58/2007-0-0

58/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 8 и 9 мај 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка

а) за оценување на уставноста на член 128 од Законот за прекршоците („Службен весник на Република Македонија“бр.62/2006), и
б) за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за трошоците на прекршочната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.32/2007).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 под а) и за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 под б) од ова решение.

Според наводите во иницијативата, во оспорената законска одредба не биле одредени критериумите за трошоците во прекршочната постапка, со што бил оставен широк законски простор за мешање на извршната во законодавната власт, како и можност за арбитрерност и нееднаков третман под објективизирани и еднакви услови за плаќање на трошоците на прекршочната постапка, на оние лица кои биле должни да ги платат.

Поради овие причини, се наведува во иницијативата дека оспорената одредба на членот 128 од Законот за прекршоците не била во согласност со членовите 8 став 1 алинеи 3 и 4, 33, 51, 68 став 1 алинеја 2, член 91 алинеи 1 и 5, член 95 став 3 и 96 од Уставот на Република Македонија, како и точката 1 од Амандманот XXV на Уставот на Република Македонија.

Што се однесува до оспорениот подзаконски акт, во иницијативата се наведува дека со Правилникот за трошоците во прекршочната постапка се повредувале одредбите на член 56 став 1 и член 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, бидејќи со овој акт можеле само да се разработуваат одделни одредби на законот но, не и да се донесуваат во целост прописи за трошоците на прекршочната постапка.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 128 од Законот за прекршоците министерот за правда донесува Правилник за трошоците на прекршочната постапка.

Оспорениот Правилник содржи X (десет) глави. Во Глава I (прва) со наслов „Општи одредби“ е содржан членот 1 во кој се предвидува дека со овој правилник се определуваат трошоците на прекршочната постапка.

Во Глава II (втора) се содржани одредбите кои ги регулираат издатоците за сведоците, вештаците, преведувачите и толкувачите.

Во Глава III (трета) се содржани одредбите кои ги регулираат издатоците за увид, претресување на простории и лица и чување на одземени предмети.

Глава IV (четири) содржи одредба со која се регулираат издатоците за приведување.

Глава V (петта) ги регулира трошопците за службени дејствија и за службени лица.

Глава VI (шест) од Правилникот регулира што опфаќаат издатоците за лекување на обвинетиот додека е задржан и трошоци за породување.

Глава VII (седум) содржи одредба со која се определуваат патните трошоци на обвинетиот.

Во Глава VIII (осум) се определуваат наградите и потребните издатоци на бранителот.

Глава IX (девет) ги опфаќа издатоците на оштетениот, неговиот законски застапник и полномошникот.

Глава X (десет) од Правилникот ги содржи преодните и завршни одредби.

4. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите морат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.

Според член 95 алинеи 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Според член 95 став 3 од Уставот, организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Според точката 1 од Амандманот XXV на Уставот на Република Македонија, судската власт ја вршат судовите. Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Забранети се вонредни судови. Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Согласно членот 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2000 и 44/2002), министерот, меѓу другото, донесува правилници за извршување на законите кога за тоа е овластен со закон.

Според член 56 став 1 од овој закон, со правилник се утврдуваат и разработуваат одделни одредби на законите и други прописи заради нивно извршување, а според член 61 став 1 од овој закон, со актите што ги донесува министерот не може за граѓаните и правните лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.

Законот за прекршоците во членот 1 ја определува содржината на законот, според кој со овој закон се определуваат општите услови за пропишување на прекршоците и прекршочните санкции, општите услови за утврдување на прекршочната одговорност, за изрекувањето и извршувањето на прекршочните санкции и се пропишува прекршочната постапка што ја водат судовите, односно врз основа на овој и друг закон органите на државната управа или организациите и другите органи што вршат јавни овластувања надлежни за изрекување на прекршочни санкции.

Главата дваесет и седма од Законот го регулира прашањето за прекршоците на постапката.

Така, во членот 122 став 1 од Законот е предвидено дека трошоци на постапката се:

1) издатоци за сведоци, вештаци, преведувачи, толкувачи, увиди и претресување на простории и лица и чување на одземени предмети;
2) издатоци за приведување;
3) трошоци за службени дејствија и за службени лица;
4) издатоци за лекување на овинетиот, додека е задржан и тршоци за породување;
5) патни трошоци на обвинетиот;
6) паушал;
7) награда и потребни издатоци на бранителот и
8) потребни издатоци на оштетениот, неговиот законски застапник и полномошникот.

Според ставот 2 на овој член од Законот, паушалот се утврдува во границите на износите утврдени со пропис на министерот за правда во однос на траењето и сложеноста на постапката и во однос на општата состојба на она лице кое е должно да ја плати.

Според ставот 3 на истиот член од Законот, трошоците од ставот 1 точки 1 до 4 на овој член во прекршочната постапка се исплаќаат однапред од средствата на судот, а подоцна се надометуваат од она лице кое според членот 123 од овој закон е должно да ги плати.

Според член 123 од истиот закон, трошоците на постапката ги плаќа осудениот, на кој му е изречена прекршочна санцкија.
Ако се водела постапка поради повеќе прекршоци, она лице на кое му била изречена прекршочна санкција не ги сноси трошоците за оние прекршоци во однос на кои постапката била запрена ако тие трошоци може да се издвојат од вкупните трошоци.

Ако со иста одлука им е изречена санкција на повеќе обвинети, ќе се утврди колкав дел од трошоците исплаќа секој од нив, а ако тоа не може да се утврди, сите обвинтеи солидарно ќе ги платат трошоците на постапката.

Трошоците на постапката која била запрена паѓаат на товар на Судскиот буџет.

Судот што ја води прекршочната постапка може да го ослободи обвинетиот на кого му била изречена санкција од надоместокот на трошоците на постапката од членот 122 став 1 на овој закон, освен од наградата и потребните издатоци за бранителот, ако поради плаќањето на трошоците му е загрозена неговата егзистенција или на оние лица кои е должен да ги издржува.

Согласно член 124 од овој закон, во одлуката за прекршок се утврдува кој ги плаќа трошоците и колкави се.

Ако за утврдување на трошоците нема доволно податоци, за трошоците на постапката подоцна ќе се донесе посебно решение.

Барањето со податоците за висината на трошоците на постапката што била запрена може да се поднесе во рок од три месеца од денот кога правосилната пресуда или решението му било врачено на она лице кое има право да поднесе такво барање.

Во членот 125 од Законот, се предвидени посебните трошоци, односно обвинетиот, оштетениот, бранителот, законскиот застапник, полномошникот, застапникот на правното лице, сведокот, вештакот, преведувачот и толкувачот без оглед на исходот од прекршочната постапка ги плаќаат трошоците на своето приведување, одложување на дејствието во прекршочната постапка и другите трошоци што ги предизвикале по своја вина, како и соодветниот износ на паушалот.

За трошоците на постапката од ставот 1 на овој член се донесува посебно решение.

Во членовите 126 и 127 се предвидуваат трошоците во постапката по правни лекови и по вонредни правни лекови.

Имајќи ја во вид содржината на наведените уставни и законски одредби во корелација со наводите содржани во иницијативата, Судот оцени дека овластувањето на министерот за правда да донесува Правилник за трошоците во прекршочната постапка, односно со подзаконски акт да ги определува трошоците на прекршочната постпка не може да се доведе под сомнение по однос на согласноста со членот 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот.

Ова од причини што, во конкретниов случај овластувањето на министерот за правда е во функција на извршување, разработка на законски определени права да донесе конкретен подзаконски акт, со што истовремено ја остварува уставно утврдената положба на органите на државната управа, како дел од извршната власт, чија организација и работа се утврдени со закон. Оттука, со оспорената одредба на Законот не се навлегува во законодавната власт и не се повредува независноста и самостојноста на судската власт, како дел од државната власт.

По однос на наводите во иницијативата дека министерот за правда при донесување на подзаконскииот акт ги пречекорил овластувањата во Законот и надвор од рамките утврдени во истиот го донел оспорениот правилник, според Судот се неосновани. Ова од причина што трошоците на прекршочната постапка се децидно утврдени во цитираната Глава XXVII од Законот, односно во Законот се содржани критериуми и мерки по кој министерот може да ги определи трошоците на прекршочната постапка. Според тоа, Судот оцени дека не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека со оспорената законска одредба се повредува темелниот принцип на поделба на власта на законодавна, извршна и судска.

Имено, од анализата на горецитираните законски одредби содржани во членовите 122, 123, 124, 125, 126 и 127 од Законот за прекршоците, произлегува дека законодавецот дава широка рамка и критериуми врз основа на кои може да се определат трошоците во прекршочната постапка, а тоа се точно утврдените видови на трошоци на постапката, начинот на нивното плаќање и истовремено се предвидени и посебните трошоци, како и трошоците по правните лекови (редовни и вонредни) во прекршочната постапка.

Имајќи ја во вид содржината на изнесените законски одредби, како и Законот во целина, според Судот, не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека Законот не содржи критериуми за определување на висината на трошоците на прекршочната постапка од што произлегува дека оспорената одредба од членот 128 од Законот за прекршоците е во согласност со Уставот и со точката 1 од Амандманот XXV на Уставот на Република Македонија.

5. Што се однесува до наводите во иницијативата дека со оспорениот Правилник се повредувале наведените уставни одредби и одредбите на член 56 став 1 и член 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, Судот оцени дека се неосновани. Ова од причина што, оспорениот Правилник е подзаконски акт со кој не се препишуваат прописи за трошоците во прекршочната постапка, како што се тврди во иницијативата, туку со истиот само се доразработуваат, односно се операционаликзираат одредбите од Главата XXVII од Законот за прекршоците.

Оттука, со Правилникот, според Судот, не се определуваат права и обврски за граѓаните и други правни лица, бидејќи тие се веќе определени со цитираните законски норми од Законот за прекршоците.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.58/2007
8 и 9 мај 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи

Leave a Reply