Решение У.бр.83/2007

У.бр.83/2007

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 6 јуни 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Ценка Иванова од Радовиш, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот, што се однесуваат на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на социјална припадност.

2. Ценка Иванова од Радовиш, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесуваат на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на социјална припадност.

Според наводите во барањето, со Налогот за отстранување од работно место, бр. 0402-372 од 28.септември 2005 година, Одлуката за откажување на договорот за вработување без отказен рок, бр. 0402-403 од 07 октомври 2005 година, Тужбата за надомест на штета до Основниот суд Радовиш, поднесена од АД „Јака-80“ Радовиш, како тужител, против Ценка Иванова, како тужен, бр. 0306-483 од 21 септември 2006 година, заведена во Судот под П. бр.206/06 од 10 октомври 2006 година, АД „Јака – 80“ Радовиш, го повредила правото на забрана на дискриминација по основ на социјална припадност, на начин што ја ставила подносителката на барањето во понеповолна положба споредено со другите работници кои биле од иста социјална припадност, со тоа што таа добила отказ од работа и тужба за надомест на штета, а другите работници за истото дејство не добиле отказни решенија и тужби за надомест на штета.

Основниот суд во Радовиш, со Решение П.бр. 313/06 од 21 ноември 2006 година и Апелациониот суд во Штип, со Решение, Гж. бр. 281/06 од 16 јануари 2007 година го повредиле правото на подносителката на барањето за забрана на дискриминација по основ на социјална припадност, на начин што не го примениле Уставот и не и пружиле загарантирана уставно-судска заштита, со што директно ја поддржале дискриминацијата која го ставила граѓанинот во понеповолна положба споредено со другите работници кои биле од иста социјална припадност, а не добиле отказни решенија и тужби за надомест на штета.

Имено, подносителката на барањето била вработена во АД „Јака – 80“ Радовиш, се до 28 септември 2005 година кога со Одлука бр. 0402-403 и престанал работниот однос поради наводно кршење на работниот ред и дисциплина и работните обврски, односно намерно предизвикување на штета на работодавачот од страна на работникот, на која одлука и претходел налог за отстранување од работно место.

Во прекинот на работата, кој бил основ за престанокот на работниот однос, спонтано учествувале вкупно 36 работници од кои, иако сите имале иста улога во прекинот, само 10 работници добиле налози за отстранување од работно место, а потоа само шест од нив, меѓу кои и подносителката на барањето, добиле одлуки за престанок на работниот однос.

Трудовиот инспекторат извршил увид на ден 03 октомври 2005 година и притоа констатирал дека работниците биле отстранети од работните места без притоа работодавачот да утврди повреда на работната обврска, а исто така и по повторно извршен инспекциски надзор на ден 14 октомври 2005 година, инспекторот констатирал дека во прекинот на работниот процес учествувале вкупоно 36 работници, а одлуки за престанок на работниот однос добиле само шест работници и тоа преурането, пред да се направи записник за наводната штета, во кој би требало да пишува каква и колкава штета била предизвикана, за да врз основа на таа штета се донесат евентуални одлуки за престанок на работниот однос.

Суштината на ова барање за заштита на правото била во тоа што подносителката на барањето била дискриминирана во однос на останатите 31 работник, кои иако на еднаков начин учествувале во прекинот на работниот процес, не добиле налози за отстранување, а потоа и одлуки за престанок на работниот однос, со што подносителката била дискриминирана по основ на социјална припадност, бидејќи сите 36 работници од работниот колектив припаѓале на иста социјална група од која подносителката била селективно и неправедно издвоена, со што бил прекршен Уставот на Република Македонија преточен во членовите 6, 7 и 9 од Законот за работните односи и работникот бил ставен во понеповолна положба во однос на други лица во споредбени случаи според член 7 точка 2 од истиот закон, а целото тоа претставувало повреда на достоинството на работникот и предизвикување страв, создавање на непријателско, понижувачко или навредливо однесување според член 9 точка 3 од Законот за работните односи.

Понатаму се наведува дека, по цела година од престанокот на работниот однос, подносителката на барањето добила од поранешниот работодавач тужба за надомест на штета во висина од 88.888,00 денари, што претставувало 1/36 од наводната вкупна штета од 3.200.000,00 денари, а од вкупно 36 работници кои учествувале во прекинот, само шест работници добиле дискриминаторски тужби за штета, што исто така претставувало по ред трето, селективно и дискриминаторско дејство, со цел да предизвика страв и понижувачко однесување како кај подносителот на барањето, така и кај останатите работници, заради смислено предизвикување на психоза и притисок заради смирување и контролирање на работниците, да бидат спречени да ги остварат своите права од работен однос. Со ваквата тужба, подносителката на барањето повторно била ставена во понеповолна положба со другите лица од споредбени случаи, односно во однос на 30 работници, кои заедно со шесте дискриминирани работници меѓу кои и подносителката, учествувале во прекинот на работниот процес, а не добиле вакви тужби.

Понатаму во иницијативата се наведува дека во согласност со член 50 став 1 од Уставот, подносителката се обратила за судска заштита, но судовите не пружиле заштита на слободите и правата утврдени со Уставот, затоа што не се впуштиле во расправање иако според Уставот морале да постапуваат. Имено, тие го прекршиле Уставот со констатацијата дека не бил спазен рокот од 8 дена за обраќање до работодавачот, а притоа не била спазена уставната интенција дека заштитата на дискриминацијата не треба да се поврзува со било кој закон, во конкретниов случај со Законот за работните односи, туку единствено право пропорционално со Уставот, кој како акт е супремат над законите и истите судови прво требало да судат врз основа на Уставот, а потоа врз основа на законите, кои според начелото на уставност и законитост, морало да се во согласност со Уставот.

Според подносителката на барањето, факт било дека постоела дискриминација и факт било дека истата била забранета, така што смета дека таквиот став на двата суда бил ретрограден и ригиден, не кореспондирал со пошироката димензија на забрана на дискриминацијата, кои во конкретниов случај претставувале дејствија и акти со кои била повредена и навредена личноста на работникот со ставање во понеповолна положба со споредбените случаи и газење на неговото достоинство, што било сторено и во моментот на добивањето на налогот за отстранување, одлуката за престанок на работниот однос и тужбата за штета, како и двете судски решенија за отфрлање на тужбата за дискриминација како недозволена, акти со кои било повредено уставното начело на слобода и еднаквост и загарантираното право на забрана на дискриминација на граѓаните на Република Македонија.

Врз основа на наведеното, се апелира Уставниот суд да не дозволи вакво насилничко и дискриминаторско однесување и да даде заштита на правото на граѓанинот за забрана на дискриминација по основ на социјална припадност и при одлучувањето да ја има предвид и Европската конвенција за човекови права, односно делот 1 (Права и слободи), поточно членот 14 од тој дел, за забрана на дискриминација, кој гласел дека уживањето на правата и слободите признати со оваа конвенција ќе се обезбеди за сите без дискриминација, без оглед на пол, раса, боја на кожа, јазик, религија, политичко или друго уверување, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, сопственост, род или друг статус, која Конвенција ја има ратификувано Собранието на Република Македонија и со тоа е инкорпорирана во нашиот правен поредок и има задолжителна примена во однос на слободите и правата на човекот и граѓанинот со свој пандан во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека подносителката на барањето била вработена во АД „Јака-80“ Радовиш, на работно место ракувач на производна машина.

На 28 септември 2005 година дошло до прекин на работата, така што 36 вработени ги напуштиле работните места и ги попречувале другите да ги обавуваат своите работни задачи во период од 16,00 до 22,00 часот. Меѓу оваа група на работници била и подносителката на барањето.

Поради прекинот на работата, видно од Записникот од извршениот инспекциски надзор од областа на работните односи, изготвен од Државниот инспектор за труд, бр. 07-461/2 од 03 октомври 2005 година, на 11 работници, меѓу кои и подносителката на барањето, им е даден налог за отстранување од работно место на ден 28 септември 2005 година.

На 07 октомври 2005 година, на шест од овие работника, меѓу кои и подносителката на барањето, поради кршење на работниот ред, дисциплина и работните обврски, односно намерно предизвикување штета на работодавачот од страна на работниците, им се дадени одлуки за откажување на договорот за вработување без отказен рок.

Видно од известувањето на АД „Јака-80“ Радовиш доставено до Уставниот суд на Републикла Македонија во фаза на претходна постапка, бр.0306-178/1 од 27 април 2007 година, подносителката на барањето има заведено работен спор пред Основниот суд во Радовиш поради престанокот на работниот однос, при што со правосилна пресуда ГЖ бр.1140/2006 од 11 јули 2006 година, тужбеното барање на истата е одбиено како неосновано и потврдена е одлуката за откажување на договорот за вработување поради намерно сторена штета. Против оваа пресуда, подносителката на барањето има поднесено барање за ревизија, по кое постапката е во тек.

По правосилноста на наведената пресудата, АД „Јака-80“ Радовиш, против сите работници на кои заради случајот им била изречена мерката отказ поради намерно сторена и утврдена штета, меѓу кои и против подносителката на барањето, пред Основниот суд во Радовиш има поднесено тужби за надомест на штета. Од известувањето на Основниот суд во Радовиш, број 313/06 од 25 април 2007 година, доставено до Уставниот суд во фаза на претходна постапка, се констатира дека тужбата на подносителката на барањето е заведена под П.бр 256/06. По овој спор постапката е ставена во прекин се до правосилното завршување на постапката пред Врховниот суд на Република Македонија по изјавената ревизија против пресудата на Апелациониот суд во Штип, ГЖ бр.1140/2006 од 11 јули 2006 година .

На 08 ноември 2006 година, подносителката на барањето има поднесено тужба до Основниот суд во Радовиш, со која бара Судот да донесе пресуда со која ќе утврди дека тужениот АД „Јака-80“ Радовиш извршил директна дискриминација врз подносителката со повреда на член 6, член 7 и член 9 став 1 и 3 од Законот за работните односи, во смисла на вознемирување и предизвикување на страв и понижувачко однесување, како кај тужителот така и кај останатите работници, со цел смислено предизвикување на психоза и притисок заради смирување и контролирање на работниците, да бидат спречени во остварување на своите права, поради што бара Судот да го задолжи тужениот да и плати на подносителката на барањето пет месечни просечни плати во Република Македонија на име надомест на штета поради извршена дискриминација.

Основниот суд во Радовиш, со Решение П.бр.313/06 од 21 ноември 2006 година, ја отфрлил тужбата за надомест за штета за дискриминација, како ненавремена.

Апелациониот суд во Штип, решавајќи по жалба на тужителката, донел Решение ГЖ.бр.2812/06 со кое ја одбил жалбата како неоснована и го потврдил Решението на Основниот суд во Радовиш, П.бр.313/06 од 21 ноември 2006 година. Второстепеното решение на Апелациониот суд во Штип тужителката го примила на 14 февруари 2007 година.

По правосилноста на наведеното решение, на 03 март 2007 година, подносителката на барањето доставила претставка до Народниот правобранител, со барање, овој орган, како надлежен да ги штити уставните и законските права на граѓаните кога им се повредени со акти на органи и организации што имаат јавни овластувања и кој е надлежен да презема дејствија за заштита на начелата на недискриминација, да му предложи на Апелациониот суд во Штип да спроведе повторна постапка во која ќе ги заштити уставните гарантирани права на граѓанинот за недискриминација.

Во врска со наведената претставка, Народниот правобранител, со акт НП бр. 07-572/06 од 12 март 2007 година, ја известил подносителката дека овој орган нема надлежност на судот да му наложи спроведување на повторна постапка, односно дека нема надлежност во врска со некое поединечно право на граѓаните мериторно да одлучува, поради што нема да покрене постапка по оваа претставка. Меѓутоа, имајќи ја предвид содржината на претставката, Народниот правобранител и укажал на подносителката дека за правото на заштита поради повреда на уставното и законското право на еднаквост со другите граѓани, има право да се обрати до Уставниот суд на Република Македонија, како и до Европскиот суд за човекови права.

4. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, а според алинеја 3 од истиот член, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здржување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање. Во барањето, според член 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Тргнувајќи од корпусот на слободите и правата што ги штити Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на утврдената надлежност во членот 110 алинеја 3 од Уставот, произлегува дека Судот во постапката за заштита на слободите и правата не е надлежен да штити право на судска заштита, ниту право од работен однос. Од друга страна, пак, според наводите во барањето, произлегува дека во суштина, станува збор токму за заштита на право од работен однос и судска заштита.

Имено, за оспорените акти донесени од АД „Јака-80“ Радовиш (налог за отстранување од работно место, бр. 0402-372 од 28 септември 2005 година и Одлука за откажување на договорот за вработување без отказен рок, бр. 0402-403 од 07 октомври 2005 година), подносителката водела работен спор, кој завршил со правосилна судска пресуда ГЖ. бр.1140/2006 од 11 јули 2006 година со која е потврдена одлуката за откажување на договорот за вработување, а во тек е постапка по ревизија. Освен тоа, рокот од два месеци од денот на доставувањето на овие конечни акти е изминат, поради што согласно член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, постојат процесни пречки за тоа Уставниот суд да се впушти во одлучување по барањето во делот кое се однесува на истите.

Постапката по оспорената тужба за надомест на штета што АД „Јака-80“ Радовиш ја поднела против подносителката на барањето, е во фаза на прекин, чекајќи го исходот од ревизијата по основ на работниот спор за престанок на работниот однос, како претходно прашање од кое зависи исходот на тужбата.

По тужбата за надомест за дискриминација, што подносителката на барањето ја поднела против АД „Јака-80“ Радовиш, донесени се оспорените решенија на Основниот суд во Радовиш (П.бр. 313/06 од 21 ноември 2006 година) и Апелациониот суд во Штип (Гж. бр. 281/06 од 16 јануари 2007 година), со кои тужбата е отфрлена како неблаговремена.

Од наведеното произлегува дека подносителката на барањето била запознаена со нејзините права во постапката за заштита на правото од работен однос и истите ги искористила.

Од друга страна, пак, во барањето само начелно се укажува дека со оспорените акти е извршена дискриминација на подносителката на барањето по основ на социјална припадност. Имено, taa укажува дека дискриминацијата по основ на социјална припадност била сторена со тоа што иако 36 работника од работниот колектив на АД „Јака – 80“ Радовиш кои припаѓаат на иста социјална група, учествувале во прекинот на работниот процес, само десет од нив добиле налози за отстранување од работно место, од кои само шест добиле откази на договорот за вработување поради кршење на работниот ред, дисциплина и работните обврски, односно намерно предизвикување штета на работодавачот, меѓу кои била и подносителката на барањето. Тоа значело дека подносителката на барањето била селективно и неправедно издвоена и ставена во понеповолна положба во однос на другите лица во споредбени случаи, што било спротивно на членовите 6, 7 и 9 од Законот за работните односи, а сето тоа претставувало повреда на достоинството на работникот и предизвикување страв, создавање непријателско, понижувачко или навредливо однесување.

Според Судот, овие наводи na podnositelkata na baraweto не само што не укажуваат на повреда по основ на социјална припадност, туку напротив, укажуваат дека повредата на работните должности, а не социјалната положба на работниците, била причина за престанокот на работниот однос. Во барањето, ниту во приложената документација, нема други наводи кои би укажувале на дискриминација на работникот по основ на социјална припадност.

Исто така, во барањето нема наводи за тоа дека со оспорените решенија на надлежните судови донесени по тужбата за надомест за дискриминација е извршена дискриминација на подносителката по основ на социјална припадност, туку само се укажува дека судовите погрешно постапиле со тоа што го примениле Законот за работните односи, наместо директно да го применат Уставот како највисок акт.

Според тоа, Судот оцени дека во конкретниот случај наводите на подносителката за заштита од дискриминација по основ на социјална припадност служат само како повод и оправдување за тоа Уставниот суд да се постави во позиција на инстанционо надреден арбитер и да пресуди во конкретната работа, односно, да се впушти во оцена на законитоста на работата на судовите кои постапувале по нејзините барања, за што Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да одлучува.

Поради наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на барањето.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.83/2007
6 јуни 2007 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи

Leave a Reply