5/2007-0-0

5/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 28 ноември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на

– уставноста на Законот за условите за засновање на работен однос со странски државјанин (“Службен лист на СФРЈ” бр.11/1978, 64/1989 и “Службен весник на Република Македонија” бр.12/1993), и

– уставноста и законитоста на Упатството за поднесување на барање за издавање и за давање на одобренија за засновање на работен однос со странски државјанин (“Службен лист на СФРЈ” бр.51/1981).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста на Законот за условите за засновање на работен однос со странски државјанин и уставноста и законитоста на Упатството за поднесување на барање за издавање и за давање на одобренија за засновањен на работен однос со странски државјанин.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот Закон и Упатството не биле во согласност со член 1, член 8 став 1 алинеја 3, член 29 став 1, член 32 ставовите 1 и 5 и член 51 од Уставот, како и со член 6 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Макеоднија со оглед на фактот што тие се донесени во време на федеративно уредена заедница во чии состав била и Социјалистичка Република Македонија, а чиј уставен поредок се засновал врз сосема поинакви политички и економски основи, поради што овие прописи не кореспондирале со уставниот поредок воспоставен со Уставот на Република Македонија. Ова од причини што од анализата на решенијата предвидени во овие прописи произлегувало дека се засновани врз основа на социјалистичко самоуправно општествено уредување кое не постои во уставниот поредок на Република Македонија што може да се утврди и од употребените термини како што се Социјалистичка Федеративна Република Југославија, ЈНА, сојузен секретар за народна одбрана и други кои не се согласни со термините што се употребени во Уставот на Република Македонија.

Понатаму во иницијатиата се наведува дека согласно член 13 од оспорениот Закон, според кој се овластува сојузниот орган надлежен за работи на трудот и вработувањето, Сојузниот комитет за труд, здравство и социјална заштита го донел оспореното Упатство во кое доминираат термини кои одамна не постојат во уставниот и правниот поредок на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека со Законот за условите за засновање на работен однос со странски државјанин, кој согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија е преземен како републички пропис и Законот за изменување и дополнување на Законот за условите за засновање на работен однос со странски државјанин, донесен од Собранието на Република Македонија се уредуваат прашањата кои се однесуваат на можноста за засновање на работен однос на странски државјанин и лице без државјанство со претпријатие, организација од општествена дејност, банка и друга финансиска организација, организација за осигурување, задруга и со други фирми за соработка и заедничко работење со странски лица како и со работен човек кој самостојно врши дејност со личен труд, односно со личен труд и со средства во сопственост на граѓаните, односно со граѓанско, правно и физичко лице со земјоделско стопанство, претставништво и конзуларно претставништво во СФРЈ (работодавец) ако ги исполнува општите услови утврдени со закон, со колективен договор и со општ акт (статут, правила и други самоуправни општи акти за вршење на работи на работно место за кои засновал работен однос и посебни услови со овој закон.

Судот понатаму, утврди дека врз основа на член 13 од наведениот Закон, Сојузниот комитет за труд, здравство и социјална заштита го донел оспореното Упатство за поднесување на барање за издавање и давање одобрение за засновање на работен однос со странски државјанин (“Службен лист на СФРЈ” бр.51/1981).

Со наведеното Упатство се пропишува спроведување на одредбите од членовите 3 до 5 од Законот за условите за засновање работен однос со странски државјанин во поглед на начинот на поднесување барање за издавање одобрение за засновање на работен однос со срански државјанин.

Судот исто така утврди дека на 28 мај 2007 година Собранието на Република Македонија донело Закон за вработување и работа на странци (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/2007).

Според член 53 од наведениот закон, со денот на отпочнување на примената на овој Закон престанува да се применува Законот за условите за засновање на работен однос со странски државјанин (“Службен лист на СФРЈ” бр.11/1978 и 64/1989 и “Службен весник на Република Македонија” бр.12/1993).

Според член 54 од Законот, тој влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето, а ќе започне да се применува по три месеци од денот на неговото влегување во сила.

Во рок од три месеци од денот на влегувањето во сила на законот, министерот надлежен за работите од областа на трудот ќе ги донесе подзаконските акти предвидени со овој закон (член 50).

Постапките кои се започнале пред денот на влегување во сила на овој закон во согласност со одредбите од Законот за условите за засновање работен однос со странски државјанин ќе се завршат во согласност со овој закон, доколку овој закон е поповолен за лицата кои се вклучени во тие постапки (член 51).

4. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби како и утврдената фактичка состојба од која произлегува дека оспорениот Закон престанал да важи со донесување на Законот за вработување и работа на странци, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата за поведување на постапка за оценување уставноста на оспорениот Закон.

5. Воедно, Судот ја отфрли иницијативата за оценување уставноста и законитоста и на оспореното Упатство, затоа што, тоа не содржи норми со кои се регулираат односи на општ начин, туку содржи исклучиво технички норми за начинот на пополнување на обрасците за барање за издавање на одобрение од страна на барателите и начинот на пополнување на обрасците за давање на одобрение за засновање на работен однос од страна на надлежниот орган, и тоа служи за извршување на одредбите на самиот закон.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.5/2007
28 ноември 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply