202/2007-0-0

У.бр.202/2007

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 30 јануари 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 39 точка 8 од Законот за менталното здравје („Службен весник на Република Македонија“ бр.71/2006).

2. Здружението на граѓани „Полио Плус“ од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 39 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорената одредба била противуставна бидејќи ги загрозувала основните слободи и права загарантирани со Уставот на Република Македонија, во овој случај исклучиво за лицата со хендикеп. Понатаму во иницијативата се цитира членот 30 став 1 од Уставот, кој ја гарантира сопственоста за сите граѓани, а дека тоа било така произлегувало и од членот 14 точка 7 од Законот за менталното здравје. Имено, оваа одредба уредувала кои лица со ментална болест имале право да поседуваат предмети за лична употреба, за облекување, обезбедување на лична хигиена, како и за други лични и неопходни потреби во согласност со состојбата на нивното ментално здравје.

Меѓутоа, според формулацијата на оспорената одредба и според дискреционото право на Државниот санитарен и здравствен инспектор ат тој имал право и должност да нареди да се овозможи на лице со ментална болест поседување на предмети за лична употреба за облекување, обезбедување на лична хигиена, како и за лични и неопходни потреби во согласност со состојбата на неговото ментално здравје. Ако пак сметал дека тоа не е во согласност со менталната болест немал да издаде таква наредба, со што на тоа лице му се повредувало уставно-гарантираното право на сопственост. Бидејќи такви и други ограничувања не постоеле за другите граѓани во Република Македонија, оспорената одредба можела да се смета и како дискриминаторска со оглед на тоа што на лицето со ментална болест му се давал друг третман со што се вршело повредување-прекршување на еднаквоста во уживањето на правата.

Според наведеното со оспорената одредба се повредувале членот 8 став 1 алинеи 1, 3 и 6, членот 9, членот 30, членот 51 и членот 54 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека, според содржината на член 39 точка 8 од Законот за менталното здравје, во вршењето на надзорот од членот 38 став 2 на овој закон Државниот санитарен и здравствен инспекторат има право и должност да нареди да се овозможи на лице со ментална болест поседување на предмети за лична употреба за облекување, обезбедување на лична хигиена, како и за други лични и неопходни потреби во согласност со состојбата на неговото ментално здравје.

4. Според членот 8 став 1 алинеи 1, 3 и 6 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утвр дени со Уставот, владеењето на правото и правната заштита на сопственоста се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според членот 30 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување (став 1). Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата (став 2). Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон (став 3).

Понатаму, пристапувајќи кон анализата на оспорената одредба од аспект на наводите од иницијативата Судот изврши увид и во целината на Законот за менталното здравје, како и на целината на Законот за санитарна и здравствена иснпекција (“Службен весник на Република Македонија“ бр.71/2006) и го утврди следното:

Постоење ментална болест кај конкретно лице може да дијагностицира само лекар специјалист-психијатар, според дијагностичките критериуми засновани на медицина базирана на докази.

За време на престојот во здравствената установа на лицата со ментална болест покрај општите права и обврски му се овозможува остварување и на посебни права како што се правата од членот 14 точка 7 од Законот за менталнот о здравје, на која одредба посочува подносителот на иницијативата (право да поседува предмети за лична употреба, за облекување, обезбедување на лична хигиена, како и за други лични и неопходни потреби во согласност со состојбата на неговото ментално здравје). Значи станува збор за одредба со која се овозможува остварување на одредено право.

Лекар специјалист во согласност со состојбата на ментално здравје на пациентот определува дали наведеното право (член 14 точка 7) ќе биде ограничено а со цел заштита на здравје на пацентот или пак здравјето на останатите лица во неговото опкружување.

Исто така и оспорениот член 39 точка 8 од Законот е поставен како одредба со која се овозможува остварување на даденото право од членот 14 точка 7, но овој пат Државниот санитарен и здравствен инспекторат е тој што по повод инспекцискиот надзор над спроведувањето на законот има право и должност да нареди да се овозможи користење на претходно, без постоење на медицински основ, ограниченото право на лице со ментална болест. Оттаму и оспорениот член 39 точка 8 од Законот е поставен како одредба со која се овозможува остварување на право кое претходно било оневозможено, што значи дека не може да се разгледува како одредба со која се повредува сопственоста, напротив со неа се овозможува поседување, користење на предметите за лична употреба и хигиена.

Заедничко пак и за членот 14 точка 7 и за оспорениот член 39 точка 8 од Законот е што поаѓаат од здравствената состојба на пациентот, од која ќе зависи дали лицето со ментална болест ќе ги користи дадените права или дали ќе му биде овозможено користење на ограничените права. Ова се со цел заштита на здравјето на самото лице но и на трети лица од можни физички повреди кои би можеле да произлезат од природата на болеста.

Прашањето пак дали Државниот санитарен и здравствен инспекторат во конкретна ситуација нема да издаде наредба, иако постојат околности за овозможување на остварувањето на даденото право, не спаѓа во доменот на уставно-судски прашања, туку е фактичко прашање или пак повеќе е прашање на конкретна примена на Законот.

Поради наведените причини како и поради фактот што ограничувањето на одделни права на лицата со ментална болест е секогаш во функција на заштита на нивното здравје нема место за оценување на оспорената одредба од аспект на еднаквоста во уживањето на правата или по однос на согласноста со членот 9 од Уставот.

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека оспорениот член 39 точка 8 од Законот за менталното здравје е во согласност со членот 9 и членот 30 од Уставот.

По однос на можната повреда на член 8 став 1 алинеја 1, 3 и 6, член 51 и член 54 од Уставот во иницијативата не се содржани конкретни наводи.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнизинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.202/2007
30 јануари 2008 година
С к о п ј е
мл

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply