182/2006-0-0

182/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 28 февруари 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на

– уставноста на член 40 од Законот за заштита на децата („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2000, 17/2003, 65/2004 и 113/2005) и

– уставноста и законитоста на Правилникот за условите, критериумите и начинот за остварување на правата за заштита на децата („Службен весник на Република Македонија“ бр.39/2003 и 70/2004), донесен од министерот за труд и социјална политика.

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 40 од Законот означен во точката 1 од ова решение и за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот означен, исто така, во точка 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека во оспорениот член 40 од Законот било утврдено поблиските услови, критериуми и начинот на остварување на правата за заштита на децата од член 4 на овој закон, со акт да ги утврдува министерот за труд и социјална политика.

Подносителот на иницијативата смета дека сите прашања утврдени во оспорениот член 40 од Законот можат да се уредуваат само со закон и со колективен договор, а не со подзаконски акт, како во случајот.

Притоа, тој најпрво тргнува од член 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, според кој со актите на министерот не може за граѓаните и правните лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи, потоа од член 1 од самиот Закон, според кој системот, организацијата и начинот на обезбедување заштита на децата се уредувале со тој закон и на крај, од член 34 од Уставот, според кој граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и колективен договор.

Поради наведеното, подносителот на иницијативата смета дека со оспорената законска одредба се повредувале одредбите на член 8 став 1 алинеја 3 и 4, член 34, член 51, член 68 став 1 алинеја 2 и член 96 од Уставот на Република Македонија. Од истите причини подносителот на иницијативата смета дека и Правилникот за условите, критериумите и начинот за остварување на правата за заштита на децата, автоматски не е во согласност со наведените уставни одредби, како и со член 1 од Законот за заштита на децата и член 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.

3. Судот на седницата утврди дека согласно оспорениот член 40 од Законот поблиските услови, критериуми и начинот на остварување на правата за заштита на деца од член 4 на овој закон со акт ги утврдува министерот за труд и социјална политика.

Во однос на оспорениот правилник Судот утврди дека тој е донесен од министерот за труд и социјална политика врз основа на овластувањето утврдено во член 40 од Законот.

Според член 1, со овој правилник се утврдуваат поблиските услови, критериуми и начинот на остварување на правата за заштита на децата и тоа: детски додаток, посебен додаток, и помош за опрема на новороденче.

Поблиските услови, критериуми и начинот на остварување на секое од наведените права од членот 1 се утврдени и разработени во посебни глави од Правилникот, чија содржина, заедно со преодните и завршните одредби, ја сочинуваат вкупно 29 члена.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот на Репу­блика Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Во член 34 од Уставот утврдено е дека граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и колективен договор, а во членовите 40 и 42 од Уставот е утврдено дека Републиката обезбедува посебна грижа и заштита на семејството, а во тие рамки и на децата и малолетните лица.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Согласно член 55 став 1 од Законот за организација и рабо­та на органите на државната управа (“Службен весник на Репуб­лика Македонија” бр.58/2000 и 44/2002), министерот, меѓу другото, донесува правилници за извршување на законите кога за тоа е овла­стен со закон. Според член 56 став 1 од овој закон, со правилник се утврдуваат и разработуваат одделни одредби на законите и другите прописи заради нивно извршување, а според член 61 став 1 од овој закон, со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.

Во Републиката системот, организацијата и начинот на обезбедување на заштитата на децата се уредени со Законот за заштита на децата, чиј член 40 се оспорува со оваа иницијатива.

Според членот 3 од наведениот закон заштитата на децата во смисла на овој закон се остварува преку обезбедување на определени права и облици за заштита на децата.

Правата за заштита на децата во смисла на овој закон се утврдени во членот 4 од Законот и тие се: 1) детски додаток; 2) посебен додаток; 3) помош за опрема на новороденче и 4) партиципација. Според ставот 2 на овој член од Законот, сите овие права под услови утврдени со овој закон ги обезбедува државата.

Условите под кои се остварува секое од овие права, потоа нивната висина, како и постапката во која тие се остваруваат, се утврдени во посебна Глава II од Законот насловена со „Права за заштита на децата“. Оваа глава ја сочинуваат членовите од 15 до оспорениот член 40, според кој поблиските услови, критериуми и начинот на остварување на правата на заштита на деца од член 4 на овој закон со акт ги утврдува министерот за труд и социјална политика.

Од анализата на содржината на членовите 15 до 39 од Законот произлегува дека законодавецот не само што на јасен и прецизен начин во член 4 од Законот ги утврдил видовите на правата за заштита на децата (детски додаток,посебен додаток, помош за опрема на новороденче и партиципација), туку тој на многу експлицитен начин ги утврдил и условите, висината, како и постапката во која тие се остваруваат. Така, согласно член 16 од Законот, право на детски додаток остварува еден од родителите на детето, државјани на Република Македонија, со постојано место на живеење во Републиката, за дете државјанин на Република Македонија и на редовно школување во Републиката, ако родителот е:

1) Вработен во трговско друштво, јавно претпријатие, јавна установа, установа и друго правно лице кое врши стопанска дејност и друго правно лице кое врши дејност на јавна служба, државен орган и орган на единица на локалната самоуправа и друго домашно и странско физичко лице и правно лице кое вработува работници, со најмалку половина од полното работно време, односно со него изедначеното работно време;

2) Корисник на правата од пензиско и инвалидско осигурување, според одредбите на Законот за пензиското и инвалидското осигурување;

3) На отслужување на воениот рок во Армијата на Република Македонија, а до заминување бил во работен однос или имал друго својство, утврдени во точките 4, 5 и 7 од овој став, врз основа на кое може да оствари детски додаток за дете;

4) Невработено лице кое прима паричен надоместок;

5) Корисник на постојана парична помош, според Законот за социјалната заштита;

6) Воен инвалид и корисник на семејна инвалиднина,

7) Земјоделец-обврзник на данок од приход кој врши земјоделска дејност како единствено и главно занимање и

8) Занаетчија кој врши стари занаети и занаетчија кој врши занаетчиски дејности кои се дефицитарни.

По исклучок на ставот 1 од овој член, ако родителот или член на неговото семејство е сопственик на деловен простор, основач на трговско друштво или установа не може да оствари право на детски додаток за дете.

Согласно член 18 од Законот детскиот додаток се остварува во зависнот од возраста на детето и материјалната состојба на семејството, кои категории поконкретно се утврдени и разработени во членовите 19, 20 и 21 од Законот.

Во членот 23 од Законот, пак, е утврдена висината на детскиот додаток и таа изнесува: за дете до 15 години живот, односно додека е редовен ученик во основно училиште 4,60 од просечната плата исплатена по вработен во Република Македонија во првата половина од претходната година и за дете од 15 до 18 години живот, односно додека е редовен ученик во средно училиште 7,30 од просечната плата исплатена по вработен во Република Македонија во првата половина од претходната година. Согласно став 2 на овој член од Законот, вкупниот месечен износ на детски додаток за децата за кои родителот го остварил правото изнесува 1800,00 денари.

Условите за остварување на правото на посебен додаток и висината на ова право се утврдени во членовите од 24 до 27, додека помошта за опрема на новороденче е уредена во членовите 28, 29 и 29-а од Законот.

Постапката за остварување на правата за заштита на децата посебно е уредена од член 31 до член 39 од Законот, со тоа што таа според член 31 се поведува по барање на родителот, односно старателот на детето. По барањето за остварување на правата од член 4 на Законот, освен за правото од точка 4) (партиципацијата), решава организационата единица на Министерството за труд и социјална политика, додека по жалба против решението на ова министерство решава Комисија на Владата (член 32 од Законот).

Тргнувајќи од тоа дека видовите на правата за заштита на децата се утврдени во самиот Закон во кој, исто така, изворно се утврдени и условите, висината и постапката за нивно остварување, според Судот не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека со оспорениот член 40 од Законот министерот за труд и социјална политика се овластува да утврдува права и обврски на граѓаните и правните лица и надлежности на други органи. Напротив, доколку оспорениот член се разгледува во контекст на наведените законски одредби произлегува дека утврденото овластување на министерот во суштина се однесува за операционализација, односно поблиску утврдување и разработување токму на одредбите од Законот во кои се утврдени условите и постапката за остварување на овие права, а заради нивно извршување.

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека овластувањето на министерот за труд и социјална политика утврдено во оспорениот член 40 од Законот е во рамките на правата и должностите, односно на надлежностите утврдени со Уставот и Законот за организација и работа на органите на државната управа (член 55 и 56 од овој Закон), поради што и не го постави прашањето за согласноста на член 40 од Законот со членовите од Уставот, во однос на кои со иницијативата се оспорува неговата уставност.

Бидејќи во иницијативата, уставноста и законитоста на оспорениот правилник се оспорува од истите причини како и членот 40 од Законот, односно овој правилник се оспорува поради основот за неговото донесување, а не поради неговата содржина, следствено на оценката за овој член од Законот, Судот не го постави прашањето за согласноста ниту на оспорениот правилник со членовите од Уставот и Законот за организација и работа на органите на државната управа наведени во иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.182/2006
28 февруари 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи

Leave a Reply