51/2007-0-0

51/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 12 септември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 12 ставовите 2, 3 и 4 и на член 26 став 3 во делот „или друг пропис“ од Законот за државен пазарен инспекторат („Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2007).

2. Стамен Филипов од Скопје и Синдикатот на работниците од управата,правосудните органи и здруженијата на граѓани од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата на Стамен Филипов, определувањето во член 12 ставовите 2, 3 и 4 од Законот проверка на знаењето на инспекторот на секои три години, потоа повторна проверка по шест месеци доколку првата проверка била негативна и престанок на работниот однос доколку и повторната проверка била негативна, како и пропишувањето на таа постапка и на начинот на проверката на знаењето од страна на министерот на предлог на директорот, во ситуација кога инспекторот има висока стручна подготовка и најмалку три години работно искуство во струката, немало логика (за првата проверка) односно било неразумно (за престанокот на работниот однос, кој настанувал автоматски иако не бил непосредно поврзан со работите и работните обврски на инспекторот), создавало нездрави човечки односи (бидејќи ќе имало привилегии, протекции, понижувања, субјективизам), законските одредби биле нејасни и непрецизни (која материја е предмет на проверка, кое тело ја врши проверката, како се врши проверката и оценувањето, кој ќе решава по жалби, приговори,…), немало правна сигурност, а одредбите биле и излишни и апсолутно непотребни (Законот за државните службеници како системски закон веќе ја уредил таа материја – престанок на работниот однос на државниот службеник ако два пати последователно биде оценет со „незадоволува“ или најмалку три пати во последните пет години). Поради тоа, оспорените законски одредби не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, членовите 9, 51 и 96 од Уставот, како и со Амандман XXI на Уставот.

Во однос на наведениот член од Законот, Синдикатот наведува дека тој член давал неприкосновено право на работодавецот да оценува и одлучува за знаењето на инспекторот иако за тоа може да одлучува само овластена образовна установа (знаењето односно образованието е категорија од пошироко општествено значење и за нив требало да се грижи општествената заедница, не некомпетентни субјекти бидејќи тоа овозможувало субјективизам и манипулација), како и што работодавецот на тој начин одлучувал за престанок на работниот однос без да се овозможи правото на жалба. Поради тоа, членот 12 ставовите 2, 3 и 4 од Законот не биле во согласност со членовите 15 и 44 од Уставот на Република Македонија.

Во врска со член 26 став 3, во делот „или друг пропис“ од Законот, Стамен Филипов наведува дека определувањето инспекторот односно директорот да може да донесе решение со кое се забранува вршење на дејност и да преземе мерки за запечатување на простории како последна мерка после утврдувањето дека нема други мерки, а сето тоа во случаи предвидени со закон или друг пропис, не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и став 2, член 51 став 2, член 54 став 1, член 55 став 3, член 95 став 3 и со член 96 од Уставот со оглед дека само со Устав и закон, а не и со друг пропис, може да се уредат случаите за забрана на дејност и запечатување на простории.

3. Судот на седницата утврди дека членот 12 од Законот е систематизиран во Поглавјето IV посветено на Организацијата на Инспекторатот. Во став 1 се определува дека „инспектор може да биде лице кое има висока стручна подготовка и најмалку три години работно искуство во струката“. Оспорените одредби предвидуваат дека „на секои три години се врши проверка на знаењето на инспекторот“ (став 2), „доколку исходот од проверката на знаењето од ставот 2 на овој член е негативен, по шест месеци од првата проверка, се врши повторна проверка на знаењето на инспекторот. Доколку исходот од повторната проверка на знаењето на инспекторот е негативен, на инспекторот му престанува работниот однос“ (став 3). „Постапката и начинот за проверка на знаењето на инспекторот ги пропишува министерот на предлог на директорот“ (став 4).

Имајќи ја предвид структурата на Законот за државен пазарен инспекторат и содржината на Поглавјето IV – Организација на Инспекторатот внатре, како и содржината на оспорените одредби, Судот утврди дека со нив се уредува положбата и правата на една категорија на вработените во Инспекторатот – инспекторите.

Според член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Имајќи ја предвид изнесената уставна определба со закон, покрај со колективни договори, да се уредуваат положбата и правата на вработените, произлегува дека оспорените одредби од член 12 на Законот за државен пазарен инспекторат имаат уставен основ. Притоа, од содржината на тие одредби од Законот не произлегува нееднаквост со оглед дека одредбите се однесуваат на сите државни пазарни инспектори во Инспекторатот подеднакво, а прашањето за примената е во делокруг на други органи, не на Уставниот суд.

Поради тоа, Судот оцени дека неможе да се постави прашањето за согласноста на член 12 ставовите 2, 3 и 4 од Законот со изнесените уставни одредби, па со тоа ниту со членовите 51 и 96 од Уставот. Исто така, Судот оцени дека неможе да се постави прашањето за согласноста на оспорените законски одредби во однос на членот 44 од Уставот (за образованието) и Амандманот XXI на Уставот (за правото на жалба) со оглед дека тие уредуваат различна материја.

4. Судот, исто така, утврди дека членот 26 од Законот е систематизиран во Поглавје V посветено на Инспекцискиот надзор и се однесува на решение на инспекторот. Во ставот 1 се определува дека „инспекторот е должен да донесе решение со кое се забранува вршење на дејност и да преземе мерки за запечатување на простории, во случаите утврдени со закон“. Според став 2 „во случаите утврдени со закон директорот е должен да донесе решение“. Оспорениот став 3 на член 26 од Законот определува дека „во случаите кога е тоа предвидено со закон или друг пропис инспекторот, односно директорот може да донесе решение со кое се забранува вршење на дејност и да преземе мерки за запечатување на простории, како последна мерка после утврдувањето дека нема други мерки за заштита на животот и здравјето на луѓето од сериозен ризик или обезбедувањето на докази“.

Од изнесената законска одредба произлегува дека принципот е определен во став 1 на членот 26 од Законот, а тој принцип е – случаите кога се забранува вршење на дејност и кога се запечатуваат просториите се утврдуваат со закон. Ставот 3 се однесува на специфична ситуација – неможност да се обезбедат докази или кога има сериозен ризик за животот и здравјето на луѓето, а преземените мерки не дале разултати, при што во случаите предвидени со закон или друг пропис со кој се определуваат стручни стандарди во соодветни области, инспекторот или директорот на Инспекторатот може да донесе решение за забрана на вршење на дејноста и за запечатување на простории. Против решението може да се изјави жалба до министерот, која го одлага извршувањето (член 33 од Законот).

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека оспорениот дел на член 26 од Законот не е во несогласнот со член 51 (согласност на прописите со Уставот и закон), член 55 став 3 (ограничување со закон на слободата на пазарот заради зачувувањето на здравјето на луѓето…) и со член 96 (самостојност во извршувањето на Уставот и законите), па поради тоа ниту со член 8 став 1 алинеја 3 и со став 2 од Уставот. Во однос, пак, на согласноста на оспорениот дел од законската одредба со членот 54 став 1 и со членот 95 став 3 од Уставот, Судот оцени дека неможе да се постави прашање со оглед дека тие одредби уредуваат различна материја.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов, а во однос на член 26 став 3 во делот „или друг пропис“ од Законот со мнозинство гласови.

У.бр.51/2007
12 септември 2007 година
С к о п ј е
лк/Ју

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи

Leave a Reply