229/2006-0-0

229/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 ) на седницата одржана на 28 февруари 2007 godina, donese

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членoвите 27 и 28 од Законот за градот Скопје („Службен весник на Република Македонија“ бр. 55/2004).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот наведен во точката 1 од ова решение.

3. Според наводите во иницијативата, одредби како оспорените не постоеле во Законот за даноците на имот („Службен весник на Република Македонија“ бр. 61/2004). Тоа значело дека само градот Скопје и десетте општини во градот Скопје имале зголемени изворни приходи, а не и сите други општини во Република Македонија, односно дека останатите 73 општини и нивните граѓани – обврзници биле во нерамноправна положба. Оние што живеат на подрачјето на градот Скопје биле даночно повеќе оптоварени во однос на сите други граѓани – даночни обврзници во Републиката.

Поради тоа што законодавецот за исти случаи не донел исти законски одредби, туку ги внел оспорените одредби, со кои се правела разлика меѓу луѓето и општините, се повредувале одредбите од член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 33 и член 51 од Уставот на Република Македонија.
Поради наведените причини со иницијативата се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на член 27 и член 28 од Законот за градот Скопје.

4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 27 од Законот за градот Скопје, градот Скопје може да утврди повисока стапка на данокот на имот од најниската стапка на данокот на имот утврдена со закон, најмногу до 0,05% (став 1). Општините во градот Скопје можат да утврдат повисока стапка на данокот на имот од најниската стапка на данокот на имот утврдена со закон, најмногу до 0,05%. (став 2). Приходите остварени по основа од ставот 1 на овој член се приход на градот Скопје (став 3). Приходите остварени по основа од ставот 2 на овој член се приход на општината во градот Скопје (став 4).

Судот на седницата, исто така, утврди дека според оспорениот член 28 од Законот, градот Скопје може да утврди повисока стапка на данок на промет на недвижности од најниската стапка на данок на промет на недвижности, утврдена со закон, најмногу до 1% (став 1). Општините во градот Скопје можат да утврдат повисока стапка на данок на промет на недвижности од најниската стапка на данокот на промет на недвижности од најниската утврдена со закон, најмногу до 1% (став 2). Приходите остварени по основа од ставот 1 на овој член се приход на градот Скопје (став 3). Приходите остварени по основа од ставот 2 на овој член се приход на општината во градот Скопје (став 4).

5. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето. Според алинеја 3 од истиот член од Деловникот, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Врз основа на наведените уставни и деловнички одредби и наводите во иницијативата, кои како причини за неуставност на оспорените одредби ја наведуваат неусогласеноста на Законот за градот Скопје со Законот за даноците на имот, како и наводите дека законодавецот за исти случаи не донел исти законски одредби, Судот утврди дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата бидејќи Судот не е надлежен да ја оценува меѓусебната согласност на два закони.

Во однос на наводите од иницијативата дека оспорените одредби ги доведувале во нерамноправна положба граѓаните што живеат на подрачјето на градот Скопје во однос на сите други граѓани – даночни обврзници, Судот оцени дека причините со кои подносителот на иницијативата ја оспорува нивната уставност се недоволни Судот да се впушти во мериторно одлучување, односно дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова–Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 229/2006
28 февруари 2007
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи

Leave a Reply