79/2007-0-0

79/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 30 мај 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Заклучокот за потврдување на Заклучокот за префрлање на ингеренциите од областа на урбанизмот на Министерството за транспорт и врски број 07-1926/2 објавен во „Службен гласник на општина Аеродром“ бр.24/2007 од 4 април 2007 година.

2. Кирил Тодоровски, градоначалник на општина Аеродром на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорениот Заклучок бил донесен надвор од ингеренциите на Советот на општина Аеродром, кој биле утврдени во Деловникот за работа на Советот на општина Аеродром. Оттука, Советот на општина Аеродром не бил надлежен да иницира префрлување и одземање на надлежностите од област ана урбанизмот.

Имено, Министерството за транспорт и врски, како орган на државна управа кое врши работи од областа на уредувањето на просторот според иницијаторот било единствено надлежно да презема активности за спроведување на надзорот над законитоста на работењето на органите на општината од областа на урбанизмот.

Во иницијативата, исто така, се наведува дека донесениот Заклучок бил во спротивност со член 52 од Уставот бидејќи не станувало збор за примена на повратно дејство на пропис кој бил поповолен за граѓаните.

Од овие причини со иницијативата се бара поништување на оспорениот акт и Судот до донесување на конечна одлука да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорениот акт.

3. Судот на седницата утврди дека советот на општина Аеродром, врз основа на член 138 од Деловникот за работа на Советот на општина Аеродром („Службен гласник на општина Аеродром“ бр.1/2006) на 15 март 2007 година го донел оспорениот Заклучок.

Според член 1 од Заклучокот, се констатира согласно реалната состојба на теренот на општина Аеродром и незадоволството на граѓаните во истата, од страна на Градоначалникот и Секторот за урбанизам и комунални дејности, во изминатите две години не направено многу за да се движат работите напред.

Согласно член 2 од истиот Заклучок, со таа цел се упатува барање до Министерството за транспорт и врски на Република Македонија со кое се бара истото, да ги одземе надлежностите од областа на урбанизмот кои беа префрлени на општина Аеродром.

Според членот 3 на оспорениот Заклучок, овој Заклучок влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на општина Аеродром“.

4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Поаѓајќи од правните елементи што го определуваат прописот, и според кои тој треба да содржи општи норми на однесување и да уредува односи на субјектите во правото на општ начин, Судот оцени дека во конкретниов случај оспорениот Заклучок нема карактер на пропис, поради што, како таков, не е подобен за уставно-судска оцена.

Имено, оспорениот Заклучок има карактер на конкретен акт со кој се известува, односно бара од Министерството за транспорт и врски да иницира постапка за одземање на ингеренциите на општина Аеродром, како единица на локалната самоуправа, од областа на урбанизмот.

Со оглед на фактот, што оспорениот Заклучок нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, бидејќи не уредува односи на општ начин и за неопределени субјекти, туку напротив претставува правен однос со кој се регулираат права и обврски на две страни, односно е акт кој има дејство inter partes, Судот утврди дека не е надлежен за оценување на неговата согласност со Уставот и со Законот за локалната самоуправа, поради што се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.79/2007
30 мај 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи

Leave a Reply