248/2007-0-0

248/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 26 декември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Законот за даноците на имот („Службен весник на Република Македонија“ бр.61/2004 и 92/2007) и Методологијата за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот („Службен весник на Република Македонија“ бр.50/2005).

2. Здружението на пензионираните работници од органите за внатрешни работи на Република Македонија – Скопје поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за даноците на имот и Методологијата за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот, означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорениот Закон, согласно членот 98, влегол во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, односно на 21 септември 2004 година, а се применувал од денот на конституирањето на советите на општините и на градот Скопје и изборот на градоначалниците на општините и градоначалникот на градот Скопје. Оспорената Методологија која била донесена од Владата на Република Македонија, согласно членот 23, влегла во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“ односно на 27 јуни 2005 година, а се применувала од 1 јули 2005 година.

Со оглед на тоа што со Законот се уредувал начинот на оданочувањето на имотот, а со Методологијата се утврдувала пазарната вредност на недвижниот имот како основа за пресметување на данокот на имот, и тие се однесувале за целокупниот имот од поранешен до сегашен период, тоа значело дека оспорениот Закон и Методологија имале ретроактивно дејство и го регулирале данокот, спротивно на членот 52 став 4 од Уставот.

Според наводите во иницијативата, пред донесувањето и влегувањето во сила на оспорениот Закон и оспорената Методологија, имотот на граѓаните веќе бил проценет и имал основа на која се донесувале решенијата за плаќање на данокот секоја година, па неосновано врз основа на новиот Закон и Методологија, тој ист имот на граѓаните бил предмет на ново пресметување и оданочување со износи кои биле многукратно зголемени, и практично со тоа Законот и Методологијата биле и ретроактивно применувани од надлежните органи на локалната самоуправа.

Од овие причини, оспорениот Закон и оспорената Методологија, не биле во согласност со членот 52 став 4 и со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека со Законот за даноците на имот се уредува начинот на оданочувањето на следниве видови даноци на имот: 1. Данокот на имот (член 3 до член 9); 2. Данокот на наследство и подарок (член 10 до член 18) и 3. Данокот на промет на недвижности (член 19 до член 25).

Со останатите одредби од Законот, се уредува „утврдувањето и наплатата на даноците на имот“ (надлежни органи за утврдување и наплата, решенија за данок, обврзници на данокот, регистар на недвижен и подвижен имот, одлагање на извршување, постапка и начин за обезбедување на плаќање на даночен долг, односно даночна обврска, жалба, присилна наплата, јавна продажба, камата за ненавремено платен данок, гаранција, враќање на повеќе или на погрешно уплатен данок, отпис на даночни обврски, застареност), потоа, се уредува „надзорот“ и се содржани „прекршочните одредби„ и „преодните и завршни одредби“.

Според членот 96 од Законот, со денот на примената на овој закон престанува да важи Законот за даноците на имот („Службен весник на Република Македонија“ број 80/1993, 3/1994, 7/1996, 54/2000 и 24/2003).

Според членот 97 од Законот, постапките за утврдување и наплата на даноците на имот што не се завршени до отпочнување на примената на овој закон, ќе се завршат според прописите што важеле до отпочнувањето на примената на овој закон.

Судот, исто така утврди дека со Методологијата за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот се утврдува пазарната вредност на недвижниот имот, како основа за пресметување на данокот на имот, данокот на наследство и подарок и данокот на промет на недвижности.

Според членот 2 од Методологијата, пазарната вредност на имотот која може да се постигне во слободниот промет во моментот на настанување на даночната обврска се утврдува на видовите недвижен имот кои се подробно наведени во овој член (згради, земјишта и други градежни објекти).

Со останатите одредби од Методологијата поодделно се уредува пресметувањето на пазарната вредност по видовите на имот.

4. Согласно членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Со членот 52 став 4 од Уставот е утврдено дека законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Во Законот за даноците на имот во членот 1 е определено дека предмет на уредување е начинот на оданочувањето на следниве видови даноци на имот: данок на имот, данок на наследство и подарок и данок на промет на недвижности.

Во делот на одредбите од Законот, кои се однесувааат за „данокот на имот“, со членот 3 е уредено дека данокот на имот се плаќа на недвижен имот, освен за оној имот кој е ослободен од плаќање на данок според овој закон.

Со членот 5 став 1 од Законот е уредено дека основа на данокот на имот претставува пазарната вредност на недвижниот имот.

Според ставот 2 од овој член од Законот, за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот, советот на општината, советот на општините на градот Скопје и Советот на градот Скопје формираат комисија.

Според ставот 3, пазарната вредност од ставот 1 на овој член од Законот се утврдува според Методологијата за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот.

Со ставот 4 е определено дека Методологијата за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот од ставот 3 на овој член од Законот, ја пропишува Владата на Република Македонија, на предлог на министерот за финансии.

Според членот 7 од Законот, даночна обврска за данокот на имот настанува со денот на стекнувањето на имотот, издавањето на одобрение за употреба на недвижниот имот од надлежен орган или од денот на отпочнување на користењето на имотот на обврзникот на данокот.

Со членот 96 од Законот е определено дека со денот на примената на овој закон престанува да важи Законот за даноците на имот („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/1993, 3/1994, 71/1996, 54/2000 и 24/2003).

Според членот 98 од Законот, овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе се применува од денот на конституирањето на советите на општините и на градот Скопје и изборот на градоначалниците на општините и градоначалникот на градот Скопје по спроведување на првите наредни локални избори согласно со Законот за локалните избори.

Владата на Република Македонија, врз основа на членот 5 став 4 од Законот за даноците на имот, ја донела Методологијата за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот, со која се утврдува пазарната вредност на недвижниот имот, како основа за пресметување на данокот на имот, данокот на наследство и подарок и данокот на промет на недвижности.

Според членот 23 од Методологијата, таа влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе се применува од 1 јули 2005 година.

Според Уставниот суд, со Законот за даноците на имот и со Методологијата за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот, не се регулира повратно дејство на одредбите со кои се уредува предметната материја, и јасно е уредено дека тие по нивното влегување во сила и примена важат за идни односи на утврдување на даночната основица на имоти за кои таа не е утврдена и кои се појавуваат како иден предмет на данок за кој ќе се утврдува основицата. Имено, не е регулирано за поранешни имоти со веќе утврдени даночни основи да се врши ново утврдување на даночна основа.

Методот на пресметување на даночната основица што е утврден со наведениот Закон и операционализиран со Методологијата, претставува пазарната вредност на недвижниот имот во моментот кога таа се пресметува само во време на настанувањето на даночната обврска.

Судот оцени дека доколку би било поинаку, во смисла даночната основа која е врзана со пазарната вредност, да се менува со идни промени на пазарната вредност на имотот, тоа би значело основицата постојано и непрегледно да се менува и движи не само по истекот на даночната година туку и во пократки временски периоди (различни движења и во деновите и месеците бидејќи пазарната вредност варира од политички, социо-економски, демографски и други состојби кои имаат одраз на пазарот на недвижности).

Поаѓајќи од изнесенава уставно судска анализа, а имајќи ги предвид наводите во иницијативата, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените Закон и Методологија со Уставот, од аспект на членот 52 став 4 од Уставот, а со тоа и со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, односно неможе од овој аспект уставно да се проблематизираат бидејќи не регулираат повратно дејство на нормите, а со тоа не се повредува и принципот на владеењето на правото. Притоа треба да се има предвид дека не е во надлежност на Судот оценката на примената и имплементација на оспорените акти од надлежните органи, на што во дел се посочува во наводите во иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.248/2007
26 декември 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply