229/2005-0-0

229/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 5 април 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Решението за цените на обрасците што се употребуваат во Министерството за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија” бр.30/1995, 28/1998, 97/2000 и 9/2004).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 74 став 1 точка 5 од Законот за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија” бр.19/1995, 55/1997, 38/2002, 33/2003, 19/2004 и 51/2005).

3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 74 став 1 точка 5 од Законот означен во точката 1 од ова решение и оценување на уставноста и законитоста на решението означено во точката 2 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член од законот не бил во согласност со Уставот затоа што овластувањето на министерот со подзаконски акт да ги пропишува цените на обрасците што ги издава Министерството немало уставна основа и со тоа се отстапувало од темелните вредности на уставниот поредок како што се владеењето на правото и поделбата на власта на законодавна, извршна и судска утврдени во член 8 став 1 алинеите 3 и 4, а воедно се повредувале и членовите 33, 51, 91 алинеи 1 и 5 и член 96 од Уставот.

Оттука, според подносителот на иницијативата и оспореното решение не било во согласност со наведените уставни одредби како и со членовите 55 став 1 и 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, бидејќи со актите кои ги донесува министерот за граѓаните и правните лица не можат да се утврдуваат права и обврски.

4. Судот на седницата утврди дека во членот 74 став 1 од Законот за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија” бр.19/1995, 55/1997, 38/2002, 33/2003, 19/2004 и 51/2005) е предвидено дека се овластува министерот да донесува подзаконски прописи за:

1) вршење на работите на Министерството,
2) вршење на работите на Управата,
3) ознаките за обележување на граничниот појас на копно,
4) времето на траењето на облеката и посебната лична опрема на полицајците,
5) цените на обрасците што ги издава Министерството,
6) начинот на постапување со привремено одземени и пронајдени предмети,
7) работи и задачи кои е неопходно да се извршат за време на штрајк,
8) други прописи утврдени со закон.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија” бр.19/2004) кој подносителот на иницијативата го немал предвид при поднесување на иницијативата во членот 74 став 1 по точката 2 се додава нова точка 3 вршењето на работите на граничната полиција, а точките 3, 4, 5, 6, 7 и 8 стануваат точки 4, 5, 6, 7, 8 и 9 или поточно, оспорената точка 5 станува точка 6 на член 74 со иста содржина (цените на обрасците што ги издава Министерството).

Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и со закон.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со оглед на тоа што оспорената одредба од член 74 од Законот била предмет на оценување пред Уставниот суд на Република Македонија кој со Решение У.бр.229/1997 од 18 март 1998 година, одлучил да не поведе постапка за оценување на уставноста на член 74 од Законот за внаттрешни работи, Судот утврди дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

5. Судот понатаму утврди дека врз основа на оспорената точка 5 на член 74 од Законот за внатрешни работи, министерот за внатрешни работи донел Решение за цените на обрасците што се употребуваат во Министерството за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија” бр.30/1995, 28/1998, 97/2000 и 9/2004).

Во ова решение се определени цените на обрасците што се употребуваат во Министерството за внатрешни работи и тоа за: лична карта (100,00), возачка дозвола (250,00), дозвола за возач на трактор (250,00), возачка потврда (250,00), сообраќајна дозвола (200,00), изводи од матична книга на родените, венчаните, умреница, пасош, дипломатски пасош, службен пасош и други обрасци.

Во точка ИИ од решението е наведено дека усогласувањето на цените на обрасците наведени во точката И на ова решение се врши во зависност од корекцијата на цените на производителите.

Понатаму, во решението од Министерот за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија” бр.97/2000) е предвидено дека цените на одделни обрасци се зголемуваат за два пати ако по барање на граѓанинот се издаваат за еден ден од денот на поднесување освен ако се издаваат за лекување во странство, смрт или тешка болест во семејството.

Во Решението на Министерот за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија” бр.9/2004) пак, се утврдени цени на: записник, скица и потврда за извршен увид на лице место, а на барање на физичко и правно лице.

Според член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Според член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000 и 44/2002), министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи кога е за тоа овластен со закон.

Од изнесените уставни и законски одредби, произлегува дека Министерството за внатрешни работи е орган на државната управа, кој работите од својата надлежност ги извршува врз основа и во рамките на Уставот и законите. Во тој контекст, врз основа на Законот за организација и работа на органите на државната управа, министерот е овластен да донесува акти за извршување на законите.

При оценување на уставноста и законитоста на оспореното решение Судот ги имаше предвид целината и одделните одредби на Законот за јавните набавки.

Со овој закон се уредува начинот и постапката за вршење на јавните набавки, покрај другите и кај органите на државната власт и органите на единиците на локалната самоуправа (член 1).

Според член 10 од наведениот закон набавувачот започнува со постапка за јавна набавка само доколку има претходно планирано и обезбедно средства со буџет, финансиски план или со инвестициона програма.

Врз основа на утврдените извори за финансирање набавувачот донесува план за своите вкупни потреби за набавка во тековната година по видови на производи (стоки) услуги и работи со кој ја определува и динамиката на реализација на набавките и постапката за јавни набавки што ќе ја користи.

За потребите на јавна набавка лицето кое е овластено односно органот надлежен да одлучува за распределувањето и користењето на средствата на набавувачот донесува одлука во која се утврдува предметот (видот) и количината на набавката, износот и изворите на средствата потребни за реализација на набавката вклучувајќи ги и трошоците за даноци, царини и други јавни давачки. Начинот и постапката за извршување на набавката, критериумите за избор на најповолен понудувач и органот, односно овластеното лице за спроведување на постапката и потребата дали набавката ќе се врши со меѓународен тендер зависат од вредноста на набавката.

Во Законот за јавните набавки утврдени се и видовите и постапките на јавните набавки како и начелото на законитост, рационалност, ефикасност и транспарентност врз кои ќе се спроведуваат јавните набавки, а се со цел да се избере најповолен понудувач со прифатливи цени и добар квалитет на предметот на јавната набавка.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, Законот за организација и работа на органите на државната управа како и Законот за јавни набавки наспрема содржината на оспореното решение со кое се утврдени цените на обрасците што се користат во Министерството за внатрешни работи Судот смета дека не се основани наводите во иницијативата дека со оспореното решение се доведуваат во прашање уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.

Ова пред се имајќи предвид дека обрасците што се користат во работата на Министерството за внатрешни работи, не се обични обрасци – формулари, туку обрасци кои се издаваат по барање на граѓаните и во кои се внесуваат одредени лични податоци на граѓаните и тие изразуваат одреден статус на лицето барател, тие се документи за идентификација, патни, јавни исправи и други видови на обрасци кои се во надлежност само на Министерството и истите мора да бидат изработени со определен квалитет по одредени стандарди и со одредени обележја.

Притоа, цената на секој од предвидените видови на обрасци зависи од цената што ќе биде постигната по спроведување на јавната набавка за секој од видовите на обрасците, па оттаму одредувањето на цената на секој поединечен образец не зависи од волјата на министерот, туку од постигнатата цена за одреден образец на јавната исправа или документ.

Со оглед на изнесеното Судот оцени дека оспореното решение во суштина е реализација, односно операционализација на Законот за внатрешни работи и Законот за јавни набавки, поради што не може да се постави прашањето за неговата согласност со уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.229/2005
5 април 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply