129/2006-0-0

129/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 октомври 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за исплата на платите во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1994, 62/1995, 33/1997, 50/2001, 26/2002, 46/2002 и 37/2005).

2. Васил Гагачев од Битола на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение. Имено, тој на 6 јуни 2006 година до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за исплата на платите во Република Македонија и по повод овој поднесок е формиран предметот У.бр.129/2006. Од причина што овој поднесок не ги содржеше сите елементи од членот 15 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, односно во истиот само се наведува дека спротивно на Уставот, платата на подносителот на иницијативата му била исплаќана со ограничување, за кое имал и заведено граѓански спор пред надлежниот суд во Битола, со писмо У.бр.129/2006 од 11 септември 2006 година, согласно член 15 став 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија од подносителот на иницијативата е побарано во рок од 10 дена од приемот на писмото појаснување на иницијативата, односно да прецизира со дополнителен поднесок на кои одредби од оспорениот закон се бара оценување на уставноста, како и причините за нивното оспорување и одредбите од Уставот со кои не се во согласнот оспорените одредби од Законот.

Постапувајќи по барањето на Судот на 26 септември 2006 година, подносителот на иницијативата достави поднесок од кој не може да се прифати дека истиот постапил по барањето на Судот, односно не го даде бараното појаснување. Имено, подносителот само наведува некои одредби од Уставот, без да наведе дали го оспорува Законот во целина или пак некои негови одредби, ниту пак ги наведува причините за оспорување.

3. Судот на седницата утврди дека со Законот за исплата на платите во Република Македонија се уредува исплатата на нето платите и одделни надоместоци кај работодавците со седиште во Република Македонија.

4. Во членот 110 од Уставот на Република Македонија е определено дека Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Тргнувајќи од фактот што причините наведени во иницијативата не може да се доведат во корелација со предметот на уредување на оспорениот Закон, а и од самата содржина на иницијативата, која што дополнително е прецизирана, не произлегуваат основите на оспорување, според Судот во конкретниов случај не постојат процесни претпоставки Судот да се впушти во мериторна оцена на оспорениот Закон, односно постојат процесни пречки за постапување по иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.129/2006
18 октомври 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи

Leave a Reply