197/2007-0-0

197/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 9 јануари 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Одлуката за преземање на водоводот на МЗ Љубаништа, донесена од Советот на општина Охрид, бр.07-561/25 од 31 март 2006 година, објавена во “Службен гласник на општина Охрид” број 3 од 4 април 2006 година.

2. Здружението на граѓани “Љубители на Љубаничкиот крај”-Љубаниште, преку претседателот Крсте Велески од Охрид на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во точка 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оспорената одлука се вршела промена на титуларот на сопственоста и водоводот го преземала општината Охрид во своја сопственост и потоа како таква ја пренесувала на користење, стопанисување и управување на МЈП “Проаква” – Струга.

Ваквото одземање на сопственоста според подносителот на иницијативата, не било во согласност со Уставот на Република Македонија поточно со член 30 од Уставот и било во спротивност со една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – правната заштита на сопственоста предвидена во член 8 став 1 алинеја 6 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената Одлука за преземање на водоводот од МЗ Љубаништа, донесена од Советот на општина Охрид, содржи 3 (три члена). Во членот 1 од оваа одлука се предвидува дека со оваа одлука општина Охрид го презема водоводот од МЗ Љубаништа.

Според член 2 на истата Одлука, водоводот во с. Љубаништа се пренесува на користење, стопанисување и управување на МЈП „Проаква“ – Струга.

Според член 3 на оспорената Одлука, оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе биде објавена во „Службен гласник на општина Охрид“.

4. Според членот 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Поаѓајќи од правните елементи што го определуваат прописот, според кој тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и на неопределен број на субјекти во правото, Судот оцени дека оспорената одлука нема карактер на пропис,поради што не е подобна за уставно судска оцена.

Имено, со оспорената Одлука, Советот на општина Охрид, водоводот во с. Љубаништа го пренесува на користење, стопанисување и управување на МЈП „Проаква“ – Струга.

Со оглед на фактот што оспорената Одлука нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, бидејќи не уредува односи на општ начин и за неопределени субјекти, туку напротив претставува правен однос со кој се регулираат права и обврски на две страни, во случајов на општина Охрид и МЈП „Проаква“ – Струга, односно е акт кој има дејство inter partes и претставува конкретно насочување на една активност и истата нема нормативен карактер, односно не регулира односи од општ карактер, Судот утврди дека не е надлежен за оценување на нејзината согласност со Уставот, поради што се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.197/2007
9 јануари 2008 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply