98/2007-0-0

98/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 4 јули 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 4 од Законот за исплата на платите во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1994, 62/1995, 33/1997 и 50/2001).

2. Васил Гагачев од Битола , на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 4 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата наведува дека спротивно на член 12 став 2, член 32 и член 54 став 1 од Уставот, му била исплатувана плата со ограничување, за што имал и заведено граѓански спор пред надлежниот суд во Битола под П.бр.109/2003. Како причина за оспорување на одредбата од Законот се наведува дека подносителот на иницијативата не е во можност да го оствари тужбеното барање за разликата од платата ограничена со наведениот Закон, од причина што постапката пред Основниот суд во Битола е прекината и исходот на неговото право зависи од оцената на уставноста на оспорената одредба.

3. Судот на седницата утврди дека, во оспорениот член 4 од Законот, било предвидено дека:

„Правното лице кое врши дејност распоредена во областите од 12 до 14, освен правното лице кое е регистрирано како претпријатие, нето платите за месец јануари 1995 година и натаму ги исплатува до висина, на правото што го утврдило за месец декември 1994 година согласно со Законот за исплата на платите и пензиите во Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 78/93) а за месец јануари 1996 година и натаму до висина на правото што го утврдило за месец декември 1995 година и зголемено најмногу до:
– планираната стапка на пораст на трошоците на живот во тековниот месец во однос на претходниот месец намалена за 1 процентен поен, односно остварената, доколку таа е еднаква или е под планираната стапка на пораст на трошоците на живот и
– 50% од разликата меѓу остварената и планираната стапка на пораст на трошоците на живот во тековниот во однос на претходниот месец, доколку остварената стапка е повисока од планираната стапка на трошоците на живот.

Правното лице од ставот 1 на овој член платите за месец јули 1995 година, односно 1996 година и натаму ги исплатува до висина на правото што го утврдило за месец јуни 1995 година, односно 1996 година согласно со овој закон и зголемено најмногу до:
– планираната стапка на пораст на трошоците на ж ивот во тековниот месец во однос на претходниот месец намалена за 0,5 процентни поени, односно остварената, доколку таа е еднаква или е под планираната стапка на пораст на трошоците на живот и
– 50% од разликата меѓу остварената и планираната стапка на пораст на трошоците на живот во тековниот во однос на претходниот месец, доколку остварената стапка е повисока од планираната стапка на трошоците на живот.“

Со членот 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за исплата на платите во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.50/2001) членот 4 се брише. Според член 13 од Законот, овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”, а ќе се применува од 1 јули 2001 година.

Оттаму, оспорениот член 4 од Законот сметано од 1 јули 2001 година повеќе не е дел од правниот поредок на Република Македонија.

4. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во конкретниот случај, подносителот на иницијативата, го оспорува членот 4 од Законот за исплата на платите во Република Македонија, за која одредба во претходната постапка Судот утврди дека сметано од 1 јули 2001 година повеќе не е дел од правниот поредок на Република Македонија.

Имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби и пред се фактот што оспорената одредба како дел од Законот за исплата на платите во Република Македфонија, е избришана и повеќе не е дел од правниот поредок на Република Македонија, Судот одлучи дека како таква не мож е да биде предмет на оцена на уставноста пред Уставниот суд, заради постоење на процесни пречки за одлучување.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.98/2007
4 јули 2007 година
С к о п ј е
мл

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи

Leave a Reply