232/2006-0-0

232/2006-0-0

Вовед

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на

а) уставноста на член 132 од Законот за вршење на нотарските работи („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/1996, 25/1998 и 66/2006) и

б) уставноста и законитоста на Правилникот за нотарска тарифа донесен од Собранието на Нотарската комора на Република македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.26/2002).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за нотарска тарифа („Службен весник на Република Македонија“ бр.52/1997), донесен од министерот за правда.

3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 132 од Законот означен во точката 1 а) од ова решение и оценување на уставноста и законитоста на Правилникот означен во точката 2 од ова решение.

Уставниот суд на Република Македонија по сопствена иницијатива поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот означен во точката 1 б) од ова решение.

Според подносителот на иниција­тивата ако се поаѓа од тоа дека министерот за правда немал право да донесува подзаконски прописи со кои се утврдувале права и обврски за граѓаните, согласно член 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, тогаш тој или неговото Министерство не можело да даваат ниту согласност на нотарската тарифа, која ја донесува Комората на нотарите.

Од друга страна, пак, во Законот за вршење на нотарските работи не биле пропишани никакви критериуми или параметри за определување на надоместокот на трошоците во вршењето на служ­бените дејствија од делокругот на нотарот, поради што подносителот на иницијативата смета дека оспорената одредба од член 132 од Законот не била во согласност со одредбите на член 8 став 1 алинеја 3, член 51, член 91 алинеи 1 и 5 и член 96 од Уставот на Република Македонија, а со оспорениот правилник се повредувале членовите 55, 56 и 61 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, како и Законот за вршење на нотарските работи.

Поради изнесеното се предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на член 132 од Законот за вршење на нотарските работи и на уставноста и законитоста на Правилникот за нотарска тарифа.

3. Судот на седницата утврди дека:

а) Според оспорениот член 132 од Законот, нотарот има право на награда за вршењето на службените дејствија од неговиот делокруг во согласност со нотарската тарифа која ја донесува комората во согласност со Министерството за правда.

б) Со Правилникот за нотарска тарифа донесен од Собранието на Нотарската комора и објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.26/2002 се одредува награда за работата и надоместок на трошоците во вршењето на службените дејствија од делокругот на работата на нотарот.

Правилникот се состои од 11 точки во кој се поместени 46 члена.

Во првата точка се утврдени Општите одредби од Правилникот, во втората точка е утврдено „Одредувањето на вредноста на предметот на службените дејствија“, во третата, четвртата и петтата точка се уредени „Наградата за нотарски акти“, „Реализацијата на заложното право“ и „Потврдувањето на факти и изјави“.

Во шестата, седмата и осмата точка од Правилникот се уредени: „Издавањето на изводи, потврди, преписи и извадоци“, „Награда за преземање на исправи, пари и хартии од вредност, заради чување и предавање“ и „Наградите за другите работи“. „Трошоците“, „Дополнителната награда“ се уредени во точката деветта и десетта.

Во точката 11 се предвидени преодните и завршните одреби од Правилникот.

Судот, исто така, утврди дека оспорениот Правилник за нотарска тарифа донесен од министерот за правда („Службен весник на Република Македонија“ бр.52/1997) во членот 1 утврдува дека наг­радата и надоместокот на трошоците на нотарот за вршење на службените дејствија се одредува според оваа тарифа.

Во II Дел од оспорениот правилник е утврдено одредувањето на вредноста на предметот на службените дејствија.

Во III Дел од оспорениот правилник се определени нотарските акти.

Во IV Дел од оспорениот правилник се определува потврдувањето на фактите и изјавите, а во V и VI дел оспорениот правилник зборува за „Издавање на изводи, потврди, преписи и извадоци“, како и за „Преземање на исправи, пари и хартии од вредност“, заради чување и предавање.

„Давањето на совети и други работи“; „Трошоците“, „Дополнителната награда“ како и „Преодните и завршните одредби“ се утврдени во деловите VII, VIII, IX и X од оспорениот правилник.

4. Според членот 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, а според ставот 2 на овој член од Уставот секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 68 став 1 алинеи 2 и 3 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите и ги утврдува јавните давачки.

Според член 91 алинеи 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и донесува уредби и други прописи за извршување на законите, а според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Со Законот за вршење на нотарските работи се уредува вршењето на нотарските работи, се определуваат условите и постапката за основање на нотаријати и за именување на нотари и се утврдува делокругот на работа на нотаријатот.

Во членот 2 од Законот е утврдено дека нотарот, нотарските работи ги врши слободно, независно, самостојно, стручно и непристрасно врз основа на закон, други прописи и ошти акти засновани врз закон.

Според член 3 став 1 од Законот, нотаријатот е самостојна, независна јавна служба во која се вршат работи од видот на јавни овластувања врз основа на закон по барање на граѓаните, државните органи, правните лица и други заинтересирани институции.

Во ставот 2 од овој член од Законот е утврдено дека нотарот ја врши својата служба како основно занимање за времето за кое е именуван.

Во Глава четиринаесетта „Награда за работа и надоместок на трошоците“ во поднасловот „Нотарска тарифа“ е поместен оспорениот член 132 од Законот, според кој нотарот има право на награда за работата и на надоместок на трошоците во вршењето на службените дејствија од неговиот делокруг во согласност со нотар­ска­та тарифа која ја донесува комората во согласност со Министерството за правда.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби произлегува дека со Уставот точно и прецизно се дефинирани и утврдени носите­лите на законодавната, извршната и судската власт и јасно е направена разлика во поделбата на власта, при што со Уставот не е допуштено мешање на една во друга власт, туку власта е поставена како стру­ктура на самостојни релативно поделени власти чии статус, надлежности и односи се утврдени и гарантирани со Уставот.

Имајќи ги предвид наведените уставни и законски одредби во корелација со оспорената законска одредба, Судот утврди дека овластувањето на Нотарската комора, во согласност со Министерството за правда да го определува надоместокот на трошоците во вршењето на службените дејствија од неговиот делокруг, нема уставна основа.

Ова, пред се од причина што од целината на Законот, поточно од Четиринаесетта главата со која се уредува прашањето на наградата за работата и надоместокот на трошоците, не произлегува дека во истата се содржани критериуми и мерила за определување на висината на надоместокот на трошоците, во вршењето на службените дејствија, како и на наградата за работата на нотарот. При ваква состојба, произлегува дека Нотарската комора во согласност со Министерството за правда при утврдувањето, односно пропишувањето на Нотарската тарифа ги утврдила и критериумите за определување на висината на наградата и надоместокот на трошоците на нотарите, што согласно Уставот е надвор од надлежностите на извршната власт.

Оттука, даденото овластување со оспорената законска одредба на Нотарската комора во согласност со Министерството за правда да ги пропишуваат и критериумите за определување на наплатувањето на наградата и висината и надоместокот на трошоците во вршењето на службените дејствија на нотарот, според Судот значи навлегување на извршната во законодавната власт, што е спротивно на наведените членови од Уставот.

Оспорениот Правилник за нотарската тарифа („Службен весник на Република Македонија“ бр.52/1997) министерот за правда го донел согласно членот 140 од Законот за вршење на нотарските работи според кој, во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон, министерот ќе донесе нотарска тарифа која ќе се применува се додека Главниот совет во согласност со министерот не донесе нова нотарска тарифа.

Согласно овластувањето утврдено во оспорениот член 132 од Законот, Собранието на нотарската комора на Република Македонија на ден 16 февруари 2002 година донесе Правилник за нотарска тарифа („Службен весник на Република Македонија“ бр.26/ 2002).

Во преодните и завршните одредби на овој Правилник, односно во членот 45 од Правилникот е утврдено дека со денот на влегувањето во сила на овој правилник престанува да важи Правил­никот за нотарска тарифа („Службен весник на Република Македо­нија“ бр.52/1997) – кој е оспорен со иницијативата.

Согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа што со донесувањето на Правилникот за нотарска тарифа согласно оспорениот член 132 од Законот од страна на Собранието на Нотарската комора оспорениот Правилник за нотарска тарифа („Службен весник на Република Македонија“ бр.52/ 1997) престанал да важи, согласно наведената одредба од Делов­ни­кот на Уставниот суд, иницијативата во овој дел ја отфрли.

Со оглед на тоа што Судот изрази сомневање за согласноста на оспорениот член 132 од Законот со Уставот, а имајќи го предвид фактот дека наведениот Правилник својот основ го има токму во оспорениот член 132 од Законот, пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на наведениот Правилник со Уставот и Законот за вршење на нотарските работи.

Согласно член 17 став 1 алинеја 12 од Законот за организација и работа на органите на државната управа министерството за правда ги врши работите што меѓу другото се однесуваат и на извршната и управната постапка.

Согласно член 55 став 1 од овој закон, министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон, а според членот 96 став 1 од Законот со правилник се утврдуваат и се разработуваат одделни одредби на законите и други прописи заради нивно извршување.

Во членот 61 став 1 од Законот е утврдено дека со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.

Тргнувајќи од наведените уставни и законски одредби, а имајќи ја предвид содржината на одредбите од наведениот Правилник, овластувањето на Собранието на Нотарската комора со подза­конски акт да ја пропишува наградата за работата и на надоместокот на трошоците во вршењето на службените дејствија од делокругот на работата на нотарот, нема уставна основа од причини што во Законот за вршење на нотарските работи не се содржани критериуми и мерила во однос на ова прашање.

Според тоа, наведеното овластување на Собранието на Нотарската комора отстапува од општиот принцип на поделба на власта на законодавна, извршна и судска.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 и 2 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.232/2006
21 март 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи

Leave a Reply