Решение У.бр.85/2006

У.бр.85/2006

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 6 и 12 јули 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на устав­носта на точката 6 од Одлуката за висината на надоместокот на пратениците за користење на автомобил во лична сопственост за службени цели и надоместок на трошоци за патарина, донесена од страна на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 51/2006).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката во целина, означена во точката 1 на ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, со оспорената одлука се повредувале темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија – владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3, еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите од член 9, членот 51, членот 52 став 1, 2 и 4, членот 61 став 2, членот 64 став 6 и членот 68 став 2 од Уставот на Република Македонија, како и членот 31 став 1 алинеја 10 и став 2 од Законот за пратениците.

Имено, спорен бил називот на Одлуката, затоа што согласно членот 31 став 2 од Законот за пратениците, било предвидено дека условите и начинот на личните примања и надоместоци на трошоци уредени со овој закон, како и нивната примена ги определувало Собранието, односно надлежното работно тело на Собранието. Во оваа смисла, според подносителот на иницијативата, Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија немала уставна и деловничка надлежност да ја донесе оспорената одлука, бидејќи како работно тело на Собранието, согласно член 76 од Уставот, единствено можела да му предложи на Собранието донесување на соодветна одлука, но не и да ја донесе таа одлука. Ова затоа што согласно член 68 став 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија ги донесува одлуките, а не наведената комисија, како во случајот.

Понатаму, според подносителот на иницијативата, правото на пратениците на надомест за користење автомобил во лична сопственост за службени цели, можело да биде утврдено само со закон, како што е веќе сторено со членот 31 став 1 алинеја 10 од Законот за пратениците, а не со Одлука на ненадлежна комисија.

Правото на пратениците на надомест на трошоците за исплатените патарини на наплатните пунктови на јавните патишта во Република Македонија предвидено во точка 4 од Одлуката, не било предвидено ниту во Уставот на Република Македонија, ни во Законот за пратениците, така што со овие одредби од Одлуката се повредувал членот 8 став 1 алинеја 3, членот 9 и членот 51 од Уставот.

Според точката 6 од Одлуката, Одлуката влегува во сила со денот на донесувањето (13 април 2006 година), ќе се применува од 15 март 2006 година, а објавена е во „Службен весник на Република Македонија“ на 19 април 2006 година, односно истата имала повратно дејство со што се повредувале одредбите на членот 52 став 1, 2 и 4 од Уставот.

Со оспорената одлука не се разработувале определени законски одредби, туку изворно се утврдувале наведените права, што можело да се заклучи од точките 1, 2, 3 и 4 од Одлуката.

4. Судот на седницата утврди дека Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија на 13 април 2006 година донела Одлука за висината на надоместокот на пратениците за користење на автомобил во лична сопственост за службени цели и надоместок на трошоци за патарина, заведена под број 14-1650/1.

Според точка 1 од оспорената одлуката, пратениците во Собранието на Република Македонија имаат право на надоместок за користење на автомобил во лична сопственост за службени цели во висина од 30% од продажната цена на еден литар гориво според изминат километар за возилото кое го користат за седница на Собранието на Република Македонија и седницата на работно тело на Собранието на Република Македонија.

Според точка 2 од Одлуката, правото од точка 1 на оваа одлука на пратениците им припаѓа доколку се определени од Собранието на Република Македонија за учество во работата на: делегации, пратенички групи за соработка со парламентите на други држави, семинари, средби и конференции.

Согласно точката 3 од оспорената одлука, лицата од точките 1 и 2 имаат право на надоместок на трошоците за исплатените патарини на наплатните пунктови на јавните патишта во Република Македонија.

Според точката 4 од Одлуката, надоместокот на трошоците од точката 3 се исплатува во висина на поднесениот официјален документ на наплатните пунктови на јавните патишта во Република Македонија (фискална сметка или службена белешка).

Согласно тчката 5 од истата одлука, со денот на влегувањето во сила на оваа одлука престанува да важи Одлуката за висината на надоместокот на пратениците за користење автомобил во лична сопственост за службени цели и надоместок на трошоци за превоз на другите избрани и именувани лица во Републиката („Службен весник на Република Македонија“ бр. 20/2000, 51/2000 и 104/2000).

Според точката 6 од истата одлука, Одлуката влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се применува од 15.03.2006 година.

Согласно точката 7 од Одлуката, оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила, а според став 4 на истиот член, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога е тоа поповолно за граѓаните.

Според член 61 став 2 од Уставот, организацијата и функционирањето на Собранието се уредуваат со Уставот и со Деловникот.

Согласно член 64 став 6 од Уставот, пратеникот има право на надомест утврден со закон.

Согласно член 68 став 2 од Уставот, Собранието за вршење на работите од својата надлежност донесува и одлуки, декларации, резолуции, препораки и заклучоци.

Согласно член 76 став 1 од Уставот, Собранието основа постојани и повремени комисии.

Со Законот за пратениците („Службен весник на Република Македонија“ бр. 84/2005), покрај платата и другите надоместоци на пратениците, се утврдуваат и другите лични примања и надоместоци на трошоци на кои пратениците имаат право. Така во член 31 став 1 од овој закон, се утврдува дека пратениците имаат право на примања и надоместоци на трошоците за: превоз до работа и од работа, оброк во работно време (хранарина), селење од местото на постојано живеалиште во местото каде се врши функцијата пратеник, стручно усовршување и образование, погребни трошоци, дневница за службено патување во земјата, трошоци за ноќевање, дневница за службено патување во странство, надоместок за користење автомобили во лична сопственост за службени цели, надоместок за одвоен живот од семејството и отпремнина при заминување во пензија.

Согласно ставот 2 на истиот член, условите и начинот за утврдување на износот за остварување на личните примања и надоместоци на трошоци, уредени со овој закон, како и нивната примена ги определува Собранието, односно надлежното работно тело на Собранието.

Согласно член 114 од Деловникот на Собранието на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 60/2002), Собранието избира постојани и повремени работни тела. Работните тела разгледуваат предлози за донесување на закони, нацрти на закони, предлози на закони и предлози и други општи акти што ги донесува Собранието, како и други прашања од надлежност на Собранието и вршат други работи утврдени со овој деловник.

Согласно член 115 став 1 од Деловникот, постојаните работни тела се основаат со одлука на Собранието, а согласно став 3 на истиот член, со одлуката за основање на работни тела се утврдуваат делокругот и бројот на членовите.

Со Одлука за основање на постојани работни тела на Собранието на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 85/2002), како постојано работно тело на Собранието е основана и Комисија за прашања на изборите и именувањата. Во точката 6 од Одлуката е утврден бројот на членовите на Комисијата, како и нејзината надлежност, при што во ставот 2 алинеја 15 е утврдено дека во надлежност на Комисијата е да ги разгледува прашањата што се однесуваат за определување во согласност со прописите, на висината на дневниците, на трошоците за одвоен живот, на надоместокот за годишен одмор, на селидбени и други трошоци.

6. Тргнувајќи од анализата на членот 31 од Законот за пратениците, произлегува дека законодавецот ги утврдил личните примања и надоместоци на трошоци на кои имаат право пратениците, како и определил дека Собранието, односно надлежното работно тело на Собранието, во функција на операционализација на одредбата, е овластено да ги уреди условите и начинот за утврдување на износот за остварување на личните примања на пратениците и надоместоци на трошоци утврдени со овој закон.

Имајќи ја предвид наведената уставна и законска регулатива, Деловникот на Собранието на Република Македонија и Одлуката за основање на постојани работни тела на Собранието на Република Македонија, Судот утврди дека Комисијата за прашањата на изборите и именувањата како постојано работно тело на Собранието надлежно за определувањето на висината на надоместокот на трошоците кои, во согласност со прописите им се признаваат на пратениците, е надлежен орган за донесување на оспорената одлука.

Поради тоа, Судот ги оцени како неосновани наводите во иницијативата за тоа дека Комисијата немала уставна и деловничка надлежност за донесување на оспорената одлука. Делокругот на Комисијата се утврдува со Одлуката за основање на постојани работни тела на Собранието на Република Македонија, а не произлегува од називот на Комисијата, поради што се неосновани наводите во иницијативата дека поради називот на Комисијата, истата не била надлежна за донесување на Одлуката.

Оттука, Судот утврди дека немаат основ наводите во иницијативата дека со оспорената одлука се повредува принципот на владеење на правото утврден со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како и член 51, 61 став 2 и 68 став 2 од Уставот.

7. Правото кое пратениците го имаат на надомест за користење на автомобили во лична сопственост за службени цели и висината на овој надомест, се утврдени со Законот за пратениците. Со оспорената одлука се разработуваат условите за остварување на ова право, односно се прецизираат случаите кога се смета дека возилото се користи за службени цели, а тоа се случаите кога пратениците го користат возилото за доаѓање на седница на Собранието или работно тело на Собранието, како и доколку се определени од Собранието за учество во работата на делегации, пратенички групи за соработка со парламентите на други држави, семинари, средби и конференции. Судот утврди дека на овој начин, во согласност со членот 31 став 2 од Законот за пратениците, се операционализира законската одредба со која се утврдува наведеното право, со што не се повредува принципот на владеење на правото утврден со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

8. Со Законот за изменување на Законот за јавните патишта („Службен весник на Република Македонија“ бр. 31/2006 и 33/2006-исправка) се утврдува дека од плаќање на надоместок за употреба на автопат или магистрален пат, нивен дел или објект на патот (автопатска такса), се ослободуваат: возила со полициска придружба; видливо означени возила на Армијата на Република Македонија, полицијата, итната медицинска помош, Црвениот крст на Република Македонија, противпожарната служба и возила погребални и возила на лица заболени од дистрофија, мултиплекс склероза, церебрална парализа, параплегија, хемиплегија, квадриплемија, детска парализа (полиомиелитис), лица на дијализа и лица со ампутација на рака или нога со призната телесно оштетување над 80%, утврдено со акт на надлежната комисија во Фондот зжна пензиското и инвалидското осигурување на Македонија.

Со законската регулатива која беше во сила пред донесувањето на овие измени во Законот за јавните патишта (член 109 од Законот за јавните патишта – „Службен весник на Република Македонија“ бр. 26/1996, 40/1999, 96/2000, 29/2002 и 68/2004), од плаќање на надоместок за употреба на автопат или магистрален пат, нивен дел или објект на патот (автопатска такса), се ослободуваа и возилата на Собранието и Владата на Република Македонија и собранијата на единиците на локалната самоуправа, посебно означени.

Од анализата на наведената законска регулатива од аспект на наводите во иницијативата, според Судот произлегува дека точките 3 и 4 од оспорената одлука се во согласност со последните измени во Законот за јавните патишта. Имено, со овие законски измени возилата на Собранието повеќе не се ослободени од плаќање надомест за автопатска такса, што значи дека за возилата на Собранието на Република Македонија и возилата во лична сопственост кои пратениците ги користат за службени цели кога не се во можност да користат службени возила на Собранието, се врши плаќање на наплатните пунктови на јавните патишта во Република Македонија.

Со оглед дека се работи за возила кои се користат за службени цели на орган на државната власт, трошоците за исплатените патарини претставуваат трошок на органот за чии потреби е извршено патувањето. Во оваа смисла, Судот утврди дека трошоците за исплатените патарини на наплатните пунктови на јавните патишта во Република Македонија, потврдени со официјален документ – фискална сметка или службена белешка, во согласност со точката 4 од оспорената одлука, претставуваат материјални трошоци поврзани со извршување на функцијата на Собранието и паѓаат на товар на Собранието на Република Македонија, а не претставуваат личен трошок на пратениците, поради што основано произлегува истите да им се надоместуваат на пратениците кои ги платиле трошоците за возилото.

Поради наведеното, Судот утврди дека се неосновани наводите во иницијативата дека со точките 3 и 4 од оспорената одлука изворно се утврдува одредено право за пратениците со што се повредувал членот 8 став 1 алинеја 3, член 9 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

9. Имајќи предвид дека со точката 6 од оспорената одлука е утврдено дека Одлуката влегува во сила со денот на донесувањето (13 април 2006 година), а ќе се применува од 15 март 2006 година, со што се утврдува нејзина примена пред објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, Судот оцени дека точката 6 од Одлуката може да се стави под сомнение по однос на согласноста со членот 52 став 1 од Уставот.

Освен тоа, според Судот во овој случај не станува збор за повратно дејство што е поповолно за граѓаните како што определил членот 52 став 4 од Уставот, туку за повратно дејство поповолно за конкретно определен помал број на лица – пратеници, поради што точката 6 од Одлуката може да се стави под сомнение и по однос на нејзината согласност со оваа уставна одредба.

Имајќи предвид дека согласно точката 5 од Одлуката, со денот на влегувањето во сила на оваа одлука престанува да важи Одлуката за висината на надоместокот на пратениците за користење автомобил во лична сопственост за службени цели и надоместок на трошоци за превоз на другите избрани и именувани лица во Републиката, а согласно точката 6 од оспорената одлука е утврдено повратно дејство на Одлуката, произлегува дека во одреден период (од примената на оспорената одлука до престанувањето на важењето на претходната одлука), во правна сила се две одлуки на истиот орган со кои се уредуваат исти права на пратениците, што го доведува во прашање принципот на владеење на правото, поради што Судот оцени дека точката 6 од Одлуката може да се стави под сомнение и по однос на согласноста со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

10. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 и 2 од ова решение.

11. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и Игор Спировски.

У.бр.85/2006
6 и 12 јули 2006 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи

Leave a Reply