128/2006-0-0

128/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 18 октомври 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 11 од Законот за изменување и дополнување на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/2005).

2. Раде Стојковски од Крива Паланка на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 11 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, со оспорената одредба било предвидено наведениот закон да влезе во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, за што не постоела уставна основа, од каде смета дека е повреден членот 52 од Уставот. Ова од причина што не биле исполнети условите конретниот закон да влезе во сила со денот на објавувањето, дотолку повеќе што сите претходно донесени измени и дополнувања на овој закон влегувале во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

Воедно, според подносителот на иницијативата постоела и повреда на начелото на рамноправност на граѓаните пред Уставот и законите (член 9 ), од причина што тој ќе можел да оствари право на паричен надоместок во случај на неврабо теност, доколку било предвидено овој закон да влезе во сила осмиот ден од денот на објаву- вањето, што сега не било случај, иако со примена на претходните измени и дополнувања работниците остварувале такви права.

Со ваковото законско решение, освен на подносителот на иницијативата, им биле повредени правата и на неограничен број други граѓани, кои се бореле за парче леб и биле на возраст од 59 или 60 години.

Врз основа на сите изнесени причини подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на одредбата, а потоа истата да ја поништи.

3. Судот на седницата утврди дека според член 11 од Законот за изменување и дополнување на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“ (17 јануари 2005 година).

4. Според член 9 од Уставот на Република Македонија, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 52 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила (став1). Законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“ најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното објавување (став 2). Законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од објавувањето во Службен весник на Република Македонија, а по исклучок, што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето (став 3). Законите и другите прописи неможат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните (став 4).

Од содржината на членот 52 од Уставот на Република Македонија произлегува дека истиот е поместен во главата за основните слободи и права на човекот и граѓанинот и тоа во делот за гаранции на основните слободи и права. Самиот овој факт укажува дека Уставот на Република Македонија не приоѓа на објавувањето на законите и другите прописи како на техничко прашање, туку како на прашање кое длабоко навлегува во уставните гаранции на основните слободи и права на човекот и граѓанинот. Воедно Уставот во оваа одредба го утврдува временскиот период во кој законите и другите прописи треба да бидат објавени по нивното донесување и го утврдува vakatio legis.

Понатаму, од наведената уставна одредба произлегува дека објавувањето на законите и другите прописи е во функција на обезбедување на принципот на владеење на правото и остварувањето на слободите и правата на човекот и граѓанинот, како претпоставка за правната сигурност на граѓаните и другите правни субјекти. Објавувањето, пак, на законите и другите прописи претставува акт на обнародување на тие акти и нивно ставање на увид на јавноста. Имено, со неговото донесување, промулгирање, односно потпишување и објавување, законот, односно другиот пропис станува перфектен, односно применлив акт. Имајќи го предвид к арактерот и значењето на објавувањето на законите и другите прописи, Уставот утврдил обврска тие да се објавуваат во “Службен весник на Република Македонија”, како службено гласило на Републиката.

Исто така, од анализата на наведената уставна одредба произлегува дека основно уставно правило е законите да влегуваат во сила, односно да се применуваат најрано осмиот ден од денот на нивното објавување во “Службен весник на Република Македонија”, а по исклучок што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето. Вториот исклучок се состои во тоа законите и другите прописи да неможат да имаат повратно дејство, освен во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Имајќи го предвид наведеното, како и содржината на оспорениот член 11 од Законот, Судот оцени дека во конкретниот случај станува збор за предвидениот исклучок од членот 52 став 3 од Уставот, кој му дозволува на Собранието на Република Македонија да утврди во кои случаи одреден закон ќе влезе во сила со денот на објавувањето, наместо најрано осмиот ден од денот на објавувањето.

Оттаму, оспорената одредба не би можела да биде доведена под сомнение по однос на нејзината сoгласност со членот 52 став 3 од Уставот.

Од друга страна, законските решенија што се пропишуваат со Законот во кој е содржана оспорената одредба важат за во иднина, сметано од денот на објавувањето, за идни правни состојби, кое нешто и му е познато на подносителот на иницијативата, и истиот не го оспорува законот од аспект на понеповолно, ретроактивно дејство за него или за неограничен број на граѓани. Напротив, според подносителот на иницијативата се работи за идно понеповолно дејство на Законот, се поради околноста што истиот стапил во сила со денот на објавувањето, а не осум дена по неговото објавување.

Значи, во конкретниот случај, формално правно е запазен принципот за објавување на законите пред нивното влегување во сила и воедно е направен исклучок по однос на vakatio legis, како уставно предвидена можност за Собранието на Република Македонија, по исклучок, да определи одреден закон да стапи во сила со денот на објавувањето, од каде не може да се постави прашањето за согласност на оспорената одредба со членот 52 од Уставот.

Што се однесува до наводот за повреда на членот 9 од Уставот, според Судот таквиот навод е неоснован. Имено, тргнувајќи од фактот што на денот на влегувањето во сила на секоја поединечна измена и дополнување на Законот, вклучувајќи ја и последната, граѓаните што претендирале или претендираат за остварување на паричен надоместок за случај на невработеност не се наоѓале во иста фактичка положба и ист правен режим, Судот оцени дека не може да се постави и прашањето за согласноста на оспорената законска одредба со членот 9 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 128/2006
18 октомври 2006 год.
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи

Leave a Reply