111/2006-0-0

111/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија член 28 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 октомври 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 117 став 2 во делот

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 22 став 4, член 97 став 3 во делот: „на кој поради настаната статусна промена, правен следбеник е последниот работодавач“, член 120 став 3 во делот: „освен ако работникот даде писмена изјава дека доброволно се согласува со прекувремената работа“ и член 164 став 2 и 4 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 22 став 1 точка 4, член 117 став 2 во делот: „освен за работите кои поради специфичниот процес на работа не можат да се прекинат или за кои нема услови и можности да се организира работата во смени“ и член 236 став 3 во делот: „и акт на министерот надлежен за работите од областа на трудот“ од Законот означен во точката 1 од ова решение.

4. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите означени во точките 1, 2 и 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата Законот за работните односи не можел да предвиди само одредени граѓани да можат да се вработуваат на одредени работни места без јавен оглас објавен во дневниот печат, како што предвидувал оспорениот член 22 став 1 точка 4 и став 4 од Законот.

Според иницијативата, на тој начин овие лица стекнувале можност под привилегирани услови да засноваат работен однос наспроти останатите граѓани, кои се доведувале во нееднаква правна положба во поглед на достапноста на работното место во кои тие се вработувале.

Според оспорениот член 97 став 3 од Законот, под работен однос, во смисла на ставот 1 од овој член, се сметало времето поминато во работен однос кај ист работодавач и работниот однос кај претходниот работодвач, на кој поради настанатата статусна промена, правен следбеник бил последниот работодавач.

Со делот од овој став што гласи: „на кои поради настаната статусна промена, правен следбеник е последниот работодавач“ подносителот на иницијативата смета дека работниците се доведувале во нееднаква правна положба ако не се вработени кај последниот работодавач поради настанатата статусна промена, односно со оваа законска одредба правно биле заштитени само оние работници кои биле вработени кај последниот работодавач поради настаната статусна промена, а не и другите работници, кои биле вработени по основ на други причини, иако биле претходно вработени кај друг работодавач.

Членот 117 став 2 од Законот во делот кој гласи: „освен за работите кои поради специфичниот процес на работа не можат да се прекинат или за кои нема услови и можности да се организира работата во смени, согласно со акт на Владата на Република Македонија“, според подносителот на иницијативата не бил во согласност со Уставот од причини што остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредувале со закон и со колективни договори, а не со акт на Владата на Република Македонија, како носител на извршната власт. Овој дел е оспорен и од аспект на тоа што во оваа одредба, а ниту во другите одредби од Законот, не биле предвидени рамки и критериуми по кои Владата на Република Македонија ќе се раководела при донесувањето на наведениот акт.

Со оспорените делови на членовите 120 став 3 и 164 став 2 и 4 од Законот се повредувал членот 8 став 1 и 3, член 9, член 32 став 4, член 42 став 1 и 3, член 51 и член 54 став 1 и 3 од Уставот на Република Македонија, затоа што полното работно време од 40 часа било загарантирано право и од тоа право работниците не можеле да се откажат ниту пак тоа право можело да им се одземе или ограничи, а особено не на мајките, бидејќи тие имале право на посебна заштита при работа. Во Уставот не била предвидена можност дека вработената мајка и самохраниот родител со писмена изјава да се согласат да вршат прекувремена работа или да работеле ноќе. Така што, подносителот на иницијативата смета дека правата од работен однос утврдени со Уставот, закон и колоективен договор не можеле да се одземат или ограничат ниту со писмена согласност на вработените.

Членот 236 став 3 во делот: „и акт на министерот надлежен за работите од областа на трудот“ според иницијативата не бил во согласност со Уставот, затоа што остварувањето на правата на вработените и нивната положба можело да се уредува само со закон и со колективни договори, а не и со акт на министерот надлежен за работите од областа на трудот. Овој законски дел бил неодржлив и од уставноправен аспект и затоа што во оваа законска одредба, а ниту во другите одредби од Законот, не биле предвидени никакви рамки и параметри за донесување на актот на министерот надлежен за работите од областа на трудот.

Подносителот на иницијативата смета дека оспорените законски одредби не биле во согласност со повеќе одредби од Уставот и тоа: член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4, член 9, член 32 став 1, 2, 3 и 5, член 51, член 54 став 1 и 3, член 91 алинеи 1 и 5, како и член 96 од Уставот на Република Македонија, поради што бара Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на наведените оспорени одредби од Законот за работните односи.

5. Судот на седницата утврди дека Според членот 22 став 1 точка 4 од Законот за работните односи работодавачот потребата од работници ја обезбедува преку: обезбедување работник од страна на самиот работодавач без огласување со директно склучување на договор за вработување со него.

Според оспорениот став 4 на овој член од Законот, по исклучок, работодавачот од ставот 2 на овој член во јавните служби, државните органи и органите на локалната самоуправа, за итни и неодложни работи, работен однос може да се заснова и без јавно огласување, но најмногу до 30 дена, со посредување на службата надлежна за посредување при вработување.

Според оспорениот член 97 став 3 од Законот, под работен однос, во смисла на ставот 1 од овој член, се смета времето поминато во работен однос кај ист работодавач и работниот однос кај претходниот работодавач, на кој поради настанатата статусна промена, правен следбеник е последниот работодавач.

Според оспорениот член 117 став 2 од Законот, прекувремената работа може да трае најмногу десет часа во текот на една недела и најмногу 190 часа годишно, освен за работите кои поради специфичниот процес на работа не можат да се прекинат или за кои нема услови и можности да се организира работата во смени, согласно со акт на Владата на Република Македонија.

Според оспорениот член 120 став 3 од Законот, работодавачот не смее да наложи работа подолго од полното работно време на мајка со дете до три години старост и самохран родител со дете до шест години старост, освен ако работникот даде писмена изјава дека доброволно се согласува со прекувремена работа.

Според оспорениот член 164 став 2 од Законот, на работничката која има дете од една до три години возраст, може да и се наложи да врши прекувремена работа или работа ноќе, само по нејзина претходна писмена согласност.

Според оспорениот став 4 на овој член од Законот, ниеден од работниците – родители кој има дете помладо од седум години или тешко болно дете или дете со телесен или душевен недостаток и кој живее сам со детето и се грижи и за неговото воспитување и заштита, може да му се наложи да врши прекувремена работа или работа ноќе, само по негова претходна писмена согласност.

Според оспорениот член 236 став 3 од Законот, штрајкот не смее да започне пред завршување на постапката за помирување, согласно со овој закон и акт на министерот надлежен за работите од областа на трудот. Обврската за помирување не смее да го ограничи правото на штрајкот, кога таква постапка е предвидена со овој закон, односно пред спроведувањето на друга постапка за мирно решавање на спорот за која страните се договориле.

6. Согласно член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се утврдени основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, како и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 став 1 од Уставот на Република Македонија секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност.

Според ставот 2 од овој член од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место, а според ставот 3 од истиот член секој вработен има право на соодветна заработувачка.

Во ставот 5 од овој член од Уставот е утврдено дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Членот 54 ставот 1 од Уставот утврдува дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, а според ставот 3 на овој член ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Надлежностите на Владата на Република Македонија се утврдени во членот 91 од Уставот. Така, според ставот 1 алинеја 1 на овој член од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршување на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување, а според алинејата 5 од ставот 1 на членот 91 од Уставот, Владата на Република Македонија донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Во членот 96 од Уставот на Република Македонија е утврдено дека органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Поаѓајќи од изнесените уставни одредби, законодавецот односите во областа на трудот ги уредил со Законот за работните односи. Според членот 1 став 1 од овој закон, со него се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување.

Според ставот 2 на овој член од Законот, работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договорот за вработување.

7. Според оспорениот член 117 став 2 од Законот, работникот е должен на барање на работодавачот да врши работа преку полното работно време (прекувремена работа) и кога прекувремената работа може да трае најмногу десет часа во текот на една недела и најмногу 190 часа годишно, освен за работите кои поради специфичниот процес на работа не можат да се прекинат или за кои нема услови и можности да се организира работата во смени, согласно со акт на Владата на Република Македонија.

Всушност, оваа законска одредба се оспорува само во делот „согласно со акт на Владата на Република Македонија“, од причини што подносителот на иницијативата смета дека во Уставот нема основ, затоа што остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори, а не со акт на Владата на Република Македонија.

Согласно член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

По однос на овие наводи Судот утврди дека прекувремената работа е институт кој се однесува на прашања поврзани со работните односи, кои пак согласно член 32 став 5 од Уставот се уредуваат со закон и со колективни договори.

Оттука, прекувремената работа која се однесува за работите кои поради специфичниот процес на работа не можат да се прекинат или за кои нема услови и можности да се организира работата во смени, согласно со акт на Владата на Република Македонија, според мислењето на Судот не може да биде предмет на уредување на подзаконски акт на Владата на Република Македонија. Според тоа Владата на Република Македонија нема уставна основа за донесување на таков акт.

Со оглед на наведеното пред Судот се постави прашањето за согласноста на овој дел од одредбата на законот со одредбите на Уставот.

8. а) Во однос на член 22 став 4 од Законот Судот утврди дека не постојат основи да се поведе постапка од причини што Судот со Решение У.бр.73/2004 од 9 март 2004 година не повел постапка за член 9-а став 3 од стариот Закон за работните односи, кој беше идентичен со оспорениот.

Оспорениот член 9-а став 3 предвидел по исклучок, за итни и неодложни работи, работен однос може да се заснова и без јавно огласување, но најмногу до 30 дена, со посредување на службата надлежна за посредување при вработувањето.

Во наведеното решение Судот, меѓу другото, утврдил дека од оваа законска одредба произлегува дека засновање на работен однос без јавно огласување е можно само по исклучок, дека работниот однос е заснован на определено време со одреден максимален рок од 30 дена што значи дека овој рок може да биде и пократок и дека е задолжително посредување на службата надлежна за посредување при вработувањет од што произлегува дека и во случај на вработување без јавно огласување работодавците во јавните служби, државните органи и органите на локалната самоуправа, не можат да обезбедуваат работници исклучиво по своја волја.

Со оглед на тоа, Судот оцени дека причините за неповедување на постапка за оценување на уставноста на поранешниот член 9-а став 3 од стариот Закон во целост се однесуваат на сега оспорениот член 22 став 4 од Законот кој е во важност, поради што оцени дека не може да се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.

б) Според член 97 став 1 од Законот, во случај на откажување на договорот за вработување од деловни причини, работодавачот е должен на работникот да му исплати испратнина, и тоа:
1) до пет години поминати во работен однос – во висина на една плата;
2) од пет до десет години поминати во работен однос – во висина од две плати;
3) од десет до 15 години поминати во работен однос – во висина од три плати;
4) од 15 до 20 години поминати во работен однос – во висина од четири плати;
5) од 20 до 25 години поминати во работен однос – во висина од пет плати и
6) над 25 години поминати во работен однос – во висина од шест плати.

Според ставот 2 од овој член основица за пресметка на испратнината е просечната плата на работникот во последните шест месеца пред отказот, но истата да не биде помала од платата врз основа на која се исплаќаат придонесите за социјално и здравствено осигурување.

Според оспорениот став 3 од овој член од Законот под работен однос, во смисла на ставот (1) од овој член, се смета времето поминато во работен однос кај ист работодавач и работниот однос кај претходниот работодавач, на кој поради настаната статусна промена, правен следбеник е последниот работодавач.

По однос на наводите во иницијативата кои се однесуваат на членот 97 став 3 од Законот, Судот оцени дека работниците не се доведуваат во нееднаква правна положба, ако не се вработени кај последниот работодавач поради настаната статусна промена од причини што, посебно во услови на пазарно стоопанство работодавачот не може да плати како во конкретниот случај „испратнина“ за работник кој нема доволно време поминато во работен однос кај ист работодавач, како што е тоа предвидено во оспорениот член 97 од Законот.

Тргнувајќи од содржината на оспорената законска одредба од член 97 став 3, Судот оцени дека во случај на откажување на договорот за вработување од деловни причини, законодавецот, го задолжува работодавачот да му исплати испратнина на работникот во зависност од времето поминато во работен однос кај него, и тоа важи за сите.

Според Судот наводите во иницијативата дека со оспорената одредба правно се заштитени само оние кои се вработени кај последниот работодавач, а не и оние кои биле вработени кај друг работодавач од причина што работодавачот кој треба да плати испратнина не може да го смета времето што работникот го поминал кај претходниот работодавач како време поминато во работен однос според кое согласно членот 97 од Законот би му платил испратнина и на тој работник. Според тоа, оваа оспорена одредба од Законот со ништо не е противуставна, напротив утврдува еднакви правила, односно критериуми врз основа на кои се остварува правото на испратнина во конкретен случај. Ако на работникот му престанал работниот однос кај претходниот работодавач поради деловни причини, тој можел да оствари право на испратнина кај него ако ги исполнува условите од овој член, како што може да оствари такво право и кај актуелниот работодавач ако ги исполнува тие услови. Треба да се има предвид дека правото на испратнина во овој член веќе не е еднократно право што порано се остваруваше на крајот од работниот век.

в) Според оспорениот член 120 став 3 од Законот работодвачот не смее да наложи работа подолго од полното работно време на мајка со дете до три години старост и самохран родител со дете до шест години старост, освен ако работникот даде писмена изјава дека доброволно се согласува со прекувремена работа.

Според член 164 став 1 од Законот, за време на бременост или со дете до една година возраст, работничката не смее да врши прекувремена работа или работа ноќе.

Според оспорениот став 2 на овој член од Законот на работничката која има дете од една до три години возраст, може да и се наложи да врши прекувремена работа или работа ноќе, само по нејзина претходна согласност.

Во ставот 3 од овој член од Законот е утврдено дека правото од ставовите 1 и 2 на овој член го има работникот – татко на детето, односно работникот кој го негува детето, доколку мајката умре, го напушти детето, односно врз основа на мислењето на надлежната лекарска комисија според прописите на здравственото осигурување е неспособна за самостојно живеење и работа.

Според оспорениот став 4 на членот 164 од законот на еден од работниците – родители кој има дете помладо од седум години или тешко болно дете или дете со телесен или душевен недостаток и кој живее само со детето и се грижи за неговото воспитување и заштита, може да му се наложи да врши прекувремена работа или работа ноќе, само по негова претходна писмена согласност.

Овие законски одредби се оспоруваат затоа што правата од работен однос утврдени со Уставот, закон и колективен договор не можеле да се одземат или ограничат ниту со писмена согласност на вработените.

Според член 42 став 1 од Уставот, Републиката посебно ги заштитува мајчинството, децата и малолетните деца, а според ставот 3 на истиот член малолетните лица и мајките имаат право на посебна заштита при работа.

Како израз на интересот и грижата на државата за жената-мајка и детето Уставот со оваа одредба упатува на посебна заштита на мајката и детето од страна Републиката што подразбира утврдување и обезбедување додатни права и погодности на мајката, освен оние што таа ги има како и секој друг граѓанин во Републиката. Оваа посебна заштита е условена од биолошките својства на жената и нараснатите потреби што таа ги има по тој основ и е во интерес на детето во времето кога му е неопходна непосредна мајчинска грижа.

Видовите и обемот на посебната заштита на жената-мајка што ја обезбедува Републиката се уредени во повеќе закони, како што се Законот за здравствена заштита, Законот за социјалната заштита, така што еден сегмент од оваа заштита е уреден и во посебен дел од Законот за работните односи како што е случајот со оспорените одредби од Законот за работните односи.

Смислата и содржината на уставната одредба од член 42 став 1 од Уставот е Републиката да ја утврди и обезбеди посебната заштита на жената-мајка, но тоа не значи априори забрана на жената сама да одлучува дали и во кој обем ќе ја користи таа заштита односно правата што Републиката и ги утврдила и обезбедила по тој основ,освен во случаите кога постојат сериозни основи за забрана за работа во посебни услови.

Според тоа, а со оглед на тоа што со оспорените одредби од член 120 став 3 и 164 став 2 и 4 само се утврдува можност, доколку тие самите сакаат, односно се согласуваат да можат да работат подолго од полното работно време не се доведува во прашање правото на заштита на мајка со дете и самохраниот родител, туку таа заштита се димензионира со оглед на различните околности во кои се наоѓаат овие лица и возраста на детето, што не е спротивно на означените одредби од Уставот и овластувањето на законодавецот да ја димензионира политиката на таа заштита.

Со оглед на изнесеното Судот утврди дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на одредбите од член 120 став 3 и член 164 став 2 и 4 од Законот со Уставот на Република Македонија. Ова дотолку повеќе што и во овие случаеви согласно ставот 4 на членот 117 од Законот работодавачот е должен да води посебна евиденција за прекувремената работа и часовите за прекувремената работа посебно да ги наведе во месечната пресметка на платата на работникот, што може да се толкува како еден вид право на посебна заштита на лицата од членот 120 став 3 и член 164 став 2 и 4 од Законот согласно членот 42 од Уставот. Оспорените одредби се оправдани и од аспект на тоа што тие се основа за стекнување на дополнителни средства, покрај она што ги обезбедува државата, за создавање на подобри економски и социјални услови за подобар развој на самото дете во чиј интерес во крајна линија е и посебната заштита на жената-мајка и ја обезбедува Републиката. Исто така, се претпоставува дека оваа законска можност мајката со дете до три години старост, односно самохраниот родител нема да ја користи на штета на нивното здравје и здравјето и интересот на детето.

9. а) Во членот 22 од Законот се утврдени начините на кои работодавачот може да ја задоволи потребата од работници. Меѓу другите начини, овој член од Законот во оспорениот став 1 на точка 4 допушта обезбедување на работници од страна на самиот работодавач без огласување со директно склучување на договор за вработување.

Уставниот суд на Република Македонија со Одлука У.бр.134/2005 од 29 март 2006 година го укина членот 22 став 1 точка 4 од Законот за работните односи. Според образложението на Одлуката, определбата содржана во членот 22 став 1 точка 4 од Законот за работните односи за обезбедување на работници од страна на самиот работодавач без огласување, граѓаните ги доведува во нееднаква положба во поглед на достапноста на работното место. Имено, пополнувањето на одредено работно место без огласување значи дека некои граѓани се привилегирани и полесно засноваат работен однос без притоа да има транспаретност и меѓусебна конкуренција.

Со оглед на тоа што Уставниот суд на Република Македонија ја укинал оспорената одредба од член 22 став 1 точка 4 од Законот, односно таа не постои веќе во правниот поредок, Судот утврди дека согласно членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија се исполнети условите за отфрлање на иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 22 став 1 точка 4 од Законот, затоа што за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

б) Судот, исто така, утврди дека делот од членот 117 став 2 кој гласи: „освен за работите кои поради специфичниот процес на работа не можат да се прекинат или за кои нема услови и можности да се организира работата во смени“ иако е оспорен, меѓутоа, од содржината на иницијативата произлегува дека за овој дел од членот 117 став 2 од Законот нема никакви наводи во иницијативата, па затоа Судот согласно членот 28 алинеја 3 иницијативата во овој дел ја отфрли поради процесни пречки за одлучување по неа.

в) Според оспорениот член 236 став 3 од Законот, штрајкот не смее да започне пред завршување на постапката за помирување, согласно со овој закон и акт на министерот надлежен за работите од областа на трудот. Обврската за помирување не смее да го ограничи правото на штрајкот, кога таква постапка е предвидена со овој закон, односно пред спроведувањето на друга постапка за мирно решавање на спорот за која страните се договориле.

Уставниот суд на Република Македонија со Одлука У.бр.187/2005 од 10 мај 2006 година го укина членот 236 став 3 во делот „и акт на министерот надлежен за работите од областа на трудот“ од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005).

Според оцената на Судот, овие два институти, имено штрајкот и медијацијата во трудовите спорови се тесно поврзани, од причина што мирното решавање на работните спорови во определени случаи може да има превентивен карактер во смисла на спречување на штрајкот, односно во случај на отпочнат штрајк да претставува средство за разрешување на настанатиот спор по вонсудски пат. Оттука, според Судот, за оцена на уставноста на оспорената одредба од решавачко значење е фактот што и двата институти се однесуваат на прашања поврзани со работните односи, кои пак согласно член 32 став 5 од Уставот се уредуваат со закон и со колективни договори, односно не можат да бидат предмет на уредување со подзаконски акт на министерот надлежен за работите од областа на трудот. Според тоа, министерот нема уставна основа за донесување на таков акт.

Со оглед на тоа што оспорената одредба од член 236 став 3 во оспорениот дел веќе бил предмет на оценување пред Уставниот суд на Република Македонија кој со наведената одлука го укинал, Судот утврди дека согласно членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија иницијативата во овој дел се отфрла поради што за истата работа веќе е одлучувано, а нема основи за поинакво одлучување.

10. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.

11. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.111/2006
18 октомври 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи

Leave a Reply