84/2007-0-0

84/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 4 јули 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 52 став 1 од Условите за снабдување со електрична енергија („Службен весник на Република Македонија“ бр.6/2001), донесени од Владата на Република Македонија.

2. Виктор Божиновски од Куманово, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение. Подносителот на иницијативата наведува дека Владата на Република Македонија преку оспорениот член од Условите за снабдување на електрична енергија, му овозможувала на АД Електростопаство на Македонија монополски да се однесува на единствениот пазар користејќи ја својата монополска положба, што било директно спротивно на членот 55 став 2 од Уставот на Република Македонија, кој не дозволувал монополска положба и монополско однесување на пазарот. Ова од причина што наведеното друштво користејќи ја својата монополска положба и однесување можело смислено или од невнимание да погреши во пресметувањето на константата, пришто по изминување на период од неколку години да констатира дека некој потрошувач му должи одредена сума на пари со која можело да се наруши норм алното функционирање на правните и физичките лица.

Инаку, во иницијативата како оспорен се означува членот 55 став 1 од Условите, но и членот 52 став 1. Со компарирање на содржината на наводите од иницијативата и содржината на двата наведени членови, во претходната постапка, Судот утврди дека предмет на оспорување е членот 52 став 1 од Условите.

3. Судот на седницата утврди дека, според член 55 став 1 од Условите за снабдување со електрична енергија, ако се утврди дека пресметковната константа на уредот била погрешно утврдена ќе се изврши дополнителна пресметка според константата од денот кога пресметката е извршена со погрешната константа.

4. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Во конкретниот случај, подносителот на иницијативата, смета дека постои поведа на членот 55 став 2 од Уставот, од причина што оспорениот член 52 став 1 од Условите давал можност за смислено или невнимателно погрешно пресметување на константа за потрошена електрична енергија од страна на АД Електростонство на Маке-донија, кое заради таквата можност имало монополска положба и монополско однесување на пазарот.

Според оцена на Судот, вака изнесените наводи, не се подобни да доведат по покренување на праша-њето за согласност на оспорената одредба со Уставот. Имено, подносителот на иницијативата причината за моно-полската положба и монополското однесување ја согледува во примената на оспорената одредба во практиката. Ова не може да преставува причина за оспорување од уставноправен аспект, бидејќи согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да ја оценува примената на законите и другите акти, туку да ја оценува нивната согласност со Уставот и со законите.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски и д-р Бајрам Положани.

У.бр.84/2007
4 јули 2007 година
С к о п ј е
мл

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи

Leave a Reply