180/2007-0-0

180/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 16 јануари 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 5 став 2 и член 26 став 1 од Законот за градежните производи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 39/2006).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точка 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, суштинските барања за градежните објекти кои мора да бидат исполнети, можеле да бидат пропишани само со закон, а не и со подзаконски акт на министерот, поради што овластувањето на министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на економијата, утврдено во оспорениот член 5 став 2 од Законот, да ги пропише суштинските барања за градежните објекти, при што во Законот за градежните производи не биле определени критериуми и параметри за пропишување на суштинските барања за градежните објекти, значело повреда на член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 51, член 61 став1, член 68 став 1 алинеја 2, член 91 алинеите 1 и 5, член 95 став 3 и член 96 од Уставот на Република Македонија.

Исто така, трошоците за инспекциски надзор, кои се однесуваат за трошоци за анализи, во случај да завршиле негативно за обврзникот, не требало да бидат на товар на обврзникот, како што било утврдено во оспорениот член 26 став 1 од Законот, туку требало да бидат на товар на државата, исто како и за трошоците за инспекцискиот надзор кои се однесуваат на трошоци за анализи, во случај да завршиле позитивно за обврзникот, поради што со оспорената одредба се повредувал член 8 став 1 алинеја 3, член 9 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби од Законот за градежните производи.

3. Судот на седницата утврди дека согласно член 5 став 2 од Законот за градежните производи, министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на економијата, ги пропишува суштинските барања за градежните објекти од ставот 1 на овој член.

Согласно член 26 став 1 од истиот закон, трошоците за инспекциски надзор, кои се однесуваат на трошоци за анализи, во случај да завршиле негативно за обврзникот, се на товар на обврзникот.

4. Според член 8 став 1 алинеите 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законите.

Согласно член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија, кое според членот 61 е носител на законодавната власт на Републиката, донесува закони и дава автентично толкување на законите.

Според член 95 став 3 од Уставот, организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, а според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Со Законот за градежните производи се уредуваат условите за пуштање на градежни производи на пазар, постапките за атестирање на сообразноста со техничките спецификации, спроведувањето на посебни постапки за признавање на сообразноста и други прашања од значење за градежните производи (член 1).

Согласно член 3 на овој закон, производите можат да се пласираат на пазарот само ако се соодветни на нивната употребна намена, што подразбира, објектите во кои производите ќе бидат вградени (под услов објектите да се проектирани и изградени според прописите за градење на објекти), да ги исполнуваат суштинските барања утврдени со овој закон.

Суштинските барања за градежните објекти кои мора да бидат исполнети, ако се пропишани со прописи за градење на градежни објекти, кои треба да се почитуваат при утврдувањето на бараните особини на градежните производи за време на нивниот економски прифатлив работен век, се утврдени во член 5 став 1 од овој закон, и тие се: механичка отпорност и стабилност, заштита од пожар, хигиенска и здравствена заштита и заштита на животната средина, безбедност при употреба, заштита од бучава и штедење енергија и задржување на топлината. Согласно ставот 2 на овој член, министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на економијата, ги пропишува суштинските барања за градежните објекти од ставот 1 на овој член.

Од анализата на наведените уставни и законски одредби, како и од целината на Законот за градежните производи и образложението за неговото донесување, произлегува дека со овој закон, за првпат по осамостојувањето на Република Македонија, се усогласува материјата во областа на градежништвото со законодавството на Европската Унија, како и се создаваат услови за пласман на домашните градежни производи на европскиот пазар. Исто така, се оценува дека имплементирањето со овој закон на Директивата 89/106 ЕЕС, која се однесува на градежните производи во домашното законодавство, значително ќе придонесе за развој на техничко-технолошките основи на домашното производство. Ова од причина што прописите кои ќе се донесуваат врз основа на овој закон, задолжително ќе мора да ги следат техничките барања за производите присутни на европскиот пазар, а тоа од своја страна ќе наложува постојана потреба од модернизација на домашното производство.

Во оваа смисла, со Законот се утврдува дека градежните производи може да се пласираат на пазарот само ако се соодветни на нивната употребна намена и ако ги исполнуваат суштинските барања за градежните објекти кои се утврдени со овој закон. Притоа, законодавецот условува дека суштинските барања за градежните објекти мора да бидат исполнети, ако се пропишани со прописите за градење градежни објекти, кои треба да се почитуваат при утврдувањето на бараните особини на градежните производи за време на нивниот економски прифатлив работен век.

Со оспорениот став 2 на членот 5 од Законот, се овластува министерот за економија со подзаконски пропис да ги пропише суштинските барања за градежните објекти, кои се утврдени со ставот 1 на истиот член.

Имајќи ја предвид наведената законска регулатива, и посебно содржината на оспорената одредба и причините поради кои се оспорува нејзината уставност, Судот оцени дека наводите во иницијативата за тоа дека суштинските барања за градежните објекти можеле да бидат пропишувани само со закон, а не и со подзаконски акт на министерот и дека Законот не содржел определени критериуми и параметри за пропишување на суштинските барања со акт на министерот, се неосновани. Ова од причина што е неспорно дека законодавецот ги утврдил суштинските барања за градежните објекти, и тоа: механичка отпорност и стабилност, заштита од пожар, хигиенска и здравствена заштита и заштита на животната средина, безбедност при употреба, заштита од бучава и штедење енергија и задржување на топлината, а на министерот за економија му препуштил поблиску да ги пропише овие барања, водејќи сметка за почитување на економски прифатливиот работен век на градежните производи, што според Судот, е во функција на операционализација на законската одредба од ставот 1 на членот 5 од Законот.

Притоа, Судот оцени дека подносителот на иницијативата погрешно го толкува терминот „пропишува“ употребен во оспорената законска одредба, давајќи му значење на терминот „утврдува“ употребен во членот 3 на Законот. Имено, видно од претходно наведената законска регулатива, неспорно произлегува дека законодавецот таксативно ги утврдил суштинските барања за градежните објекти, а министерот е овластен поблиску да го пропише нивното значење.

Со оглед дека оспореното овластување на министерот за економија е во функција на доразработка на законската одредба со која се утврдени суштинските барања за градежните објекти и не значи навлегување на извршната во законодавната власт, Судот оцени дека не стојат наводите во иницијативата дека со оспорената одредба се повредувале владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија утврдени со член 8 став 1 алинеите 3 и 4 од Уставот.

5. Инспекциски надзор над исполнувањето на барањата од овој закон и на прописите донесени врз основа на овој закон, во врска со градежните производи кои биле пуштени на пазарот, врши Државниот пазарен инспекторат . Во Законот се утврдува дека покрај овластувањата и мерките кои произлегуваат од одделни прописи и се однесуваат на нивната работа, државните пазарни инспектори имаат и посебни овластувања, кои се децидно утврдени со овој закон (член 25).

Согласно оспорениот член 26 став 1 од Законот, трошоците за инспекциски надзор, кои се однесуваат на трошоци за анализи, во случај да завршиле негативно за обврзникот, се на товар на обврзникот. Оваа одредба се оспорува со иницијативата од аспект на тоа дека ја повредувала еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, утврдена со член 9 од Уставот, како и значела повреда на начелото на владеење на правото гарантирано со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и повреда на уставната обврска утврдена во член 51 од Уставот, според која законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

При анализа на оспорената одредба од аспект на наводите во иницијативата, Судот го имаше предвид Законот за државната пазарна инспекција („Службен весник на Република Македонија“ број 35/1997, 23/1999, 07/2002 – 20/2002 пречистен текст), со кој се уредува надлежноста, овластувањата и организацијата на Државниот пазарен инспекторат.

Согласно член 18 од овој закон, ако во текот на надзорот било потребно да се извршат испитувања (анализи или некои други вештачења), трошоците на испитувањата ги плаќа странката непосредно на стручната организација која го извршила испитувањето. Согласно член 21 на истиот закон, во вршење на надзорот пазарните инспектори ги применуваат одредбите на Законот за општата управна постапка, ако со закон не е поинаку определено.

Законот за општата управна постапка (‘’Службен весник на Република Македонија’’ број 38/2005) на генерален начин ја уредува проблематиката на трошоците во управната постапка и во правниот поредок е поставен како Lex generalis во однос на сите управни постапки. Согласно член 116 од овој закон, посебните издатоци во готови пари на органот што ја води постапката, како што се: патните трошоци на службените лица, издатоците за сведоци, вештаци, толкувачи, увид, огласи и слично, а кои настанале со спроведување на постапката по некоја управна работа, по правило ги поднесува оној што ја предизвикал целата постапка. Кога лицето кое учествува во постапката по своја вина или несоодветно однесување ќе предизвика трошоци за одделни дејствија во постапката, должно е да ги поднесе тие трошоци. Кога постапката што е поведена по службена должност е завршена поволно за странката, трошоците на постапката ги поднесува органот што ја повел постапката.

Од анализата на наведените законски одредби произлегува дека законодавецот, при уредувањето на управната постапка, се определил дека во текот на управната постапка, издатоците кои настанале со спроведување на постапката по некоја управна работа, по правило ги поднесува оној што ја предизвикал целата постапка. По исклучок, во случај кога постапката што е поведена по службена должност е завршена поволно за странката, трошоците на постапката ги поднесува органот што ја повел постапката.

Во оваа смисла и со оспорената одредба од Законот за градежните производи, законодавецот определил дека трошоците за инспекцискиот надзор, кои се однесуваат на трошоци за анализи, во случај да завршиле негативно за обврзникот, паѓаат на товар на обврзникот. Оттука, Судот оцени дека ваквата регулатива во Законот за градежните производи е во целост во согласност со регулативата со која се уредува прашањето на трошоците во управната постапка утврдени во Законот за управната постапка и Законот за Државната пазарна инспекција, на кој начин се обезбедува принципот на владеење на правото, утврден со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Наведениот принцип според кој трошоците во постапката паѓаат на товар на странката која ја предизвикала постапката, со исклучок на трошоците кога постапката што е поведена по службена должност е завршена поволно за странката, во кој случај трошоците на постапката ги поднесува органот што ја повел постапката, кој принцип има целосна имплементација во оспорената одредба од Законот за градежните производи, според Судот, во никој случај не може да се прифати како промовирање нееднаков третман на граѓаните пред Уставот и законите, како што се наведува во иницијативата. Ова од причина што станува збор за единствен, генерален начин на уредување на прашањето за трошоците во управната постапка, кој се однесува на сите учесници во постапката кога се наоѓаат во иста правна положба, поради што Судот дека оцени наводите во иницијативата за повреда на членот 9 од Уставот, се неосновани

Поаѓајќи од наведеното, Судот не го постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од член 26 став 1 од Законот за градежните производи со член 9, член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.180/2007
16 јануари 2008 година

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply