90/2007-0-0

90/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 27 јуни 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за давање согласност за користење на дел од паркинг простор во ООУ „Блаже Конески“ Велес, донесена од Советот на Општина Велес („Службен гласник на Општина Велес“ бр. 6 од 18 април 2007 година).

2. Аце Коцевски, градоначалник на Општина Велес, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точка 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, при донесувањето на оспорената одлука, со која се дава согласност за пренамена на дел од паркинг простор на основно училиште во летна тераса, од страна на членовите на Советот не било водено грижа и не била почитувана обврската за доследно спроведување на законските прописи, поради што Одлуката била спротивна на член 368-а од Законот за безбедност на сообраќајот, според кој „ Објекти наменети за сообраќај (патишта, улици, пасажи, тротоари, велосипедски патеки, паркиралишта, гражи и други) не можат да се пренаменат и користат за други потреби.“ Вака донесената одлука била спротивна на моралните и етичките норми и кодексот на однесување на членовите на советот официјализиран преку свечено дадената заклетва пред Советот на Општина Велес, која во член 38 од Законот за локалната самоуправа ги обврзува членовите на советот правата и должностите на член на советот да ги вршат совесно и дека при тоа ќе ги почитуваат Уставот, законите, прописите на советот и ќе го почитуваат уставниот поредок на Република Македонија.

Поради тоа, се предлага Уставниот суд на Република Македонија, по разгледување на иницијативата, да ја поништи оспорената одлука и да го стави надвор од сила извршувањето на поединечните акти или дејствија што се донесени, односно преземени врз основа на Одлуката.

3. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Велес, на седницата одржана на ден 27.03.2007 година, врз основа на член 36 став 1 точка 15 од Законот за локалната самоуправа, донел Одлука за давање согласност за користење на дел од паркинг простор во ООУ „Блаже Конески“ Велес, број 0701-1348/12.

Според член 1 од оваа одлука, со оваа одлука се дава согласност за користење на дел од паркинг простор во ООУ „Блаже Конески“ Велес на Трговското друштво за вработување на инвалидни лица за производство, трговија и услуги „ЛЕОВ – КОМ“ ДООЕЛ Велес.

Според член 2 од истата одлука, давањето на согласност значи да барателот може да користи дел од паркинг просторот на ООУ „Блаже Конески“ Велес, во површина од 150 м2, согласно со предлог скицата.

Согласно член 3 од истата одлука, користењето на дел од паркинг просторот се дава за период од 10 (десет) години, за временскиот интервал од 10 јуни до 01-ви септември секоја година.

Според член 4 од оваа одлука, по денот на добивањето на согласност за користење на дел од паркинг просторот, ќе се уреди облигациониот однос помеѓу ООУ„Блаже Конески“ Велес и Трговското друштво за вработување на инвалидни лица за производство, трговија и услуги „ЛЕОВ-КОМ“ ДООЕЛ Велес, во кој прецизно ќе бидат регулирани правата и обврските на двете договорни страни.

Согласно член 5 од оваа одлука, по истекот на период од 2 (две) години од денот на добивањето на согласноста за користење на дел од паркинг просторот Комисија составена од претставници на ООУ„Блаже Конески“ Велес, Трговското друштво за вработување на инвалидни лица за производство, трговија и услуги „ЛЕОВ-КОМ“ ДООЕЛ Велес и Општина Велес ќе извршат контрола за начинот на кој што се реализираат правата и обврските на двете страни.

Според член 6 од истата одлука, оваа Одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Велес“.

4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Поаѓајќи од правните елементи што го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и на неопределен број на субјекти во правото, Судот оцени дека оспорената одлука нема карактер на пропис во смисла на изнесената уставна одредба, поради што не е подобна за уставносудска оцена.

Имено, со оспорената одлука, Советот на општина Велес дава согласност за користење на дел од паркинг просторот на основното општинско училиште „Блаже Конески“ Велес, во периодот на летен распуст, на Трговското друштво за вработување на инвалидни лица за производство, трговија и услуги „ЛЕОВ-КОМ“ ДООЕЛ Велес, при што се утврдува дека облигациониот однос помеѓу двете наведени страни ќе се уреди дополнително, по давањето на оваа согласност. Од иницијативата и писменото појаснување на доносителот на актот, произлегува дека согласноста се однесува за пренамена на дел од дворот на училиштето во летна тераса на деловниот објект „Гламур“, во сопственост на наведеното трговско друштво.

Од содржината на оваа одлука произлегува дека Одлуката има карактер на поединечен, конкретен акт кој има правно дејство само за страните што се наведуваат во Одлуката, а не и за други неопределени субјекти во правото, при што согласноста дадена со одлуката претставува основа за уредување на правата и обврските на двете страни дополнително, со договор. Оттука, Судот оцени дека не може да се впушти во анализа на основаноста на наводите во иницијативата, од причина што се работи за поединечен, конкретен акт за кој Судот не е надлежен да одлучува, поради што се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.90/2007
27 јуни 2007 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи

Leave a Reply