18/2007-0-0

18/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 8 и 9 мај 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 140 ставовите 1, 4 и 5 од Законот за Здравствена Заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/1991, 46/1993, 55/1995, бр.10/2004, 84/2005, 111/2005, 65/2006 и 5/2007);

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 140 ставовите 2 и 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Анета Дуцкиновска од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 140 од законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, меѓу заедничките права на сите граѓани на Република Македонија е и правото на работа и правото на еднаквост. Исто така, е спомнатo дека стоматолозите имаат право да вршаат професионална должност без присуство на ментор или задолжителна специјализација, од било каков вид. Облигацијата од типот на специјализација до 2011 година според подносителот на иницативата е неуставна законска одредба, бидејќи истата директно ги деградирала, oбезвреднувала и оштетувала стоматолозите и лекарите дипломирани пред тој закон, и под “de fault” ги прави граѓани од втор ред.

Оспорениот член, од Законот предвидел дека со завршени студии од 6 години, завршување на приправнички стаж од 12 месеци, и положен стручен испит, автоматски и лекарите и стоматолозите се стекнувале со лиценца за работа. А сега, со измената на Законот е задолжителна со краен рок до 2011 година.

Според иницијативата, станува збор за генерациска нееднаквост (некои од нив се родени порано а некои подоцна), а не стручна, меѓу самите нив доктори, стоматолозите и лекарите, а не во однос на фармацевтите. Оспорениот член, исто така, ја ограничува и речиси елиминира можноста за работа и тоа: или во присуство на ментор; или ако за одредено работно место, не се јави друг доктор со работна лиценца. Исто така, подносителот на иницијативата смета дека е лишена од правото на егзистенција, бидејќи во времето додека трае специјализацијата, на докторот му се земал факсимилот и не бил во состојба да работи.
Всушност, во иницијативата се наведува дека со оспорената законска одредба лекарите и стоматолозите биле ставени во нееднаква положба во однос на дипломираните фармацевти и во однос на сите други работници со високо образование, затоа што за нив се воведувало задолжително стекнување на основна лиценца со која можеле да укажуваат здравствена заштита само под надзор на здравствен работник кој поседувал лиценца за работа. За разлика од нив, здравствените работници со високо образование од областа на фармацијата биле ставени во привилегирана положба, затоа што законодавецот за нив не пропишал добивање на основна лиценца за работа ниту задолжителна специјализација за стекнување на лиценца за работа.

Врз основа на изнесеното бара, оспорената одредба од Законот да се укинe.
4. Судот на седницата утврди дека според член 140 од Законот:
„Здравствените работници со средно, више и високо стручно образование во траење од три години можат самостојно да укажуваат здравствена заштита по завршувањето на приправничкиот стаж и положувањето на стручниот испит.
Здравствените работници со високо образование од областа на медицината и стоматологијата можат да укажуваат здравствена заштита под надзор на здравствен работник со лиценца за работа по завршувањето на приправничкиот стаж, положувањето на стручниот испит и добивањето на основна лиценца.
Здравствените работници со високо образование од областа на медицината и стоматологијата можат самостојно да укажуваат здравствена заштита по завршувањето на приправничкиот стаж , положувањето на стручниот испит, завршувањето на специјализација, односно субспецијализација и соодветна лиценца за работа.
Здравствените работници со високо образование од областа на фармацијата можат самостојно да вршат фармацевтска дејност по завршувањето на приправничкиот стаж, положувањето на стручниот испит и добивањето на лиценца за работа.
По исклучок од ставот 2 на овој член здравствените работници со високо образование од областа на медицината и стоматологијата со основна лиценца можат самостојно да укажуваат здравствена заштита ако при пополнувањето на определено работно место не се јават здарвствени работници со лиценца за работа.“

5. Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Според член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, се темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија една од темелните вредности на уставниот поредок на Репубиката е владеењето на правото.

Согласно член 9 став 2 од Уставот граѓаните се еднакви пред Уставот и законите.

Во членот 32 став 1 од Уставот е предвидено дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност, а според став 5 на овој член од Уставот остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Од наведените уставни одредби (на кои се повикува подносителот на иницијативата) произлегува дека со нив се заштитува правото на вработување и слободен избор на истото.

Според член 34 од Уставот граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Согласно член 140 став 1 од Законот здравствените работници со средно, више и високо стручно образование во траење од три години можат самостојно да укажуваат здравствена заштита по завршувањето на приправничкиот стаж и положувањето на стручниот испит.

Согласно член 140 став 2 од Законот здравствените работници со високо образование од областа на медицината и стоматологијата можат да укажуваат здравствена заштита под надзор на здравствен работник со лиценца за работа по завршувањето на приправничкиот стаж, положувањето на стручниот испит и добивањето на основна лиценца.

Според став 3 на овој член од Законот здравствените работници со високо образование од областа на медицината и стоматологијата можат самостојно да укажуваат здравствена заштита по завршувањето на приправничкиот стаж, положувањето на стручниот испит, завршувањето на специја-ли-зација, односно субспецијализација и соодветна лиценца за работа.

Согласно член 140 став 4 од Законот здравствените работници со високо образование од областа на фармацијата можат самостојно да вршат фармацевтска дејност по завршувањето на приправничкиот стаж, положувањето на стручниот испит и добивањето на лиценца за работа.

Согласно член 140 став 5 од Законот здравствените работници со високо образование од областа на медицината и стоматологијата со основна лиценца можат самостојно да укажуваат здравствена заштита ако при пополнувањето на определено работно место не се јават здарвствени работници со лиценца за работа.

Имајќи ги предвид видовите на професиите (фармацевти и лекари), Судот оцени дека законодавецот со тоа што не предвидел фармацевтите да се стекнуваат со основна лиценца за работа и со тоа што им дава можност да специјализираат само со завршен факултет и приправнички стаж, не го повредил начелото на еднаквост, односно дека фармацевтите не се доведени во привилигирана положба во однос на здравствените работници со високо образование од областа на медицината и стоматологијата, од причини што тие не се наоѓаат во иста правна положба.

Според тоа, не е спорно дека законодавецот има право да ги определува условите и критериумите под кои здравствените работници можат да укажуваат здравствена заштита, како впрочем тоа и го направил со оспорените ставови 1, 4 и 5 од членот 140 од Законот.

Со оглед на изнесеното, Судот утврди дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од член 140 став 1, 4 и 5 од Законот со Уставот на Република Македонија.

6. Уставниот Суд на Република Македонија со Решение У.бр.71/2005 од 28 декември 2005 година не поведе постака за оценување на уставноста на член 140 став 2 и 3 од Законот за здравствена заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/1991, 46/1993, 55/1995, 10/2004 и 84/2005) .

Во образложението на Решението меѓу другото стои дека:

„ Уставот со упатна норма го овластува законодавецот да ги уреди прашањата во врска со воведувањето, здобивањето и начинот на издавањето на основната лиценца за работа за здравствените работници со високо образование од областа на меди-цината и стоматологијата, при што Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за уставноста на овие одредби од Законот за здравствената заштита, како и на одредбата од член 153-б став 2 од Законот која ги утврдува условите што треба да ги исполнува здравствениот работник со високо образование од областа на медицината или стоматологијата кој се стекнал со лиценца за работа во странство. “

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал а нема основи за поинакво одлучување.

Со оглед на тоа што Судот веќе ја оценил уставноста на оспорената одредба од член 140 став 2 и 3 од Законот, Судот утврди дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот Суд на Република Македонија за отфрлање на ицицијативата во тој дел.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение под точка 1 Судот едногласно го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова – Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов, а под точка 2 за член 140 став 2 со мнозинство гласови.

У.бр.18/2007
8 и 9 мај 2007 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи

Leave a Reply