68/2006-0-0

68/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 28 септември 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 93-а став 2 од Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.44/1995, 24/1996, 34/1996, 35/1997, 82/1999, 29/2002, 52/2002-пречистен текст, 40/2003, 42/2003, 63/2004, 55/2005, 81/2005, 113/2005 и 35/2006).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 93-а став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената одредба од Законот предвидувала висината на надоместокот на трошоците во постапката за нострификација да ја пропишува министерот за образование, меѓутоа ова законско овластување немало уставна основа. Ова поради тоа што со Законот не биле утврдени критериуми врз основа на кои министерот би ја определувал висината на надоместокот на трошоците во постапката за нострификација ниту било пропишано што се тоа реални трошоци, поради што била оставена можност без конкретна законска рамка министерот да ги утврдува трошоците. Воедно, со оспорената одредба било овозможено извршната власт да презема надлежност од законодавната власт, со тоа што на министерот му било дадено овластување да уредува прашања кои се законска материја односно да утврдува права и обврски, без критериуми утврдени со закон.

Од овие причини според иницијативата оспорената законска одредба била во несогласност со повеќе одредби од Уставот, и тоа член 8 став 1 алинеја 3 и 4, член 33, член 68 став 1 алинеја 3, член 91 алинеја 1 и 5 и член 96.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 93-а став 1 од Законот за основното образование е предвидено дека надоместокот на трошоците во постапката за нострификација се утврдува врз основа на направените реални трошоци.

Според оспорената одредба од ставот 2 на овој член од Законот, висината на надоместокот на трошоците од ставот 1 на овој член и начинот на распоределбата на надоместокот, ги пропишува министерот.

4. Според членот 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според членот 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони, а согласно членот 91 алинеја 1 и 5 Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршување на законите и донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Согласно членот 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Со Законот за основното образование се уредува дејноста на основното образование како дел од единствениот воспитно-образовен систем.

Според членот 11 од овој закон, дејноста на основното училиште е од јавен интерес.

Судот, исто така утврди дека во делот на одредбите од Законот кои се однесуваат на нострификација и еквиваленција на свидетелства стекнати во странство е уредено дека со нострификацијата се врши признавање на свидетелство стекнато во странство во целина во поглед на правата што му припаѓаат на имателот на свидетелството стекнато во Република Македонија. Нострификацијата, односно признавањето на еквиваленцијата на свидетелството стекнато во странство на барање на странките ја врши Министерството. Решение за нострификација и решение за признавање на еквиваленција на свидетелство стекнато во странство донесува Комисија што ја образува министерот за образование, составена од истакнати стручни лица. Против решението за одбивање на нострификацијата, односно еквиваленцијата, може да се изјави жалба до надлежната комисија на Владата на Република Македонија.

Од изнесеново произлегува дека прашањата за нострификација и еквиваленција се со закон определени да се решаваат во управна постапка.

Согласно членот 3 од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/2005), во управните области за кои со закон е пропишана посебна постапка, се постапува според одредбите на тој закон.

Според одредбите на овој закон се постапува по сите прашања во управните области што не се уредени со посебен закон.

Оттука, Законот за општата управна постапка има супсидијарна примена.

Во делот на одредбите од овој закон, кој се однесува на „Трошоци на постапката“, со членот 116 став 1 е уредено дека посебните издатоци во готови пари на органот што ја води постапката, како што се: патните трошоци на службените лица, издатоците за сведоци, вештаци, толкувачи, увид, огласи и слично, а кои настанале со спроведувањето на постапката по некоја управна работа, по правило, го поднесува оној што ја предизвикал постапката.

Според ставот 2, од овој член од Законот, кога лицето кое учествувало во постапката по своја вина или несоодветно однесување ќе предизвика трошоци за одделни дејствија во постапката, должно е да ги поднесе тие трошоци.

Според ставот 3 од овој член, кога постапката што е поведена по службена должност е завршена поволно за странката, трошоците на постапката ги поднесува органот што ја повел постапката.

Според членот 120 став 1 од Законот, во решението со кое се завршува постапката органот што го донесува решението определува кој ги поднесува трошоците на постапката, нивниот износ, и на кого и во кој рок треба да му се исплатат.

Судот оцени дека со овие и други одредби од Законот за општата управна постапка е регулирана материјата на трошоците на постапката.

Во случајов, со одредбите од Законот за основното образование (Lex specialis) и со одредбите од Законот за општата управна постапка, (Lex generalis) целосно е законски уредено прашањето на трошоците од постапката за нострификација, како во однос на тоа што опфаќаат трошоците во постапката со што се дефинирани и определени рамките и критериумите во пресметувањето на трошоците, така и во однос на органот што ги носи решенијата, обврската за плаќање и други прашања.

Со оглед на изнесеново, Судот оцени дека неможе да се прифатат наводите во иницијативата дека оспорената одредба од членот 93-а од Законот за основното образование била неуставна бидејќи со Законот не биле утврдени рамки и критериуми за определување на трошоците во постапката, односно тие биле препуштени да се уредуваат со подзаконски акт, поради што посебно се повредувал уставниот принцип на поделба на власта, туку напротив оцени дека ова прашање е целосно уредено со закон, а со подзаконскиот акт на министерот е препуштено само да се операционализира законот.

Имено, со иницијативата подносителот, по однос на оспорениот член од Законот, автоматски, надвор од комплексот закони во системот на уредување на тие прашања со закон, ја оспорува одредбата без основана аргументација.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.68/2006
28 септември 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи

Leave a Reply