198/2007-0-0

198/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија,член 28 алинеја 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 24 октомври 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 18 ставови 1, 2, 3 и 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за јавните претпријатија („Службен весник на Република Македонија“ бр.49/2006).

2. Сојузот на синдикатите на Македонија на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 18 ставови 1, 2, 3 и 4 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, законодавецот немал уставен основ во членот 58 од Уставот да го брише и менува членот 17 од Законот за јавните претпријатија. Ова поради тоа што со наведената уставна одредба бил утврден принципот во работните односи дека „сопственоста и трудот се основа за управување и учество во одлучувањето“. Со оглед на тоа што со оспорените одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за јавните претпријатија, се бришеле и менувале одредбите од членот 17 од Законот, а кои биле во согласност со членот 58 од Уставот, законодавецот со тоа го повредил Уставот.

Од овие причини со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби од Законот како несогласни со членот 51 од Уставот со кој е утврдено дека законите мораат да бидат во согласност со Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорениот член 18 од Законот е предвидено:

„ Во членот 17 ставот 2 се брише.
Во ставот 3 кој станува став 2 зборовите: „и претставници на вработените во јавното претпријатие по предлог на Советот на вработените“ се заменуваат со зборовите „имајќи ја предвид соодветната и правичната застапеност на припадниците на сите заедници“.
Ставот 4 се брише.
Ставот 5 се брише.
Ставот 6 станува став 3“.

4. Со оспорените одредби од Законот се бришани ставовите 2, 4 и 5 од членот 17од Законот за јавни претпријатија, а во делот на ставот 3 на овој член од Законот е извршена измена. Со оспорените одредби е отстранет од правниот поредок делот со кој бил нормиран Советот на вработените како институционална форма во јавното претпријатие.

Според членот 110 став 1 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа што со иницијативата се оспорува отстранувањето од правниот поредок на одредби од членот 17 од Законот и всушност се бара Судот да ги укине оспорените одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за јавните претпријатија и врати во важност претходно важечките одредби кои биле бришани и изменети, Судот оцени дека согласно одредбите од членот 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Република Македонија, Судот ниту е надлежен да ја врши законодавната функција и да нормира прописи, со враќање во сила на оние кои не се во правниот поредок, ниту има прецесни претпоставки да постапува по иницијативата односно да ја цени и оправдува уставната основаност на бришаните одредби и од друга страна уставната неоснованост на одредбите со кои тие биле бришани од закон, како што се бара со иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.198/2007
24 октомври 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply