119/2007-0-0

119/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 26 септември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 46 став 2 во делот „врз основа на претходна согласност на министерот за правда“ од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2005, 50/2006 и 129/2006).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, определувањето во оспорениот дел од законската одредба министерот за правда да дава претходна согласност на тарифата за награда на извршителите што ја донесува Комората на извршителите значело дека (1) министерот за правда ги утврдува правата и обврските на граѓаните и на правните лица и (2) ограничување на Комората на извршители како посебно правно лице што е определено со член 65 став 3 од Законот за извршување, поради што оспорениот дел од законската одредба не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51, член 95 став 3 и член 96 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека со Одлука У.бр.12/2006, донесена од Уставниот суд на Република Македонија на 18 октомври 2006 година, укинати се член 46 став 2 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2005) и Правилникот за тарифа за награда на извршителите („Службен весник на Република Македонија“ бр.117/2005).

Понатаму, Судот утврди дека после укинувачката одлука на Судот, со член 1 од Законот за дополнување на Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.129/2007 од 11 декември 2006 година) во членот 46 по ставот 1 се додаваат четири нови става 2, 3, 4 и 5 кои гласат:

– став 2: „Тарифата за награда на извршителите ја донесува Комората на извршители врз основа на претходна согласност на министерот за правда, притоа имајќи предвид извршителите за извршените дејствија да наплаќаат:

1) награда на извршителот за извршените дејствија;
2) цена за администрирање на предметот и
3) цена на извршните дејствија“.

– став 3: „Наградата на извршителот за извршените дејствија се определува според:

1) видот на извршната исправа и видот на побарувањето кое треба да се изврши;
2) износот кој треба присилно да се наплати кај паричните побарувања,односно вредноста на предметот на извршување кај непаричните побарувања и
3) износот на наплатените средства кај паричните побарувања, односно вредноста на предметот на што се реализира кај непаричните побарувања“.

– став 4: „Цената за администрирање на предметот се определува според износот на главното побарување, односно вредноста на предметот на извршување“.

– став 5: „Цената на извршните дејствија се определува според видот, обемот и времетраењето на извршувањето на извршните дејствија и местото на нивното извршување“.

Од изнесената фактичка состојба произлегува дека (1) со член 46 ставовите 2, 3, 4 и 5 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2005, 50/2006 и 129/2006) се определени критериуми и мерила за утврдување на висината на наградата и на цената за извршените дејствија на извршителите, како и дека (2) министерот за правда дава претходна согласност на тарифата за награда на извршителите која ја донесува Комората на извршителите во рамките на законските критериуми и мерила.

4. Според член 96 од Уставот на Република Македонија „органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата“.

Од изнесената уставна одредба произлегува дека органите на државната управа можат самостојно да вршат работи од својот делокруг ако за тоа имаат уставна и законска основа и ако им се определени уставни и законски рамки за тоа.

Со оглед на тоа што во член 46 ставовите 2, 3, 4 и 5 од Законот за извршување се содржани законски рамки односно критериуми и мерила за утврдување на висината на наградата на извршителите за извршените дејствија, како и што министерот за правда кој е раководител на орган на државна управа има законско овластување да дава претходна согласност на тарифа за награда на извршителите која ја донесува Комората на извршители (член 46 став 2 од Законот), а тоа е во функција на следење на спроведувањето на Законот, Судот утврди дека оспорениот дел од член 46 став 2 на Законот за извршување е во согласност со означената уставна одредба, па поради тоа и со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 95 став 3 од Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.119/2007
26 септември 2007 година
С к о п ј е
лк/Ју

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи

Leave a Reply