52/2006-0-0

52/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 1 ноември 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на

а) уставноста на членот 23 став 4 од Законот за внатрешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр.19/1995, 55/1997, 38/2002, 33/2003, 19/2004 и 51/2005)

б) уставноста и законитоста на членот 96 од Правилникот за вршење на работите на Министерството за внатрешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр.12/1998 и 15/2003)

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 23 став 4 од Законот и уставноста и законитоста на членот 96 од Правилникот, означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата, предвидувањето од членот 23 став 4 од Законот, подносителот на барањето за асистенција да ги сноси трошоците за ацистенција „не држело“ од уставноправен аспект. Ова од причина што асистенцијата од страна на Министерството за внатрешни работи требало да се врши како негова законска обврска и должност и трошоците направени во врска со неа требале да паднат на товар на буџетските средства на Републиката, а не како што предвидувала оспорената законска одредба да паднат на товар на барателот на асистенцијата. Освен тоа, оспорената законска одредба не содржела никакви критериуми за утврдување на висината на трошоците, ниту пак што се се подразбира под ваков вид на трошоци.

Оттаму, оспорената законска и подзаконска одредба немале уставна основа и одстапувале од владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија од членот 8 став 1 алинеја 3 и 4 и воедно се повредувале член 33, член 51, член 68 став 1 алинеја 2 и 3, член 91 алинеја 1 и 5 и член 96 од Уставот на Република Македонија.

Врз основа на наведеното, подносителот на иницијативата смета дека оспорениот член 96 од Правилникот не бил во согласност со наведените уставни одредби, со член 74 од Законот за внатрешни работи кој ги уредува овластувањата на министерот за внатрешни работи, како и со член 49 став 1, член 55 став 1 и член 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, бидејќи министерот можел да донесува акти само кога за тоа бил изречно овластен со закон и со тие акти не можел да утврдува права и обврски за граѓаните и правните лица, а во таа смисла и не можел да утврдува трошоци за асистенција. Тоа било законска материја.

3. Судот на седницата утврди дека според член 23 од Законот, на образложено барање на надлежниот субјект за спроведување на извршна одлука, донесена од државен орган, Министерството ќе укаже помош ако при спроведувањето на извршувањето се наиде на физички отпор или таков отпор оправдано може да се очеку ва, како и во други случаи утврдени со закон (став 1).

Барање за асистенција се поднесува до Министерството, најдоцна пет дена пред спроведување на извршувањето, освен за итни и неодложни случаи (став 2).

За барањето од став 1 на овај член одлучува министерот или од него овластен работник и за истото навремено се известува подносителот на барањето. (став 3).

Трошоците за асистенција ги сноси подносителот на барањето (оспорениот став 4).

Според член 96 од Правилникот, трошоците за асистенција ги сноси подносителот на барањето (став 1).

Трошоците за асистенција се наплаќаат врз основа на записник кој по завршувањето на асистенцијата го составува одговорниот работник на полицијата и го потпишува службено лице–преставник на барателот на асистенцијата (став 2).

Во записникот од ставот 2 на овој член се содржани следните податоци: назив на организационата единица на Министерството која ја дава асистенцијата; време и место на извршувањето; број на барањето за асистенција; број на ангажирани полицајци; вкупно реализирани работни часови; број на употребени службени возила и вкупно поминати километри; трошоци (дневници, исхрана и слично), како и податоци за одговорниот работник на полицијата кој го составува записникот и службено лице-преставник на барателот на асистенцијата (став 3).

Записникот се изготвува во три примероци од кои едниот се предава на службеното лице-преставник на барателот на асистенцијата (став 4).

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот на Република Македониј а, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според член 68 став 1 алинеја 2 и 3 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите и ги утврдува јавните давачки.

Според член 91 алинеја 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на собранието и е одговорна за нивното извршување и донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Според член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000 и 44/2002), министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи кога е за тоа овластен со закон. Според член 56 став 1 од овој закон, со правилник се утврдуваат и разработуваат одделни одредби на законите и други прописи заради нивно извршување, а според член 61 став 1 од овој закон, со актите што ги донесува министерот не може за граѓаните и правните лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.

Во членот 16 од Законот за организација и работа на органите на државната управа е определена надлежноста на Министерството за внатрешни работи, која се поклопува со надлежноста определена во член 1 од Законот за внатрешни работи.

Имено, според наведениот член, внатрешни работи во смисла на Законот за внатрешни работи се работи кои се однесуваат на:
– заштита на животот, личната сигурност и имотот на граѓаните;
– спречување на вршење на кривични дела, откривање и фаќање на сторители на кривични дела и нивно предавање на надлежни органи;
– заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот загарантирани со Уставот;
– спречување на насилно уривање на демократските институции утврдени со Уставот на Република Македонија;
– одржување на јавниот ред и мир;
– спречување на разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост;
– обезбедување на определени личности и објекти;
– регулирање и контрола на сообраќајот на патиштата и други работи сврзани со безбедноста на сообраќајот на патиштата;
– заштита на државната граница, контрола на преминување преку државната граница и престој во граничниот појас;
– престој и движење на странци;
– утврдување и решавање на граничните инциденти и други повреди на државната граница;
– поставување, ко нтрола и одржување на ознаките со кои се обележува граничниот појас на копно и вода;
– заштита од пожари и експлозии;
– контрола на условите во врска со производство, промет, набавување, поседување и носење на оружје, делови за муниција и муниција;
– производство, промет, складирање, превоз и заштита од експлозивни и други опасни материи и складирање и заштита од запаливи течности и гасови;
– контрола на пријавување и одјавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните;
– укажување на помош при отстранување на последиците предизвикани од природни непогоди и епидемии кои можат да ги загрозат животот и здравјето на граѓаните и имотот;
– истражување и развој во областите на негова надлежност и
– други работи утврдени со закон.

Оспорениот член 23 став 4 од Законот е поместен во Глава III со наслов: „Посебни должности и овластувања на министерството и права и дополжности на овластените службени лица “.

Според член 74 став 1 алиенја 1 од истиот Закон, се овластува министерот да донесе подзаконски пропис за вршење на работите на Министерството.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека со Уставот точно и прецизно се дефинирани и утврдени носителите на законодавната, извршната и судската власт и јасно е направена разлика во поделбата на власта, при што со Уставот не е допуштено мешање на една во друга власт, туку власта е поставена како структура на самостојни релативно поделени власти чии статус, надлежности и односи се утврдени и гарантирани со Уставот.

Исто така, од изнесен ите уставни и законски одредби, произлегува дека Министерството за внатрешни работи е орган на државната управа, кој работите од својата надлежност ги извршува врз основа и во рамките на Уставот и законите. Во тој контекст, врз основа на Законот за организација и работа на органите на државната управа, министерот е овластен да донесува акти за извршување на законите. Таквото овластување произлегува и од членот 74 став 1 алинеја 1 од Законот за внатрешни работи и врз основа на оваа одредба министерот за внатрешни работи го донел Правилникот за вршење на работите на Министерството за внатрешни работи, чиј член 96 е оспорен во иницијативата.

Понатаму, од цитираните член 1 и целината на Глава III, како и воопшто од поставеноста и утврдените надлежности на Министеството за внатрешни работи во Законот, произлегува дека ова министерство покрај другото извршува и посебни должности и овластувања, во кои спаѓа и укажувањето помош во вид на асистенција. Според член 23 став 1 од Законот, Министерството ќе укаже помош ако при спроведувањето на извршувањето на извршна одлука донесена од државен орган, би можело да се наиде на физички отпор или таков отпор оправдано би можело да се очекува, како и во други случаи утврдени со закон.

Оттаму, во овој случај станува збор за законска надлежност на Министерството за внатрешни работи, што не спаѓа во редовните работи што ги врши ова министерство, туку за превентивно делување во одржувањето на јавниот ред и мир и тоа секогаш кога од образложеното барање на овласте ниот субјект би било извесно дека спроведувањето на извршување би можело да се попречи на недозволен начин.

Со оглед на тоа што станува збор за дејствија што не спаѓаат во кругот на редовни работи што ги извршува Министерството, според Судот неосновани се наводите од иницијативата според кои асистенцијата од страна на Министерството за внатрешни работи требало да се врши како негова законска обврска и должност и трошоците направени во врска со неа требале да паднат на товар на буџетските средства на Републиката, а не на товар на барателот на асистенцијата.

Ова и ако се има предвид дека ваквиот вид на давачка, според својот карактер не е јавна давачка чиј вид, висина, олеснувања и ослободувања неминовно мора да биде утврдена со закон, туку станува збор за трошоци што произлегуваат од спроведена постапка за асистенција од министерството за внатрешни работи, секогаш на барање на овластен субјект и тоа со цел непречено спроведување на конкретно извршување.

Оттаму, законодавецот при креирањето на оспорениот член 23 став 4 од Законот немал обврска да ги определи поблиските критериуми за определување на висината на овој вид на трошоци, од каде произлегува дека оваа одредба не може да се стави под сомнение по однос на нејзината согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и 4 и член 96 од Уставот.

Имајќи го предвид карактерот на овој вид на трошоци произлегува дека оваа одредба не може да биде оценувана и по однос на нејзината согласност со член 33 и член 68 став 1 алинеја 2 и посебно со алинеја 3 од истиот член од Уставот.

5. Тргнувајќи од содржината на цитираните одредби од Законот за организација и работа на органите на државната управа, како и од содржината на членот 74 став 1 алинеја 1 од Законот за внатрешни работи, и при состојба кога во овој случај не станува збор за јавна давачка за која критериумите за нејзината висина би требале да бидат утврдени со закон, произлегува дека министерот за внатрешни работи, во функција на разработка и извршување на членот 23 од Законот за внатрешни работи, го уредил, меѓу другото и оспорениот член 96 од Правилник. Од оваа одредба, пак, произлегува дека висината на трошоците за асистенција се во дирекна зависност од бројот на ангажирани припадници на полицијата, времетраењето на асистенцијата, како и целокупните материјално-технички и други стварно екстра направени трошоци, заради отсуство на доброволно спроведување на извршувањето.

Оттаму, според Судот оспорениот член 96 од Правилникот не може да биде доведен под сомнение по однос на неговата согласност со уставните и законските одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 52/2006
1 ноември 2006 год.
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи

Leave a Reply