202/2006-0-0

202/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 4 април 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 70 став 1 точка 1 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/1993, 31/1994, 14/1995, 71/1996, 32/1997, 24/2000, 96/2000, 50/2001, 85/2003, 50/2004, 4/2005, 84/2005, 101/2005 и 70/2006).

2. Никола Прелиќ од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 70 став 1 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорената одредба од Законот не била во согласност со членовите 40 и 50 од Уставот на Република Македонија од причини што вонбрачниот другар не бил наведен покрај другите лица наведени во оспорениот член 70 од Законот кои имаат право на остварување на правото на семејна пензија, со што врз вонбрачниот другар се вршела дискриминација во поглед на остварување на семејна пензија.

Во иницијативата понатаму се наведува дека Врховниот суд на Република Македонија и Фондот за пензиското и инвалидското осигурување со своите ставови вонбрачните другари ги доведувале во нерамноправна положба со брачните другари и покрај фактот што согласно членот 13 од Законот за семејството вонбрачната заедница во поглед на правото на меѓусебно издржување, била изедначена со брачната заедница.

Поради непримената на правиот „racio legis“ за стекнување на право на семејна пензија на вонбрачен другар, на некој начин се негирало и постоењето на вонбрачната заедница, која била признаена со закон и изедначена со брачната заедница.

Од содржината на целата иницијатива произлегува дека подносителот поентата ја става на тоа дека покрај другите лица кои се наведени во оспорениот член 70 од Законот да се набројува и вонбрачниот другар кој исто така, според него би требало да има право на остварување на семејна пензија.

Поради тоа подносителот на иницијативата бара Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот член 70 став 1 точка 1 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 70 од Законот семејна пензија можат да остварат членовите на семејството:

1) брачниот другар
2) децата (родени во брак или надвор од брак или посвоени; посиноците кои ги издржувал осигуреникот, внучињата и други деца без родители кои ги издржувал осигуреникот) и
3) родителите (таткото и мајката, очувот и маќеата) и посвоителот, што ги издржувал осигуреникот.

Семејна пензија може да оствари и брачниот другар од разведен брак, ако со судска одлука му е утврдено право на издржување.

4. Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Со иницијативата се бара оспорениот член 70 став 1 точка 1 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување да се дополни на тој начин што покрај брачниот другар, право на семејна пензија да оствари и вонбрачниот другар.

Тргнувајќи од наведените уставни и деловнички одредби, оспорената одредба од Законот, како и од фактот дека со иницијативата не се оспорува членот 70 став 1 точка 1 од Законот, поради неговата содржина, туку се оспорува поради содржина што ја нема и се бара истата да се дополни така, како што смета подносителот на иницијтиата за што Уставниот суд не е надлежен. Во конкретниот случај станува збор за барање за оценка на уставност на прашања кои не се содржани во оспорената одредба. Оценувањето на прашања кои не се содржани во одредбата, односно оценување дали одредбата треба да содржи нешто што според подносителот требало да содржи излегува надвор од надлежностите на Судот.

Во однос на наводите од иницијативата дека оспорениот член 70 став 1 точка 1 од Законот треба да се „усогласи“ со одредбите од Законот за семејството Судот оцени дека Уставниот суд не е надлежен да ја цени меѓусебната согласност на законите.

Оттука, имајќи го предвид изнесеното, а согласно наведените уставни и деловнички одредби Судот утврди дека иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 70 став 1 точка 1 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување треба да се отфрли.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.202/2006
4 април 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи

Leave a Reply