112/2007-0-0

112/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 26 септември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 16 став 2 во делот

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на делот: „и тоа е конечно“ од членот 16 став 2 од Законот, означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорениот дел: „и тоа е конечно“ од членот 16 став 2 од Законот го исклучувал правото на жалба против решението на министерот за правда за разрешување на нотарот, што не било во согласност со Амандаманот XXI став 2 на Уставот на Република Македонија.

Потоа, подносителот на иницијативата наведува дека иста одредба постоела и во членот 18 став 2 од Законот за вршење на нотарските работи, кој порано бил во сила, меѓутоа, Уставниот суд со Одлука У.бр.106/1998 од 9 јуни 1999 година ја укинал наведената одредба во делот: „и тоа е конечно“ како несогласна со членот 15 од Уставот. Поради наведеното постоела и повреда на членот 112 став 3 од Уставот, бидејќи Собранието на Република Македонија, како носител на законодавната власт не ја почитувало и не ја извршил о Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија.

Оттаму, со оспорениот дел на членот 16 став 2 од Законот се повредувале член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 112 став 3 од Уставот, како и Амандаманот XXI став 2 на Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека, според членот 16 став 1 од Законот нотарот ќе биде разрешен, ако:

а) престанат да постојат условите за именување од членот 9 на овој закон;
б) не даде свечена изјава;
в) се вработи;
г) со правосилна судска одлука му биде одземена или ограничена деловната способност;
д) трајно ја загуби способноста за вршење на службата и
ѓ) не го продолжува уредно своето осигурување од одго-ворност за штета или не плаќа надоместок за осигурување на Комората.

Според ставот 2 на истиот член од Законот, решението за разрешување на нотарот го носи министерот по претходно прибавено мислење од Комората и тоа е конечно.

4. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Репу-блика Македонија владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според Амандманот XXI на Уставот, со кој е заменет членот 15 од Уставот, се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд. Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечните правни акти доне-сени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и други орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.

Според членот 112 став 3 од Уставот, одлуките на Уста-вниот суд се конечни и извршни.

Во членот 16 од Законот, законодавецот ги определил условите за разрешување на нотарот. Потоа определил решението за разрешување на нотарот да го донесе министерот за правда, по претходно прибавено мислење од Комората, со определба дека така донесеното решение е конечно.

Меѓутоа, тоа не значи дека нотарот спрема кој е донесено решение за разрешување нема право на понатамошна заштита на своите права од причина што од анализата на ставот 4 на членот 16 од Законот, произлегува дека против така донесеното решение може да се води управен спор, односно дека законодавецот пропишал судска постапка за заштита на правото на разрешениот нотар. Вака утврденото право останало незабележано од подносителот на иницијативата.

Оттаму, определбата на законодавецот од ставот 2 на оспорениот член 16 од Законот решението за разрешување на нотарот да има третман на конечно решение, не значи сама по себе немање на натамошни средства за заштита на правото, ако се има предвид ставот 4 на членот 16 од Законот, кој дава право за водење на управен спор.

Впрочем, со Амандманот XXI на Уставот, уставотворецот се определил правната заштита против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и други орган што врши јавни овластувања да се уреди со закон, како што е овде случај и уставно го гарантира само правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд.

Оттука, според оцена на Судот, со оспорениот дел од членот 16 став 2 од Законот, не се повредува ставот 2 на Амандманот XXI од Уставот на Република Македонија и не може да се прифати тврдењето во иницијатвата дека со него се повредува темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија-владеењето на правото предвидена во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

Исто така, Судот оцени дека наводот од иницијативата за повреда на членот 112 став 3 од Уставот е неоснован. Имено, преку компарирање на содржината на укинатиот дел од членот 18 став 2 од Законот за вршење на нотарските работи, кој престанал да важи, со содржината на оспорениот дел од членот 16 став 2 од Законот за нотаријатот, утврдивме дека содржат идентична формулација. Меѓутоа во целината на наведените закони се содржани различни законски решенија по однос на правото на заштита на правата на разрешениот нотар, со воспоставеното право за водење на управен спор во Законот што сега е во сила, од каде не може да се прифати како основан наводот од иницијативата и за повреда на наведениот член од Уставот.

Оттаму, оспорениот дел од членот 16 став 2 од Законот е во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3, членот 51 и членот 112 став 3 од Уставот, како и со Амандаманот XXI став 2 на Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6 . Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.112/2007
26 септември 2007 година
С к о п ј е
мл

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи

Leave a Reply