96/2006-0-0

96/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 3 октомври 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 22 од Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во „Службен весник на Република Македонија„ („Службен весник на Република Македонија„ бр.56/1999 и 43/2002).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 22 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, со оспорената одредба на неуставен начин бил прогласен за државна сопственост имотот што го стекнала и со кој располагала Новинско-издавачката работна организација Службен весник на Република Македонија. Ова од причина што во член 8 став 1 алинеја 6 и член 30 од Уставот не постоела државна сопственост, туку право на сопственост, а тоа право врз основа на целосно самофинансирање во периодот 1950 до 1999 година го имала наведената организација и нејзините вработени. Во прилог на наведеното бил и членот 1 став 1 од Протоколот кон Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи од 1952 година.

Врз основа на наведеното подносителот на иницијативата, смета дека особено бил повреден членот 30 од Уставот, а од причина што на наведената организација и била одземена сопственоста и правата што произлегуваат од неа и притоа не и бил исплатен праведен надомест, согласно уставните одредби.

Воедно во иницијативата се наведува дека со Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во „Службен весник на Република Македонија„ не можело да се одлучува за правото на сопственост како што било направено со оспорената одредба.

Врз основа на вака изнесените наводи, подносителот на иницијативата смета дека со оспорената одредба се повредувале член 8 став 1 алинеја 1, 3 и 6, член 9, член 30 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според член 22 од Законот, со денот на влегувањето во сила на овој закон, имотот со кој располага постојната Новинско издавачката работна организација Службен весник на Република Македонија – Скопје станува државна сопственост.

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за сог-ласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Во конкретниот случај, Судот во претходна постапка утврди дека по повод иницијатива на Душан Топаловски од Скопје, која содржела слични наводи како предметната иницијатива било донесено Решение У.бр.12/2003 од 2 февруари 2003 година, со кое не е поведена постапка за оценување на уставноста на членот 22 од Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во Службен весник на Република Македонија.

Во постапката по предметот У.бр.12/2003, Судот тргнал од членот 30 од Уставот, според кој се гарантира правото на сопственост и правото на наследување (став 1), сопственоста создава права и обврски и треба да служи за доброто на поединецот и на заедницата (став 2) и никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон (став 3).

Исто така, Судот анализирал повеќе одредби од Законот и утврдил дека:

Според член 2 од Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во “Службен весник на Република Македонија”, објавувањето на законите и другите прописи, акти и издавањето на службеното гласило “Службен весник на Република Македонија” е од јавен интерес.

Според член 11 став 1 од Законот, работите од јавен интерес од член 2 од овој закон ги врши Јавното претпријатие Службен весник на Република Македонија-Скопје, а според член 21 од Законот, со денот на влегување во сила на овој закон (влегол во сила на 8 септември 1999 година) постојната Новинско издавачка работна организација Службен весник на Република Македонија-Скопје продолжува да работи како јавно претпријатие од член 11 на овој закон, а Владата на Република Македонија ги презема основачките права во него.

Согласно член 23 од Законот, вработените, средствата, правата и обврските на постојната Новинско издавачка работна организација Службен весник на Република Македонија-Скопје ги презема Јавното претпријатие.

Врз основа на направената анализа, Судот застанал на гледиште дека од цитираните уставни и законски одредби, јасно произлегува дека објавувањето на законите, другите прописи и акти и издавањето на службеното гласило на државата е дејност од јавен интерес и дека тоа се врши преку посебно јавно претпријатие чиј статус и положба е утврден со самиот закон и спрема кое основачките права ги има Републиката.

Притоа, Судот имал предвид дека Новинско издавачката работна организација Службен весник на Република Македонија– Скопје, до донесување на Законот од 1999 година имала статус и делувала како организација од посебен општествен интерес, какви што биле и другите организации од информативно–издавачката дејност.

Понатаму, Судот имал предвид дека, според Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/1993, 48/1993, 21/1998, 25/1999, 81/1999, 49/2000 и 6/2002) трансформацијата според овој закон, не се врши на претпријатија и организации кои со закон е утврдено дека вршат работи и дејности од посебен општествен интерес, препуштајќи ја можноста тие да се трансформираат со друг закон.
Со донесувањето на Законот за објавувањето на законите и другите прописи и акти во “Службен весник на Република М акедонија”, законодавниот орган, поаѓајќи од дотогашниот статус и положба, се определил Новинско-издавачката работна организација со имот во општествена сопственост, да ја организира, односно да продолжи со работа како Јавно претпријатие, спрема кое основачките права во него ги презема Владата на Република Македонија.

Оттаму, Судот застанал на гледиште дека со оспорената одредба, според која имотот на поранешната Новинско-издавачката работна организација станува државна сопственост, не се нарушуваат правата на вработените во Јавното претпријатие и таа одредба не е во несогласнот со уставните принципи на правото на сопственост, поради што пред Судот не се поставило прашањето за согласноста на оспорениот член 22 од Законот со одредбата на член 30 од Уставот.

Во однос на наводите во иницијативата дека службеното гласило на Републиката требало да се приватизира како и другите новинско-издавачки организации, Уставниот суд застанал на гледиште дека не е надлежен да одлучува.

Врз основа на изнесеното, произлегува дека во постапката по предметот У.бр.12/2003 Судот се произнел по однос на идентични наводи како по предметната иницијатива кои се однесуваат на согласноста на одредбата со членот 30 од Уставот и по однос на неможноста со наведениот Закон да се одлучува за правото на сопственост.

Понатаму, во иницијативата на Стамен Филипов од Скопје, се наведува дека одредбата се оспорува и по однос на член 8 став 1 алинеја 1 и 3, како и по однос на членовите 9 и 51 од Уставот, меѓутоа конкретни наводи за нес огласноста со овие уставни одредби не се содржани.

Оттаму, произлегува дека Судот веќе одлучувал за истата работа и нема основи за поинакво одлучување.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 96/2006
3 октомври 2006 год.
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи

Leave a Reply