50/2007-0-0

50/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 27 јуни 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на

– член 1 став 1 во делот „ кои го дале својот потпис за основање само на една политичка партија“, член 3 ставовите 2 и 3, член 5, член 6, член 12 став 1 во делот „и образецот од член 1 став 3 и член 2 став 1 на овој закон“ од Законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2007) и

– член 41 од Законот за политичките партии (“Службен весник на Република Македонија” бр.76/2004 и 5/2007)

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на:

– Исправката на Законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/2007),

– член 1 став 1 во делот „политичка партија можат да основаат најмалку 1000 граѓани“ и став 3, член 2, член 10 и член 12 став 3 од Законот означен во точка 1 алинеја 1 на ова решение.

3. Тодор Петров, претседател на Македонска партија и Владимир Голубовски, претседател на ВМРО-Демократска партија, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите на законите означени во точка 1 на ова решение.

Според наводите во иницијати­вата на подносителот – Македонска партија, Законодавно-правната комисија како работно тело на Собранието на Република Македонија можела да има право за срамнување на пречистениот текст на законот донесен во собраниска процедура пред неговото објавување во „Службен весник на Република Македонија“, но никако немала право по објавувањето да интервенира со институтот „исправка“. Такви овластувања по Устав немал ниту еден орган на власта и тоа било спротивно со Уставот на Република Македонија. Со оспорената „исправка“, Законодавно-правната комисија извршила суштинска измена на Законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии, што било спротивно на член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, според кој само Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите. Институтот „исправка“ на веќе објавен закон бил во спротивност и со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, затоа што го нарушувал „владеењето на правото“ како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија и создавал несигурност кај правните субјекти, поради што се бара Уставниот суд да ја поништи оспорената исправка.

Со оспорениот член 1 од Законот за изменување на Законот за политичките партии, се воведувал висок цензус на основачи на политичка партија (најмалку 1000 полнолетни лица државјани на Република Македонија) и обврска за внесување на бројни податоци за основачите во образецот за основање, што претставувало ограничување на слободата на здружување на граѓаните заради остварување и заштита на одделни нивни права и уверувања. Понатаму, со овластувањето на Министерството за правда, според местото на живеење на основачот на политичката партија, пред чиишто подрачни одделенија и месни канцеларии граѓаните ги даваат потписите за основање и пререгистрација на политичка партија, се ограничувала слободата на здружувањето на граѓаните заради остварување и заштита на одделни нивни права и уверувања. Со пропишувањето, пак, обврска граѓанинот да може да го даде својот потпис за основање на само една политичка партија, односно да членува во само една политичка партија, се повредувал член 20 од Уставот, затоа што Уставот не забранувал граѓанинот да биде член само на една политичка партија, како што Уставниот суд веќе пресудил дека пратеникот има право во текот на мандатот да ја менува политичката припадбност. Поради наведеното, се бара поништување на членот 1 од Законот.

Со оспорениот член 2 од Законот за изменување на Законот за политичките партии, според кој потписите за основање на политичка партија граѓаните треба да ги даваат пред службени лица на Министерството за правда, според местото на живеење на основачот на политичката партија, се ограничувала слободата на здружувањето на граѓаните заради остварување и заштита на одделни нивни права и уверувања, поради што оваа одредба била во спротивност со член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот на Република Макердонија, што е причини да се бара нејзино поништување.

Ако Уставниот суд го поништел членот 1 од Законот за изменување на Законот за политичките партии, на тоа автоматски требало да следи и поништување на членот 3 ставовите 2 и 3, членот 5, членот 6 и членот 12 став 1 во делот „и образецот од членот 1 став 3 и членот 2 став 1 на овој закон“ од истиот закон, со истото образложение.

Оспоренот член 10 ставовите 2, 3 и 4 од Законот за изменување на Законот за политичките партии бил во спротивност со член 8 став 1 алинеја 4, член 9, член 20 и член 54 ставовите 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, како и со членовите 18 и 29 став 2 од Универзалната декларација за човековите права и членот 9 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи. Ова од причини што ако на граѓаните им се гарантирала и имале слобода на здружување заради остварување на своите права и уверувања, поради што имаат слобода да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат, ограничувањето на тие слободи и права и нивно санкционирање со казна и за партијата како правно лице и за одговорното лице на политичката партија доколку членството на политичката партија спадне на помалку од 1000 основачи, било дискриминаторско решение, затоа што тргнувајќи од уставните одредби јасно произлегувало дека државата со закон не може да ја ограничи слободата на граѓаните казнувајќи ги доколку членството во политичката партија спадне помалку од со закон утврдениот цензус. Поради тоа, се бара поништување на овие одредби.

Ако Уставниот суд го поништел оспорениот член 1 од Законот за изменување на Законот за политичките партии, тоа автоматски значело и поништување и на член 12 став 3 од истиот закон, како спротивен на член 52 став 4 од Уставот. Ова затоа што обврската за пререгистрација на политичките партии во одреден рок сметано од првата регистрација била наметната за сите регистрирани политички партии до денот на влегување во сила на овој закон, со што законот имал повратно дејство на веќе регистрираните правни субјекти со понеповолни услови за граѓаните, поради што се бара поништување на оспорената одредба.

Оспорениот член 41 од Законот за политичките партии, бил во спротивност со член 8 став 1 алинеја 4, член 9, член 20 и член 54 ставовите 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, како и со членовите 18 и 29 став 2 од Универзалната декларација за човековите права и член 9 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи. Ова затоа што слободата на граѓаните слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, слободно да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат со ништо не можело да се ограничи или санкционира и поради тоа да им се изрекува парични казни. Политичката партија кога еднаш се регистрира, таа била регистрирано правно лице и никој и никогаш со никаков акт не можел да ја избрише од судскиот регистар. Бројот на освоените мандати, волјата на граѓаните на општите и непосредни избори ја определувале позицијата на секоја политичка партија и тука никој од позиција на власт не можел да ги елиминира и ограничи правата и слободите на граѓаните утврдени и загарантирани со Уставот и меѓународното право. Поради наведеното, се предлага поништување на наведениот член.

На крајот на иницијативата, се бара од Уставниот суд да одржи подготвителна и јавна седница по оваа иницијатива, на која да биде поканет претседателот на Македонска партија, г-дин Тодор Петров.

Според наводите во иницијати­вата на подносителот- ВМРО-Демократска партија, оспорениот член 12 став 3 од Законот за изменување на Законот за политичките партии, бил спротивен на темелните вредности на уствниот поредок на Република Македонија, односно на владеењето на правото.

Ова од причина што политичките партии регистрирани до денот на примената на овој закон според тогаш важечкиот закон, биле пререгистрирани за 2007 година со нотарски заверени изјави од нивните претседатели поднесени до судот до 15.12.2006 година. Оттука, произлегувало дека рокот за веќе регистрираните политички партии во преодните и завршните одредби на Законот требало да тече по истекот на веќе направената пререгистрација за 2007 година.

Поради наведеното, земајќи ги во предвид и наводите на другите подносители на иницијативи со кои целосно се согласува, подносителот на оваа иницијатива предлага Уставниот суд да го поништи Законот за изменување на Законот за политичките партии.

4. Судот на седницата утврди дека со Законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии, се менуваат одредби од основниот текст на Законот за политичките партии („Службен весник на Република Македонија“ бр. 76/2004).

Така, со член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии, се менува член 11 од Законот за политичките партии, при што според ставот 1 на овој член, политичка партија може да основаат најмалку 1000 граѓани на Република Македонија кои имаат избирачко право и кои го дале својот потпис за основање само на една политичка партија.

Според член 2 на овој закон, членот 13 став 1 првата реченица од Законот за политичките партии се менува и гласи:„ Потписите за основање на политичката партија се даваат на образец кој содржи:“. Ставот 2 се менува и гласи:„ Потписите за основање на политичка партија се даваат пред службени лица на Министерството за правда според местото на живеење на основачот на политичката партија.“

Со член 3 од овој закон, во член 17 став 4 од Законот за политичките партии, точката на крајот од реченицата се брише и се додаваат зборовите: „како и образецот за давање на потписи за основање и членување во политичка партија кои се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“ на веб страницата на Министерството за правда“. По ставот 4 се додава нов став 5, кој гласи: „Обрасците за давање потписи за основање на политичка партија и за членување во политичка партија, ги обезбедува основачот, односно политичката партија“.

Со член 5 од овој закон, членот 18 став 2 алинејата 3 од Законот за политичките партии се менува и гласи: „- образецот за давање потписи за основање на политичка партија;“

Со член 6 од Законот, во членот 25 став 1 од Законот за политичките партии, по зборот „ Решението“ се додаваат зборовите „од членот 11 став 7 и решението“. Во ставот 2 по зборот „решението“ се додаваат зборовите „од членот 11 став 7 и решението“.

Со член 10 од овој закон, во членот 40 став 1 од Законот за политичките партии, воведната реченица се менува и гласи: „Глоба во износ од 800 до 4.800 евра во денарска противвредност за прекршок, ќе се изрече на политичка партија:“. Ставот 2 се менува и гласи: „Глоба во износ од 160 до 800 евра во денарска противвредност за прекршок, ќе се изрече и на одговорното лице на политичката партија;“.

Според член 12 од овој закон, министерот за правда во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон ќе донесе упатство за начинот и постапката за преземање на Судскиот регистар и предметите од Основниот суд Скопје I – Скопје во Основниот суд Скопје II -Скопје и образецот од членот 1 став 3 и членот 2 став 1 на овој закон.

Според член 41 од Законот за политичките партии, глоба во износ од 160 до 800 евра во денарска противвредност за прекршок ќе се изрече на овластеното лице на политичката партија ако по донесувањето на решението за престанок на политичката партија или намалувањето на бројот на членовите определен за основање во рок од 15 дена од денот на нејзиниот престанок, односно од намалувањето на бројот на членовите не го извести Судот заради бришење од Судскиот регистар.

5. Согласно член 8 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 20 став 1 од Уставот, на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Според ставот 2, граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат. Согласно ставот 3, програмите и дејствувањето на здруженијата на граѓаните и на политичките партии не можат да бидат насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката и кон поттикнување или повик на воена агресија или разгорување на национална, верска или расна омраза или нетрпеливост. Според ставот 4 од оваа уставна одредба, забранети се воени или полувоени здруженија што не им припаѓаат на вооружените сили на Република Македонија.

Согласно член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.

Во оваа смисла, со Законот за политичките партии („Службен весник на Република Македонија“ бр. 76/2004, бр. 5/2007 и 8/2007-исправка), поблиску се уредува начинот, условите и постапката за основање, регистрирање и престанок на политичките партии.

Согласно член 2 од овој закон, политичката партија е доброволна организација на граѓани, формирана за остварување и заштита на политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања и заради учество во процесот на донесување на политички одлуки при учество во власта. Политичките партии своите цели ги остваруваат преку демократско формирање и изразување на политичката волја со учество на избори, како и на друг демократски начин.

Со членот 11 од овој закон, се утврдуваат условите под кои може да се основа политичка партија, како и условите за опстојување на политичката партија во Република Македонија.

Така, согласно член 1 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии, со кој е изменет членот 11 од основниот текст на Законот за политичките партии, се утврдува дека политичка партија можат да основаат најмалку 1.000 граѓани на Република Македонија кои имаат избирачко право и кои го дале својот потпис за основање само на една политичка партија.

Законското ограничување дека граѓанинот има право да го даде својот потпис за основање само на една политичка партија, кое се оспорува со иницијативата, според Судот, не претставува ограничување на остварувањето на слободата на политичкото здружување и дејствување на граѓаните, утврдено како фундаментално политичко право на граѓаните.

Имено, слободата на политичко здружување и дејствување значи право на граѓаните да формираат политички партии и други видови здруженија заради остварување на своите политички цели.

Основањето, пристапувањето и истапувањето од политичка партија претставува доброволен чин на заинтересираните граѓани и Уставот не дозволува тие да трпат последица во вид на санкција за таквото свое постапување. Уставот единствено забранува програмите и дејствувањето на политичките партии да бидат насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката и кон поттикнување или повик на воена агресија или разгорување на национална, верска или расна омраза или нетрпеливост.

Тоа значи дека граѓаните, заради остварување на своите политички цели, имаат слобода и право да го изразуваат политичкиот субјективитет, во која смисла имаат право да ја определуваат и менуваат својата политичка определба, слободно да основаат, пристапуваат и истапуваат од политичките партии.

Од анализата на оспорениот член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии, како и од целината на Законот за политичките партии, произлегува дека законодавецот го прифатил и вградил принципот на слободно политичко организирање на граѓаните во политички партии, во која смисла, во Законот пропишал услови и за основање и за пререгистрирање и за бришење на политичките партии, како резултат на промените во бројноста на членството на партиите.

Определбата дека граѓанинот може да го даде својот потпис за основање само на една политичка партија, според Судот, треба да се толкува во смисла дека граѓанинот истовремено не може да биде основач и член на две или повеќе политички партии, туку може да биде основач или член само на една политичка партија преку која ја изразува својата политичка определба. Промената на политичкиот став и определба на граѓанинот, би значело негово истапување од политичката партија во која претходно бил основач или член и негово зачленување во друга политичка партија, по сопствен избор, за што нема ограничувања.

Притоа, Судот оцени дека наведеното законско решение ја одразува смислата на постоењето на политичката партија, како форма на политичко организирање на граѓаните, според која политичката партија претставува организирана група на идејни истомисленици кои на демократски начин се борат да ја освојат државната власт на сите нивоа, или ако власта е освоена, се борат за нејзино задржување што е можно подолго време, со цел да се обезбеди владеење на идеите и интересите на нејзиното членство. Имајќи предвид дека политичките идеи и ставови се искажуваат преку програмата и статутот на одредена политичка партија, промената на овие идеи и ставови на одделни членови значи разијдување со програмската определба на партијата, што логично подразбира истапување од таа политичка партија, со што се остава можност за зачленување во друга политичка партија, која посоодветно би ги одразувала политичките потреби на граѓанинот.

Оттука, Судот оцени дека законското решение според кое граѓанинот со избирачко право може да го даде својот потпис за основање само на една политичка партија, не го повредува неговото право на слободно политичко организирање, поради што не може да се доведе под сомнение во однос на согласноста со член 20 од Уставот на Република Македонија.

Наводите во иницијативата дека одредбите во член 3 ставовите 2 и 3, член 5, член 6 и член 12 став 1 во делот „ и образецот од член 1 став 3 и член 2 став 1 на овој закон“ од Законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии, автоматски треба да бидат поништени, доколку Уставниот суд го поништи членот 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии, од истите причини, според Судот, се неосновани. Ова од причини што оспорените одредби претставуваат разработка на технички прашања во врска со начинот и постапката на регистрирање на политичките партии и како такви не уредуваат односи од значење за основање, регистрирање и престанок на политички партии.

Така, со оспорената одредба во член 3 став 2 од Законот, се утврдува дека, покрај образец за упис во Судскиот регистар, кој е востановен со основниот текст на Законот и чија форма, содржина и начин на водење ги пропишува министерот за правда, се воведува и образец за давање на потписи за основање и членување во политичка партија кој исто така го пропишува министерот за правда, како и се пропишува дека овие обрасци се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“ и на веб страницата на Министерството за правда. Со оспорената одредба во став 3 на истиот член, се пропишува дека обрасците за давање потписи за основање на политичка партија и за членување во политичка партија ги обезбедува основачот, односно политичката партија.

Со оспорениот член 5 од Законот, се утврдува дека како документ кој се поднесува со барањето за запишување на политичката партија во Судскиот регистар, се бара образец за давање потписи за основање на политичка партија, наместо изјави за основање, како што било регулирано во основниот текст на Законот.

Со оспорениот член 6 од Законот се прецизира дека под решение со кое се одбива барањето за запишување во Судскиот регистар, се подразбира решението кое основниот суд по службена должност ќе го донесе за бришење од судскиот регистар, доколку политичката партија во определениот рок не достави поединечно дадени потписи потребни за основање на политичка партија.

Оспорениот член 12 став 1 во делот „ и образецот од член 1 став 3 и член 2 став 1 на овој закон“ се наоѓа во главата Преодни и завршни одредби на Законот, и со него се утврдува рок во кој министерот за правда ќе ги донесе обрасците за основање на политичка партија.

Поради наведеното, имајќи го предвид карактерот и улогата на оспорените одредби, Судот оцени дека истите не можат основано да се доведат под сомнение во однос на нивната согласност со уставните одредби на кои се повикува иницијативата.

Со членот 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии, се врши усогласување на паричните казни со решенијата од Законот за прекршоците, според кои паричната казна се заменува со глоба, како и се воведува прекршок за непочитување на решението од член 11 став 3 на овој закон.

Со одлука У. бр. 15/2007, Уставниот суд на Република Македонија го укина член 10 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии, со што го отстрани од правниот поредок решението според кое недоставувањето доказ за минимален број на членови на политичката партија пред истекот на секои две години од денот на регистрацијата на политичката партија претставува прекршок за кој може да се изрече глоба на политичката партија и на одговорното лице во партијата.

Оспорените ставови 3 и 4 на истиот член се во функција на усогласување на досегашните парични казни со решенијата од новиот Закон за прекршоците.

Имајќи ја предвид ваквата состојба, во корелација со причините за оспорување изнесени во иницијативата, Судот оцени дека барањето во иницијативата за оцена на уставноста на оспорените одредби се исцрпува со оцената на уставноста на ставот 2 на овој член и нема основ за оцена на уставноста на ставовите 3 и 4 на овој член. Поради тоа, Судот не изрази сомневање за согласноста на оспорените ставови 3 и 4 на овој член со наведените уставни одредби.

Оспорениот член 41 од основниот текст на Законот за политичките партии, се наоѓа во главата Прекршочни одредби.

Со овој член се пропишува глоба која ќе се изрече за прекршок на овластеното лице на политичката партија ако по донесувањето на решението за престанок на политичката партија или намалувањето на бројот на членовите определен за основање, во определен рок не го извести Судот заради бришење од Судскиот регистар.

Наводите во иницијативата, дека слободата на граѓаните да основаат здруженија на граѓани и политички партии, слободно да пристапуваат и да истапуваат од нив, со ништо не можела да биде ограничена или санкционирана, во која смисла и политичката партија кога еднаш се регистрира, таа е правно лице и никој никогаш со никаков акт не можел да ја избрише од Судскиот регистар, Судот оцени дека се неосновани. Ова од причина што политичката партија е правно лице, кое подлежи на обврска за запишување во Судскиот регистар, односно на бришење од Судскиот регистар, под условите утврдени со овој закон. Во оваа смисла, законодавецот пропишал обврски за одговорното лице во партијата за преземање на соодветни дејствија за известување на Судот за настанатите услови за бришење на партијата од Судскиот регистар, како и санкции за истото лице за неблаговременото постапување.

Според Судот, со пропишувањето услови за бришење на политичката партија од Судскиот регистар и со пропишувањето санкции за неблаговремено постапување на одговорното лице во партијата во однос на преземање потребни дејствијата за бришење на партијата, не се повредува правото на слободно политичко организирање на граѓаните, поради што Судот оцени дека оспорениот член 41 од Законот не може да се доведе под сомнение во однос на неговата согласност со уставните одредби на кои се повикува во иницијативата.

6. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1, 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето, ако за истата работа одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување, односно ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Оспорената одредбата од член 1 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии во делот кој се однесува на утврдувањето на минималниот број на граѓани како услов за основање на политичка партија, била предмет на разгледување пред Уставниот суд на Република Македонија, при што Судот, со Решение У. бр.23/2007 оценил дека тоа не претставува ограничување на остварувањето на слободата на политичкото здружување и дејствување, како фундаментално политичко право на граѓаните. Имено, утврдувањето на минимален број на членови за основање политичка партија, во суштина е поврзано со легитимната цел да се промовираат такви облици на здружување и дејствување кои ќе бидат носители на идеи зад кои стои респектибилно тело со определено влијание на исходот на изборите за претставничките тела.

Според тоа, Судот оценил дека утврдениот минимален број од 1000 граѓани како услов за основање на политичка партија во однос на бројот на граѓаните кои имаат општо избирачко право во Републиката, не е прекумерен и е прифатлив и не може да се смета дека претставува пречка за основање и пререгистрација на политички партии, поради што Судот не го поставил прашањето за согласноста на ова прашање со уставните одредби.

Со оглед дека ова законско решение повторно се оспорува од истите причини, а нема основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата во овој дел.

Со оглед на тоа што оспорените член 1 став 3, член 2 став 2 и член 12 став 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии, како и Исправката на Законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии, се укинати со Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У. бр.23/2007, а оспорениот член 10 став 2 од истиот закон е укинат со Одлука У. бр. 15/2007, со што се отстранети од правниот поредок во Република Македонија, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата во овој дел, поради што се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.50/2007
27 јуни 2007 година

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи

Leave a Reply