41/2007-0-0

41/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членoви 28 став 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 6 јуни 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 109 став 3 и членот 150 ставовите 1 и 3 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005).

2. Предраг Симовски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите 109 став 3 и 150 ставовите 1 и 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата со оспорените членови од Законот се повредувало правото на жалба гарантирано во членот 15 од Уставот.

Имено, по цитирање на членот 109 став 3 од Законот, подносителот на иницијативата наведува дека оваа одредба била „хибридно“ законско решение кое не постоело во Законот за парничната постапка, кој повеќе не е во сила. Оттаму, станувало збор за „октроирана“, наметната одредба што излегувала надвор од уставните и законските принципи. Ова од причина што барањето за враќање во поранешна состојба повеќе не било посебно правно средство, туку станувало казна на која се излагала странката и тоа без нејзина вина затоа што според сегашното законско решение, независно од исходот на спорот странката која барала враќање во поранешна состојба била должна да и ги плати и трошоците на спротивната странка. Притоа за ваквото барање судот одлучувал со решение, без одлагање, независно од одлуката за главната работа и најлошо од се било што против така донесеното решение не била дозволена посебна жалба, а извршувањето можело да се бара и пред правосилноста на решението.

Според подносителот на иницијативата, во ваквото законско решение не се согледувала правната логика, ниту можела да се согледа потребата од итност во постапувањето за извршување на процесното дејствие, што било спротивно на Главата ХI од Законот со наслов: „Трошоци на постапката“, бидејќи за овие трошоци можело да се одлучува заедно со главната работа. Имено, основен принцип за надомест на трошоците во постапката бил постигнатиот успех во спорот и во зависност од тоа судот определувал која од странките колкави трошоци ќе и плати на спротивната странка за што се одлучувало секогаш со одлуката за главната работа. Потоа одлуката за трошоците во постапката била самостојна одлука против која била дозволена жалба, според членот 368 став 1 од Законот, што требало да важи и за оспорениот член 109 став 3, меѓутоа според законското решение не можело да се заклучи со сигурност дали наплатените средства од барателот ќе влезат во конечната одлука за трошоците, или не, и дали истите би биле вратени доколку барателот во целост успее во спорот.

Со цел да се покриело и оправдало вака опишаното неуставно решение, според подносителот на иницијативата бил вметнат и „октроиран“ и чл енот 150 од Законот кој исто така не постоел во Законот што бил претходно во сила. Имено во ставот 1 од овој член странката била должна, независно од исходот на постапката, да и ги надомести трошоците на спротивната странка предизвикани по сопствена вина, или случај и се случил нејзе. Притоа симптоматично било што постоело изедначување помеѓу вина на странката и случај што неа и се случил, од причина што во кривично правната теорија било познато дека вина постоела само доколку кај лицето постоела смисленост или небрежност, што не можело да се каже и за случајот-како кривично правен поим, бидејќи тој не бил поврзан со никаква вина, не можел да се предвиди, ниту пак одстрани. Заради тоа, според подносителот на иницијативата, случајот бил оправдана причина врз основа на која странката можела непречено и без посебни трошоци да го оствари своето право во постапката.

По однос на оспорениот став 3 од членот 150 од Законот, подносителот на иницијативата наведува дека содржи идентично законско решение како оспорениот член 109 став 3 од Законот, што било во спротивност со Главата ХI со наслов: „Трошоци на постапката“ и членот 368 став 1 од Законот.

Според тоа, двете оспорени одредби ги ограничувале на противуставен начин правата на човекот и граѓанинот и гаранциите што ги давал Уставот за правилна и целосна судска заштита на законитоста на одлуките на државните органи, како и на „императивната одредба“ дека сите закони морале да бидат во согласност со Уставот на Република Македонија. Потоа, во продолжение на нав одот нумерички се означуваат членовите 15, 50, 51 и 54 од Уставот.

Инаку, иницијативата е составена од Ирена Фрчкоска, адвокат од Скопје и во неа е содржано појаснување дека истата е овластена да го застапува подносителот на иницијативата во оваа постапка. Меѓутоа, посебно полномошно за застапување на подносителот на иницијативата пред Уставниот суд не е доставено од каде иницијативата има третман на иницијатива поднесена од граѓанин.

3. Судот на седницата утврди дека, Главата VII од Законот за парнината постапка со наслов „Рокови и рочишта“ во себе го содржи и поднасловот: „Враќање во поранешна состојба“, во кој се содржани членовите 109 до 114 од Законот.

Според член 109 од Законот, ако странката пропушти рочиште или рок за преземње на дејствие во постапката и поради тоа го загуби правото на преземање на тоа дејствие, судот на таа странка на нејзин предлог ќе и дозволи дополнително да го изврши тоа дејствие (враќање во поранешна состојба), ако оцени дека постојат оправдани причини за пропуштањето (став 1).

Кога ќе се дозволи враќање во поранешна состојба, постапката се враќа во онаа состојба во која се наоѓала пред пропуштањето и се укинуваат сите одлуки што ги донел судот поради пропуштањето (став 2).

Странката која бара враќање во поранешна состојба должна е на спротивната странка да и ги надомести трошоците во постапката предизвикани со пропуштањето и одлучувањето за предлогот за враќање во поранешна состојба, независно од исходот на спорот. За барањето на спротивната странка за надомест на трошоците на постапката судот е должен да одлучи со решение без одлагање, независно од одлуката за главната работа. Против решението не е дозволена посебна жалба, а извршувањето по таа основа може да се бара пред неговата правосилност (оспорениот став 3).

Главата XI со наслов „Трошоци во постапката“ го содржи и поднасловот „Парнични трошоци“ системати-зирани во членовите 145 до 161 од Законот.

Според член 150 од Законот, странката е должна независно од исходот на парницата да и ги надомести на противната странка трошоците што ги предизвикала по своја вина или случај што и се случил нејзе (оспорениот став 1).

Судот може да одлучи законскиот застапник или полномошник на странката да и ги надомести на спротивната странка трошоците што ги предизвикал по своја вина (став 2).

За надоместот на трошоците од ставовите 1 и 2 на овој член судот е должен со решение да одлучи без одлагање. Против тоа решение не е дозволена посебна жалба, а извршување на решението може да се бара пред неговата правосилност (оспорениот став 3).

4. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи со Уставот и со законите.

Според член 15 став 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на закон, односно одделни негови одредби, меѓу другото содржи причини за нивното оспорување.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот, Судот ќе ја о тфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во членот 15 од Уставот, се гарантираше правото на жалба против поединечни правни акти донесени во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања.

Оваа уставна одредба беше во примена до денот на прогласувањето на Амахдманите ХХ до ХХХI на Уставот (7 декември 2005) кога истите беа прогласени („Службен весник на Република Македонија“ бр.107/2005 од 9 декември 2005 година).

Во наведените Амандмани на Уставот спаѓа и Амандманот ХХI, во чија точка 1 се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд. Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка од прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.

Според точката 2 на истиот Амандман, со овој Амандман на Уставот се заменува членот 15 на Уставот на Република Македонија.

Оттаму, и поранешната и сегашната уставна одредба содржат посебна гаранција за остварување на личните граѓански и политички слободи и права утврдени со Уставот преку даденото право на граѓанинот на жалба против поединечите правни акти донесени во постапка во прв степен пред судовите.

Инаку, во конретниот случај во иницијаивата, меѓу другото, се бара оцена на уставноста на оспорените одредби од Законот по однос на нивната согласност со членот 15 од Уставот, при што оваа одредба не само нумерич ки, туку и содржински не соодветствува на сегашниот Амандман ХХI на Уставот во кој се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд.

Во секој случај определбата на законодавецот во вакви случаи да предвиди против решението да не може да се изјави посебна жалба, според правилата на парничната постапка не значи и тоа дека засегнатата странка нема воопшто право на жалба, туку дека така донесеното решение може да го побива само во жалбата против коне-чната одлука, а не и за споредните работи како што е во конкретниот случај.

Останатите наводи од иницијативата што се однесуваат на излегување на законодавецот надвор од уставните принципи, внесување на окторирано или хибридно законско решение како неуставно, ново решение, претварање на институтот „враќање во поранешна состојба“ од правно средство во казна, потоа ограничување на правата на граѓаните на противуставен начин со цитирање на членот 51 од Уставот, без постоење на понатамошни конкретни наводи во што би се состоела повредата на наведениот член и членовите 50 и 54 од Уставот, се неосновани и недоволни за да доведат до впуштање на Судот во уставносудска оцена.

Ова од причина што, според член 15 став 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на закон, односно одделни негови одредби, меѓу другото содржи причини за нивното оспорување, но во конкретниот случај според Судот во иницијативата не се содржни доволно јасни аргументи кои би оделе во прилог на несогласноста на законските одредби со Уставот.

Од понатамошната анализа на наводите од иницијативата произлезе дека истите можат да се поделат во неколку групи на наводи и тоа:

– Наводи што се однесуваат на компарирање на законските решенија во Законот за парничната постапка, што престанал да важи и Законот за парничната постапка што сега е во сила.

– Наводи што се однесуваат на меѓусебна спротивност на оспорените одредби од Законот со Главата XI со наслов: „Трошоци во постапката“ и членот 368 став 1 од Законот.

– Наводи што се однесуваат на можната дилема на судовите по однос на примената на оспорените одредби во случај на донесување на конечна одлука на судот и евентуалната потреба од враќање на наплатените трошоци на странката која во целост успеала во спорот.

– Последната група на наводи се однесува на компарирање на значењето на употребената формулација: „случај што и се случил нејзе“ од оспорениот член 150 став 1 од Законот со значењето на поимот: „случај “како кривично правен поим.

Тргнувајќи од изнесените наводи од иницијативата во кои причините за несогласност со Уставот се наоѓаат преку меѓусебно компарирање на содржина на закон што бил во сила и закон што сега е во сила или меѓусебно компарирање на содржина на одредби од ист или различен закон, Судот оцени дека сите наведени групи на наводи не се подобни за покренување на прашањето за оцена на оспорените одредби од уставноправен аспект.

Според тоа, постоењето на процесни пречки за одлучување по иницијативата е пр ичина за нејзино отфрлање, согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6 . Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.41/2007
6 јуни 2007 година
С к о п ј е
мл

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи

Leave a Reply