200/2006-0-0

200/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 29 ноември 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 142 став 7 во делот

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбата од законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорената одредба од член 142 став 7 од Законот, се предвидувало дека повиканото лице може присилно да се доведе само со судска одлука и само тогаш кога очигледно одбегнувало да се јави на уредно доставена покана во која бил предупреден на можноста од присилно доведување и тогаш кога своето недоаѓање немало да го оправда. Лицето кое се јавило на поканата или било присилно доведено, а одбило да даде известување не можело повторно да се повикува од исти причини. Според подносителот на иницијативата, присилно не можело да се доведува кое било лице, туку само осомничено лице. Ова произлегувало од член 12 став 3 од Уставот, според кој од лицето повикано, приведено или лишено од слобода не можело да се бара изјава, како и од втората реченица на наведениот законски став, и од став 8 на истиот член од Законот, според кој, лицето кое било повикано или присилно доведено ќе се поучи дека истото не е лишено од слобода и дека откако ќе даде или одбие да даде известување може да си оди. Подносителот на иницијативата смета дека ако од повиканото или приведеното лице не може да се бара изјава, тогаш неговото присилно доведување било излишно и уставно недопуштено, посебно ако тоа лице не било ниту осомничено.

Подносителот на иницијативата, исто така, смета дека со дадените законски овластувања за да може кое било повикано лице, а не само осомниченото лице, присилно да се доведува, макар и со судска одлука, не биле обезбедени гаранции за да се спречат злоупотреби на полициската и судската власт, како и недозволените малтретирања на граѓаните.

Од наведените причини, со оспорениот дел од законската одредба се повредувале темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право од член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11, членот 11 став 1, членот 12 ставови 1 и 3, членот 27 став 1, членот 51 и членот 54 став 1 од Уставот на Република Македонија.

Поради наведените причини со иницијативата се предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на член 142 став 7, во делот: „Повиканото ллице“ од Законот за кривичната постапка.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 142 став 7 од Законот за кривичната постапка, повиканото лице може присилно да се доведе само со судска одлука и само тогаш кога очигледно одбегнува да се јави на уредно доставена покана во која бил предупреден на можноста од присилно доведување и тогаш кога своето недоаѓање нема да го оправда. Лицето кое се јавило на поканата или било присилно доведено, а одбило да даде известување не може повторно да се повикува од исти причини.

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 112 став 1 од Уставот, Уставниот суд ќе укине или поништи закон ако утврди дека не е во согласност со Уставот. Според ставот 3 на овој член од Уставот, одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Оспорената одредба од Законот за кривичната постапка веќе била предмет на уставно-судска оцена во предметот У.бр. 211/2004 во кој бил оспорен член 49 став 7 и 8 од Законот за изменување и дополнување на Законот за кривичната постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.74/2004). Со оваа одредба всушност се изменил членот 142 од основниот текст на Законот за кривичната постапка, чиј став 7 во еден дел е оспорен со оваа иницијатива.

Во образложението на Решението У.бр. 211/2004 година, Судот застанал на становиште дека оспорените одредби од ставот 7 и 8 од член 49 од Законот за изменување и дополнување на Законот за кривичната постапка, кои присилното доведување на лицето во органот на Министерството за внатрешни работи го условуваат со кумулативно исполнување на двата услови: постоење на судска одлука и постоење на определени случаи и утврдена постапка, всушност го доразработуваат став 6 од истиот член според кој заради собирање на потребни известувања, Министерството за внатрешни работи може со писмена покана да повикува граѓани.

Судот имал предвид и дека оспорената одредба од Законот е сместена во главата А – претходна постапка што укажува дека не станува збор за лишување од слобода, туку за приведување на лице на кое претходно му била уредно доставена покана и во која било предупредено за можноста од присилно доведување, а своето недоаѓање нема да го оправда.

Имајќи предвид дека Законот за кривичната постапка ги утврдува правилата со кои се осигурува никој невин да не биде осуден, а на виновникот да му се изрече кривична санкција, тогаш е несомнено дека законодавецот мора да предвиди претходна постапка, во која спаѓаат и оспорените одредби од Законот кои всушност претставуваат баланс помеѓу заштитата на човековите права и слободи и овластувањето на Министерството за внатрешни работи, во откривањето на сторителите на кривичните дела.

Од тие причини, Судот оценил дека не може основано да се постави прашањето за уставноста на оспорените одредби од Законот за кривичната постапка.

И во оваа иницијатива, како и во иницијативата по наведениот предмет,одредбата од член 142 став 7 се оспорува од истите причини, односно од аспект на членот 12 од Уставот. Наводите во иницијативата според мислењето на Судот, не се од влијание за поинакво одлучување по оваа иницијатива од она за кое Судот веќе одлучил со Решението У.бр. 211/2004 од 13 и 14 април 2005 година.

Имајќи го предвид наведеното, Судот утврди дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Судот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова-Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 200/2006
29 ноември 2006
С к о п ј е
тјт

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи

Leave a Reply