1/2007-0-0

1/2007-0-0

Вовед

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 71 од Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр. бр.44/1995, 24/1996, 34/1996, 35/1997, 82/1999, 29/2002, 40/2003, 63/2004, 55/2005, 81/2005, 113/2005, 35/2006 и 70/2006).

2. Група невработени дипломирани професори, и тоа: Верица Манева; Татјана Менковска; Сузана Гинова; Перо Пепов; Марика Темкова и Киро Крстев, сите од Кавадарци на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 71 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорената законска одредба не била во согласност со член 51 од Уставот на Република Македонија, бидејќи со истата му се овозможувало на директорот сам да одлучува за вработувањето на наставниците со што се повредувало правото на работа на одредена група луѓе.

Оспорената законска одредба, исто така, не била во согласност со член 54 став 3 од Уставот, бидејќи со истата се дискриминирала одредена категорија на луѓе.

Според подносителите на иницијативата, со законското решение дадено во оспорениот член 71 од Законот за основното образование се повредувал членот 32 од Уставот, бидејќи на секому не му било достапно работното место под еднакви услови, ова од причина што директорот го вршел изборот без постоење на одредени критериуми во Законот.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 71 од Законот за основното образование наставниците, стручните соработници и воспитувачите ги избира директорот на училиштето по претходно мислење на училишниот одбор.

4. Според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност. Според ставот 2 на овој член, секому под еднакви услови, му е достапно секое работно место, а според ставот 5 од овој член од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласнот со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 54 став 3 од Уставот, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Според членот 1 на Законот за основното образование, со овој закон се уредува дејноста на основното образование како дел од единствениот воспитно-образовен систем.

Во членовите 66 и 67 од Законот за основното образование се утврдени условите за вршење на воспитно-образовната дејност во основното образование и тоа за наставници, стручни соработници и воспитувачи.

Тргнувајќи од посебното уставно значење и карактер на воспитно-образовната дејност, постои уставна можност со посебен закон да се пропишат условите под кои може да се изведува воспитно-образовната дејност во основното образование, а во тие рамки да се утврдат и одредени критериуми за определување на приоритет под еднакви услови при засновање на работен однос. При тоа, право е на законодавецот да ги утврди посебните услови за вршење на воспитно-образовната дејност, како и да утврди одредени приоритети за вработување под еднакви услови, но доминантни се, пред се, предвидените општи и посебни услови предвидени за засновање на работен однос на одредено работно место.

Имајќи го во вид фактот дека во членовите 66 – 68 од овој закон, се содржани условите кои треба да се исполнуваат за вршење на воспитно-образовната дејност, а која ја остваруваат наставници, стручни соработници и воспитувачи, не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека во Законот не се содржани критериуми по кои се врши изборот на овие лица.

Ова од причина што прокламираното уставно начело на еднаквост на граѓаните во суштинска смисла значи и обврска на законодавецот во законите да утврдува исти услови под кои граѓаните ќе ги остваруваат своите слободи, права и должности без притоа да се прави разлика меѓу нив по основ на пол, раса и други основи утврдени во член 9 став 1 од Уставот. Оттука, право е на законодавецот со закон да ги пропише условите кои треба да ги исполнува кандидатот за избор на одредено работно место. Токму, врз основа на овие принципи законодавецот во Законот за основното образование ги определил условите, односно критериумите кои треба кандидатите да ги исполнуваат за одредено работно место.

Можноста дадена во оспорениот член од Законот директорот да ги избира наставниците, стручните соработници и воспитувачите, не значи повреда на членовите 32 и 51 од Уставот на Република Македонија, ниту повреда на уставното начело на еднаквост на граѓаните, од причина што одлуката за избор на лицата од членот 71 од Законот, директорот на основното училиште ја носи по претходно прибавено мислење од училишниот одбор, кој согласно член 96 од Законот е орган на управување во основното училиште и е составен од членови со различен состав, односно присутни се претставници од наставниците, од родители на учениците, претставници од единиците на локалната самоуправа како и од основачот. Оттука, не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека со предвиденото законско решение во оспорената одредба се допуштала можност за „непотизам“ и „личен интерес на директорот“, односно дека истото е во спротивност со Уставот на Република Македонија.

Во однос на членот 54 став 3 од Уставот, според Судот оспорената одредба на членот 71 од Законот за основното образование, не значи дискриминација, односно не содржи елементи на дискриминација по ниту еден основ од член 54 од Уставот, како што се тврди во иницијативата.

Тргнувајќи од напред наведеното, пред Судот не се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 71 од Законот за основното образование со членовите 32 став 2, 51 и 54 став 3 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.1/2007
21 февруари 2007 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи