од наведеното, Судот утврди дека оспорениот член 24 став 3 од Колективниот договор на Електростопанство на Македонија – АД за дистрибуција и снабдување со електрична енергија во државна сопственост, основано може да се доведе под сомнение во однос на член 32 од Уставот на Република Македонија, член 105 во врска со член 106 став 3, 117 ставовите 4 и 5 и член 120 точка 1 од Законот за работните односи.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.183/2007
19 март 2008 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply