210/2007-0-0

210/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 5 декември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за распишување на јавен оглас за прием на кандидати во Академијата за обука на судии и јавни обвинители и нивни заменици на Република Македонија за следење на програмата за почетна обука за 2007/2008 година, донесена од Управниот одбор на Академијата за обука на судии и јавни обвинители на 4 јуни 2007 година.

2. Митко Петрески, адвокат од Охрид на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, определувањето во оспорената одлука почетната обука да биде за точен број на слободни места за судии и заменици јавни обвинители во точно наведени судови и обвинителства, а не бројот на кандидатите за обука да биде 50% од потребниот број судии и обвинители во тие судови и обвинителства (останатите 50% слободни места требало да ги објави Судскиот совет на Република Македонија и изборот да го изврши од кандидатите кои ги исполнуваат условите утврдени во член 43 ставовите 1 и 2 од Законот за судовите – „Службен весник на Република Македонија“ бр.36/1995, 45/1995 и 64/2003, без нивно посетување почетна обука во Академијата), значело дека сите наведени слободни места по завршувањето на почетната обука ќе биле пополнети со тие кандидати, со што тие слободни места станувале недостапни за кандидатите што ги исполнуваат условите од член 43 ставовите 1 и 2 од Законот за судовите – „Службен весник на Република Македонија“бр.36/1995, 45/1995 и 64/2003, а не посетувале почетна обука во Академијата иако имале такво право според член 126 став 2 од Законот за судовите – „Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2006 и 62/2006, поради што Одлуката не била во согласност со наведената законска одредба и со уставното начело на еднаквост.

3. Судот на седницата утврди дека Одлуката содржи четири члена. Во член 1 се определува дека Академијата „распишува јавен оглас за прием на кандидати за следење на почетната обука за судии и заменици јавни обвинители“ и тоа 25 слободни места од кои: 15 судиски места во 9 основни судови (Скопје I, Охрид, Куманово, Гостивар, Битола, Штип, Велес, Кратово и Виница) и 10 заменички – обвинителски места во 10 основни обвинителства (Кавадарци, Прилеп, Скопје, Охрид, Радовиш, Свети Николе, Тетово, Куманово, Струмица и Велес). Со член 2 од Одлуката се задолжува Стручната служба на Академијата да изврши техничка обработка на јавниот оглас и негово објавување, а во член 3 се определуваат органите до кои се доставува Одлуката – Судскиот совет на Република Македонија, Советот на јавни обвинители и министерот за правда, заради назначување членови на комисијата за квалификација и прием на кандидати. Со член 4 од Одлуката се определува дека таа влегува во сила на денот на нејзиното донесување.

4. Според член 110 ставовите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Со оглед на тоа што Одлуката е конкретен акт со кој се определува еднократно дејство – распишување јавен оглас заради прием на кандидати кои би следеле почетна обука за судии и заменици јавни обвинители во конкретни основни судови и основни јавни обвинителства, таа не е пропис во смисла на член 110 на Уставот на Република Македонија односно не е акт со кој на општ начин се уредуваат односи на неопределен број субјекти и на неопределено време, поради што Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да ја оценува согласноста на Одлуката со уставните и законските одредби.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.210/2007
5 декември 2007 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply