87/2007-0-0

87/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, членот 28 алинеја 2 и 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 27 јуни 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Колективниот договор за уредување на правата, обврските и одговорностите на работниците на Фондот за здравствено осигурување на Македонија број 04-4198/1 од 26 мај 2003 година.

2. Кире Сотировски од Крушево, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Колективниот договор означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорениот Колективен договор влегол во сила со денот на потпишувањето а не по објавувањето па поради тоа тој бил во несогласност со членот 51 став 1 од Уставот според кој законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, како и со членот 52 од Уставот според кој законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила најдоцна во рок од седум дена од донесувањето.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на одредби од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ број 80/1993, 14/1995, 53/1997, 21/1998, 25/2000, 3/2001, 50/2001, 25/2003 и 40/2003) кој важеше пред донесување на новиот Закон за работни односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005), бил донесен Колективниот договор за уредување на правата, обврските и одговорностите на работниците на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, број 04-4198/1 од 26 мај 2003 година.

Судот со решение У.бр.163/2003 од 18 февруари 2004 година не повел постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредби од оспорениот Колективен договор, а со решение У.бр.234/2005 од 12 април 2006 година ја отфрлил поднесената иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на истиот Колективен договор поради процесни пречки за одлучување.

4. Согласно членот 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективни договори со Уставот и со законите.

Според членот 28 алинеја 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Оспорениот Колективен договор кој е на ниво на работодавец бил склучен на 26 мај 2003 година помеѓу директорот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија и претседателот на Синдикалната организација на Фондот за здравствено осигурување на Македонија и бил донесен врз основа на одредби од Закон за работни односи кој престанал да важи согласно членот 271 од Законот за работни односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005).

Согласно членот 269 став 1 од Законот за работни односи, постојните колективни договори и акти на работодавачот ќе се усогласат со овој закон најдоцна во рокот од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон (од 28 јули 2005 година).

Согласно ставот 2 од овој член од Законот, колективните договори кои нема да се усогласат во рокот определен во ставот 1 на овој член престануваат да важат.

Согласно ставот 3 од овој член од Законот, до склучувањето на колективните договори и донесувањето на акти на работодавачот согласно со овој закон, непосредно се применуваат одредбите на овој закон.

Врз основа на изнесеното Судот оцени дека оспорениот Колективен договор број 04-4198/1 од 26 мај 2003 година уредувал односи на права и обврски на договорните страни врз основа на Закон за работни односи кој важел во време на неговото донесување, меѓутоа врз основа на новиот Закон за работни односи Колективниот договор престанал да важи по сила на законот и веќе не е во правниот поредок, а новото колективно договарање е условено со нормите на важечкиот Закон за работни односи.

Врз основа на ваквата правна и фактичка состојба Судот оцени дека Колективниот договор е надвор од правниот поредок по сила на закон и се исплнети условите согласно наведените деловнички одредби за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.87/2007
27 јуни 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи

Leave a Reply