Решение У.бр.178/2007

У.бр.178/2007

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 21 ноември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Орданчо Пецов од Неготино за заштита на слободи и права повредени со Одлуката за избор на кандидат по оглас за вработување бр.04-6072/3, донесена од Државниот секретар на Министерството за економија на Република Македонија на 1 август 2007 година.

2. Орданчо Пецов од Неготино, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата кои му биле повредени со Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на барањето со оспорената одлука за избор на кандидат по оглас за вработување, донесена од државниот секретар на Министерството за економија му биле повредени слободите и правата кои биле загарантирани со:

1) Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи – член 14 (забрана на дискриминација), член 17 (забрана на злоупотреба на правата) и Протоклот бр.12 од 2000 година – членот 1 (општа забрана на дискриминација).

2) Членовите 9, 23 и 32 од Уставот на Република Македонија, како и членот 6 (забрана на дискриминација), член 7 (директна и индиректна дискриминација) и член 9 (вознемирување) од Законот за работните односи.

Во барањето се наведува дека на објавениот оглас бр.113/2007 од Агенцијата за државни службеници на ден 2 јуни 2007 година за вработување на државни службеници во Министерството за економија – Државен пазарен инспекторат, за работните места: раководител на Сектор за инспекциски надзор, Раководител на одделение за инспекциски надзор Битола со градовите Прилеп, Ресен, Крушево и Демир Хисар и Раководител на Одделение за инспекциски надзор Неготино со градовите Кавадарци и Велес, подносителот на барањето конкурирал на 5 јуни 2007 година го положил стручниот испит, освоил максимален број на поени за сите работни места и бил на интервју во Министерството за економија – одговорил успешно на сите поставени прашања.

На 4 август 2007 година добил известување бр.04-6072/3 од 1 август 2007 година со кое бил информиран дека на работните места 1 и 3 биле избрани други кандидати но на број 2 не бил извршен изборот, од причина што имало само еден кандидат. Подносителот на барањето поставува прашање: колку кандидати требало да има и во кој закон пишува, ова била чиста дискриминација по основ на социјално потекло и општествена положба, се дискриминрале кандидатите со слаба имотна состојба. Другите двајца кандидати кои конкурирале и биле на интервју само за едно работно место, биле примени на тие работни места, а само м-р Орданчо Пецов (подносителот на барањето) не бил примен на ниту едно работно место, поради што смета дека бил дискриминран по основ на општествена положба, бидејќи бил невработен со тешка економска состојба и затоа не го примиле на работа, меѓутоа тој не наведува никакви аргументи за негова дискриминација и нееднаков третман од другите граѓани.

Понатаму, подносителот на барањето наведува дека како магистер по науки стручно и професионално би ја извршувал својата работа, ќе допринел во борбата против митото и корупцијата и дека имал стручни можности за справување со корупцијата и така натаму.

3. Согласно членот 8 став 1 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, претставуваат една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Во вториот дел од Уставот, кој се однесува на „Основните слободи и права на човекот и граѓанинот“, со одредбите од членовите 9 – 60 се утврдени граѓанските и политичките слободи и права, економските, социјалните и културните права, потоа гаранциите на основните слободи и права и основите на економските односи.

Со Уставот начелно се дефинирани основните слободи и права на човекот и граѓанинот, нивната конкретизација е во законите и другите прописи и општи акти, а за имплементацијата на прописите врз конкретни ситуации постои судска заштита и надлежност на други органи во организацијата на власта.

Согласно членот 108 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија е орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста.

Според членот 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според алинеја 3 од овој член од Уставот, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Значи, посебно уставносудската заштита не се однесува на сите слободи и права утврдени со Уставот, туку на дел од нив. Тие се како надлежност на Уставниот суд на Република Македонија определени во членот 110 алинеја 3 од Уставот.

Имено, и во членот 50 од Уставот јасно е утврдено дека секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија во постапката заснована врз начелата на приоритет и итност.

Оттука, Уставниот суд на Република Македонија нема надлежност да одлучува за права и интереси на граѓани по конкретни предмети од надлежност на управни и судски органи, ниту Уставниот суд има надлежност да постапува како инстанционо повисок суд кој ќе ја цени уставноста и законитоста на одлуките на надлежните управни органи за да утврди дали постоеле повреди на членовите 9, 23 и 32 од Уставот, а на што се однесуваат во случајов наводите во барањето во овој предмет.

Согласно членот 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеца од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Барањето пред Уставниот суд на Република Македонија конкретно во случајов се однесува на заштита на слободи и права од членовите 9, 23 и 32 од Уставот кои му биле на подносителот повредени со конкретна одлука на управен орган и врз основа на тоа се бара Уставниот суд да ја поништи наведената одлука. Меѓутоа, подносителот со тоа не бара заштита на слободите и правата за кои Уставниот суд е надлежен да одлучува согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот, ниту изнесува аргументи во што се состоела дискриминацијата и нееднаквиот третман на кои се повикува во барањето, туку декларативно бара заштита на слободи и права, и заштита на законитоста на одлуките кои според подносителот не биле во согласност со одредби од Законот за работни односи, за што всушност се надлежни да одлучуваат други органи.

Поради изнесеното Судот утврди дека во конкретниов случај подносителот бара од Уставниот суд уставносудска заштита на права и интереси по конкретен предмет во надлежност на судовите за што Уставниот суд не е надлежен да одлучува.

4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.178/2007
21 ноември 2007 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply