228/2006-0-0

228/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 11 јули 2007 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА членот 109 од Законот за даночната постапка („Службен весник на Република Македонија” бр.13/2006).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Репуб­лика Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијатива поднесена од Стамен Филипов од Скопје со решение У.бр.228/2006 од 30 мај 2007 година поведе пос­тапка за оценување на уставноста на членот 109 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и 4 и Амандманот XXV на Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека, според членот 109 од Законот, со даночната истрага се врши: 1) утврдување на даночни казниви дела; 2) испитување на основите за оданочување во случаите од точката 1 на овој став и 3) откривање и истражување на непознати даночни случаи. Даночната истрага е уредена со Законот за финанси-ската полиција.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се едни од темелните вредости на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според Амандман XXV со кој е заменет член 98 од Уставот, видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Со Одлука У.бр.40/2003 од 30 јуни 2004 година, Судот, меѓу другото, го укина член 5 став 1 точка 3, 4, 5 и 6 од Законот за финанси-ската полиција.

Во него беше предвидено дека:

“Финансиската полиција врши:
Истраги против едно или повеќе лица за кои постои основано сомневање дека се вмешани во недозволени финансиски активности кои се против економските интереси на земјата во целина или на одредени сектори од стопанството, кои се организираат во земјата или се од меѓународен карактер и се во надлежност на Министерството за финансии; (точка 3)

Истраги во кои се вклучени физички лица или претпријатија кои се занимаваат со активности кои се во спротивност со постојните прописи за перење на пари, даноци или други видови финансиски криминал; (точка 4)

Истраги на финансиски криминал кој не може да се докаже непосредно со постојните докази и вклучува методи на посредно докажување, како на пример: трошоци, процена на вредности или постоење на банковни сметки и слично, кои се користат во случаи кога дел или целокупната финансиска документација на даночниот обврзник не постои, е уништена или поради друга причина недостапна; (точка 5)

Истраги во случаи кога постои сомневање за склучени договори од сомнителен карактер (точка 6).“

Во меѓувреме, по поднесената иницијатива донесен е нов Закон за финансиска полиција („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2007) во чии членови 7 и 8 се уредени надлежно-стите на финансиската полиција.

Од содржината на оспорената одредба произлегува дека во даночната истрага се врши со: утврдување на даночни казниви дела; испитување на основите за оданочување во случаите од точката 1 на овој став и откривање и истражување на непознати даночни случаи, пришто законодавецот се определил натамошното уредување на даночната истрага да се направи со Законот за финансиската полиција.

Судот утврди дека оспорената одредба како упатна норма по својата правна природа требала да ги даде основните контури на она што треба да биде предмет на уредување во друг закон. Меѓутоа, одредбата е недоволно јасно изведена и од неа не може со сигурност да се утврди за какви дејсвија станува збор, кој ги презема, кога и во кои случаи. Оспорената одредба, според Судот, не ја исклучува можноста, Управата за јавни приходи вршејќи ја даночната истрага всушност да презема и врши истражни дејствија, односно истрага како процесно дејство кое е во исклучива надлежност на судот, со што се повредува една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија-поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Притоа, Судот го имаше предвид и тоа дека според член 142-г и 142-д од Законот за кривичната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.15/1997, 44/2002 и 74/2004), посебните истражни мерки без оглед дали се преземаат по наредба на истражен судија или јавен обвинител, во зависност од околностите на случајот и под услови утврдени во закон, можат да ги извршуваат покрај Мини-стерството за внатрешни работи и Царинската управа и Финансиската полиција. Меѓутоа, преземањето на таквите мерки не смее да биде на штета на ингеренциите на тие органи, туку во нивна помош, во согласност со местото, улогата и надлежностите на секој одделен орган или служба.

Имајќи го предвид наведеното, Судот утврди дека оспоре-ната одредба од Законот не е во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 и 4 и Амандманот XXV на Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседа­те­лот на Судот Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.228/2006
11 јули 2007 година
С к о п ј е
мл

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи

Leave a Reply