140/2006-0-0

140/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 27 јуни 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 32 став 1 точка 7 и член 62 став 1 точка г) од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2005 и 50/2006).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 32 став 1 точка 7 и член 62 став 1 точка г) од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата и покрај фактот што Уставниот суд на Република Македонија со Одлука У.бр.95/2005 од 29 март 2006 година ги укинал наведените одредби од Законот за извршување, Собранието на Република Македонија како носител на законодавната власт повторно ги вовел укинатите одредби со што грубо била повредена уставната одредба од член 112 став 3 од Уставот.

Понатаму подносителот на иницијативата наведува дека со извршените измени на Законот за извршување односно со член 4 и 8 се повредувале темелните вредности на уставниот поредок и други одредби од Уставот утврдени во член 8 став 1 алинеја 1 и 3, член 9, член 13 став 1, член 14 став 1, член 23, член 32 став 1 и 2, член 51 и член 54 став 1 и 3 од Уставот. Ова затоа што правните последици од осуда не можеле да настапуваат автоматски по сила на закон, туку тоа можело да се прави единствено и само со правосилна судска одлука.

Освен тоа во оспорените законски одредби не биле конкретно наведени ниту кривични дела за кои на сторителот со правосилна судска одлука му била изречена безусловна казна затвор над шест месеци, така да трајната забрана за именување поради кривична осуда за кое било дело, односно престанок на функцијата извршител од истите причини било непропорционална на целите поради кои законодавецот ја утврдил на кој начин предизвикал прекумерно и неоправдано ограничување на слободите и правата на граѓаните.

3. Судот на седницата утврди дека со член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.50/2006) со кој се менува член 32 став 1 точка 7 е предвидено дека за извршител може да биде именувано лице кое покрај другото да не е осуден со правосилна судска одлука на безусловна казна затвор над шест месеца или да не му е изречена казна забрана за вршење на професијата извршител.

Според член 8 од Законот со кој се менува членот 62 став 1 точка г) е предвидено дека функцијата извршител престанува ако биде осуден со правосилна судска одлука на безусловна казна затвор над шест месеца или ако му биде изречена казна забрана за вршење на професијата извршител.

4. Според член 8 став 1 алинеја 1 и 3 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за кривично дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Според член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Според член 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавните функции.

Според член 32 став 1 и 2 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност и секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Согласно став 3 на овој член, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло или општествена положба.

Според член 1 од Законот за извршување, со овој закон се уредуваат правилата според кои извршителите постапуваат заради присилно извршување на судска одлука која гласи на исполнување на обврска. Одредбите од овој закон се применуваат и врз присилно извршување на одлука донесена во управна постапка која гласи на исполнување на парична обврска, како и на извршување на брод и на воздухоплов.

Согласно член 3 од Законот, извршителот го спроведува извршувањето.

Извршителот, заменикот на извршител и помошникот на извршител, согласно член 11 став 1 точка 6 од Законот за извршување, се дефинирани како лица кои вршат јавни овластувања утврдени со закон, именувани согласно одредбите на овој закон, кои директно одлучуваат за дејствијата што треба да се преземат во рамките на нивните овластувања за да се спроведе извршната одлука и да ги преземат извршните дејствија.

Согласно член 40 став 1 од Законот за извршување, извршителот ги презема следниве дејствија: прима писмени и усмени барања за извршување; врши достава на судски писмена; врши достава на налози, записници, заклучоци и други документи кои произлегуваат од вршењето на неговата работа; врши легитимирање на странките и учесниците во извршувањето; прибира податоци за имотната состојба на должникот во функција на извршувањето; донесува налози, заклучоци, составува записници, барања и службени белешки; врши попис, процена, пленидба, продажба на подвижни предмети, права и недвижности, прима средства од должникот, предава во владение и распределува средства; врши иселување и други извршни дејствија потребни за спроведување на извршувањето определени со закон и подзаконски акти; врши објавување во средствата за јавно информирање и врши други дејствија предвидени со закон.

Извршителот го именува министерот за правда врз основа на конкурс (член 33 од Законот).

Согласно член 31 од Законот, извршителот се именува за подрачјето на основен суд и извршува извршни исправи на судот или органот чие седиште е на подрачјето за коешто е именуван, а при спроведување на извршувањето презема дејствија на целата територија на Република Македонија.

Извршителот има свое седиште, печат, штембил, депониран потпис, како и посебна сметка (член 35 од Законот). Согласно член 36 од Законот, Министерството за правда на именуваниот извршител, заменик на извршител и помошник на извршител им издава легитимација.

Според член 39 од Законот, извршителот не смее да врши јавни функции, или раководни, надзорни и управни функции во трговски друштва, државни заводи, служби за наплата, трговски дејности, посреднички, нотарски и адвокатски работи. Извршителот не смее да биде во служба на верска заедница или религиозна група. Овие забрани не се однесуваат на вршење научни, уметнички и наставни дејности, дејноста судски преведувач, како и за вршење дожности во Комората и во меѓународните здруженија на извршители.

Со цел за непречено спроведување на извршувањето, извршителот има право на пристап до сите информации и податоци од работодавачот, банките, јавните книги и регистрите за конкретен должник. Извршителот при спроведување на извршувањето има право да побара податок или асистенција од државен орган кој има обврска да соработува со извршителот (член 41 од Законот).

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, одредбите од Законот за извршување наспрема оспорените членови 32 став 1 точка 7 и 62 став 1 точка г) од Законот за извршување од аспект на причини наведени во иницијативата Судот оцени дека тие не се во несогласност со член 112 од Уставот, начелото на владеење на правото и начелото на презумпција на невиност и законитост во пропишувањето и изрекувањето на кривичните санкции утврдени во член 13 став 1 и член 14 став 1 од Уставот.

Имено, според Судот во конкретниов случај не може да стане збор за повреда на член 112 од Уставот, односно за непочитување на одлуките на Уставниот суд со која се укинати одредбите од член 32 став 1 точка 7 и член 62 став 1 точка г), затоа што законодавецот токму во насока на почитување на одлуките на Уставниот суд со измени на наведените членови кои се отстранети од правниот поредок, прашањето за условот од член 32 став 1 точка 7 под кој одредено лице може да биде именувано, односно условот од член 62 став 1 под г) поради кој на одредено лице ќе му престане функцијата извршител е уредено на поинаков начин што според Судот кореспондира со основните постулати утврдени во Уставот и поставеноста на функцијата извршител во системот.

Оценувајќи ги оспорените одредби од аспект на принципот на владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија Судот оцени дека тие не се во несогласност со наведениот принцип. Ова, оттаму што во двете оспорени одредби е утврдено дека за извршител не може да биде избрано лице кое во моментот на изборот е осудено за кривично дело на казна затвор над шест месеци или на кое му е изречена казна забрана за вршење на прифесијата извршител или пак функцијата – извршител ќе му престане во текот на вршењето на таа функција ако биде осуден со правосилна судска одлука на безусловна казна затвор или на кој му е изречена казна забрана на вршење професија – извршител. Притоа, според Судот и покрај фактот што во оспорените одредби не се наведени кривичните дела за кои одредено лице може да биде осудено на казна затвор над шест месеци, поради што тоа лице нема да биде именувано, односно ќе биде разрешено не претставува доволен основ наведените одредби да бидат доведени под сомнение, затоа што квалификацијата „правосилна“ пресуда и утврдената висина на казна затвор над шест месеци или казна забрана за вршење на професија – извршител се доволно јасни и прецизни и како такви тие обезбедуваат одредена правна сигурност.

Имајќи го предвид наведеното според Судот со оспорените одредби не се повредува принципот на презумција на невиност утврдено во член 13 став 1, ниту начелото на законитост – во казненото право изразено преку забрана за казнување утврдено во член 14 став 1 од Уставот. Ова од таму што во конкретниов случај станува збор за класичен услов за именување односно престанок на вршење на функцијата извршител поради осуда со правосилна судска пресуда.

Според тоа, во конкретниов случај не се работи за правни последици од осуда кои настануваат по сила на закон од која претпоставка се раководел подносителот на иницијативата, туку за услов кој треба да биде земен во предвид од страна на орган кој го врши именувањето односно разрешувањето, а кој услов не настапува по сила на законот, туку како последица на казната што со правосилна пресуда ја утврдил судот.

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека оспорените одредби не можат да бидат доведени под сомнение во однос на уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 на ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.140/2006
27 јуни 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи

Leave a Reply