14/2006-0-0

14/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 22 март 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 32 од Законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.112/2005).

2. Ристо Ајтов претседател на Самостојниот синдикат на вработените во одбраната – Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 32 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата со оспорената одредба се повредуваат темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија утврдени во член 8 став 1 алинеја 3 и 11, како и членоввите 9 и 51 од Уставот на Република Македонија. Ова затоа што оспорената законска одредба се однесува само ако е во прашање офицер со завршено вишо образование на родовите на Армијата во воена школа на поранешната ЈНА, а не на пример и за офицер со завршено више образование од родовите на Армијата во школите или во Воената академија во Република Македонија. Понатаму, во иницијативата се наведува дека официри со завршено вишо образование не постојат само во родовите на Армијата туку и во службите на Армијата.

Освен тоа, според подносителот на иницијативата со оспорената одредба офицерот со вишо образование се деградира, трансформира во подофицер кој е само со средно стручно образование, а офицерот ги остварува правата и обврските од подофицерскиот чин и должноста на која ќе биде поставен.

Со иницијативата, воедно се бара Судот да донесе решение за запирање од извршување на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорената законска одредба.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 32 од Законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија (»Службен весник на Република Македонија« бр.112/2005) “во преодниот период од влегување во сила на овој закон до 31 декември 2007 година, офицер со завршено вишо образование од родовите на Армијата во воените школи на поранешната ЈНА, кој нема да биде поставен на формациско место за офицер, може со негова согласност, според потребите на службата да биде поставен на формациско место за подофицер.

Во случај од ставот 1 на овој член офицерот остварува права и обврски од чинот и должноста на која ќе биде поставен”.

4. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 11 од Уставот владеењето на правото и почитувањето на општоприфатените норми на меѓународното право се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот на Република Македонија граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.

Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законите и секој е должен да ги почитува Уставо и законите.

Имајќи ги предвид наводите во иницијативата како и содржината на оспорената одредба од член 32 од Законот, Судот ги имаше предвид и одделните одредби од Законот за служба во Армијата на Република Македонија поаѓајќи од фактот што оспорената одредба не може да се гледа изолирано сама за себе туку во контекст на целината на Законот.

Имено, со Законот за служба во Армијата на Република Македонија (»Службен весник на Република Македонија« бр.62/2002, 98/2002, 25/2003, 71/2003 и 112/2005) се уредуваат статусот, правата, должностите и одговорностите на лицата на служба во Армијата на Република Македонија, како и системот на плати и надоместоци на плати и други права во врска со службата во Армијата.

Под служба во Армијата се смета вршење на воени должности во Армијата што ја вршат воени и цивилни лица. Воени лица во смисла на овој закон се воени старешини-офицери и подофицери и други.

Работен однос со Министерството за одбрана како офицер и подофицер може да заснова лице кое ги исполнува општите и посебните услови утврдени со овој закон (член 24 став 1).

За офицер на служба во Армијата се прима лице кое покрај општите услови од член 25 исполнува и еден од посебните услови: 1) да има завршено Воена академија; 2) да има високо образование и завршено стручно оспособување и усовршување за офицер (член 26 став 1 ).

Во член 28, од Законот пак, е предвидено дека за подофицер на служба во Армијата се прима лице кое покрај општите услови од член 25 на овој закон ги исполнува и посебните услови: 1) да има завршено средно образование и 2) да завршил стручно оспособување и усовршување за подофицер во траење од девет месеци.

Во член 37 од Законот, пак, покрај другото, се утврдени и чиновите на воените лица офицери и подофицери.

Така, воено лице – офицер може да има чин: потпоручник, поручник, капетан, мајор, потполковник, полковник, бригаден генерал, генерал-мајор, генерал-потполковник и генерал.

Военото лице – подофицер може да има чин: водник, постар водник, постар водник 1 класа, заставник и заставник 1 класа.

Во Глава ВИИИ “Поставување, преместување и други односи во службата” односно во членовите 73, 74, 75 и 76 од наведениот закон, е предвидено дека воен старешина се поставува на соодветна должност, односно формациско место според воено евиденционата специјалност, според потребите на службата во Армијата (член 73).

Воен старешина се поставува на формациско место на својот чин, а само по исклучок, по потреба на службата, може да се постави на формациско место со непосредно повисок или понизок чин (член 74).

Доколку на формациското место нема можност да биде поставен воен старешина со соодветен чин, на тоа формациско место може да биде поставен воен старешина со непосредно повисок чин по потреба на службата, при што во ваквите случаи воениот старешина ги задржува правата од својот чин и должност на која е поставен (член 75).

Во членот 76, од Законот ,пак, се предвидени случаите кога воен старешина може да биде поставен на формациско место со непосредно понизок чин: 1) поради укинување на формациското место на кое бил поставен, а нема можност да биде поставен на друго формациско место според неговиот чин; 2) кога е разрешен од должноста поради боледување и лекување во смисла на член 8 од овој закон, а нема можност да биде поставен на друго формациско место според неговиот чин, најдолго за период од една година; 3) кога со оцена на воено лекарска комисија од член 191 на овој закон е предложена промена на формациското место заради здравствени причини, а нема можност да биде поставен на формациско место според неговиот чин; 4) кога му е изречена дисциплинска мерка враќање на должност со непосредно понизок чин и 5) поради преместување по свое барање, доколку го прифати понуденото поставување.

Во случајот од став 1 на овој член, воениот старешина го задржува правото од својот чин и должноста на која ќе биде поставен, освен во случаите од став 1 точка 4 и 5 од овој член, во кои случаи ги остварува правата според чинот и должноста на која ќе биде поставен.

Во членот 226-а од Законот е предвидено дека на воен старешина може да му престане работниот однос во Министерството за одбрана поради структурни промени во актот за формација на Армијата.

Структурни промени во актот за формација на Армијата се промени кои се однесуваат на организационата поставеност на Армијата и кои предизвикуваат укинување или трансформација на единицата, командата или штабот, бараат промена на должностите или намалување на обемот на работата и укинување на формациското место.

Во случај на вакви структурни промени, воениот старешина кој во рок од 60 дена од денот на промената во актот за формација на Армијата нема да биде поставен на формациско место согласно член 74, 75 и 76 став 1 точка 1 од Законот, му престанува работниот однос, при што Министерството за одбрана му обезбедува едно од предвидените права утврдени во Законот (стекнување право на пензија, вработување кај друг работодавец, стручно оспособување или обука и исплатување на еднократен паричен надоместок или еднократен паричен надоместок утврден со одлука на Владата на Република Македонија).

Од анализата на Законот за служба во Армијата на Република Македонија произлегува дека со него е утврден степенот на образование кој треба да го поседуваат воените старешини офицери и подофицери, а тоа е високо образование за офицерскиот кадар и средно образование за подофицери кои можат да бидат поставени на формациски места на соодветен чин предвидени со закон. Притоа, во определени случаи утврдени со Законот, офицерите односно подофицерите можат да бидат поставени на формациско место со непосредно повисок или понизок чин од оној на кој биле поставени, при што со Законот се утврдени правата што во таков случај ги остваруваат.

Понатаму, од анализата на наведениот закон, а имајќи го предвид процесот на трансформација на Армијата, односно преструктуирањето на Армијата на Република Македонија по НАТО стандардите, кое преструктуирање нужно предизвикува намалување на бројот на воените старешини, произлегува дека законодавецот во насока на обезбедување на воените лица кои биле поставени на одредени формациски места кои се укинуваат или се намалува нивниот обем на работа, а кои нема можност да бидат поставени на формациско место според чинот што го имаат, утврдува истите да остварат одредени права во случај на престанок на работниот однос.

Од друга страна, пак, поаѓајќи од фактот што Република Македонија е дефинирана, покрај другото, и како социјална држава, Судот смета дека законодавецот со намера да ги обезбеди и лицата кои не го исполнуваат основниот услов во поглед на образованието потребно за офицер – високо образование, односно да ги обезбеди воените лица офицери со вишо образование стекнато во воените школи на Армијата во поранешната ЈНА, предвидел можност, доколку тие се согласат, да бидат поставени на формациски места за подофицери , во кој случај ќе ги остваруваат правата од чинот и должноста на која ќе бидат поставени.

Оттука, имајќи го предвид наведеното како и фактот што оспорената одредба има темпорален карактер, односно таа се однесува за одреден временски период и за одредена категорија на воени старешини кои поради неисполнување на условот во поглед на образование, а со нивна согласност можат да бидат поставени на формациско место подофицер со понизок чин, Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одреба со начелото на еднаквоста како и начелото на владеење на правото.

Ова становиште се заснова и врз фактот што во член 24 од Законот за одбрана се утврдува дека Армијата се состои од видови, родови и служби. Со акт на претседателот на Републиката и врховен командант на Армијата, како родови во Армијата се определени: пешадија, артилерија, оклопномеханизирани единици, телекомуникации, фрекфентен менаџмент, информатика и кроптозаштита, инженерија, атомско биолошко хемиска одбрана, а како служби се определени: логистика, интендантска служба, санитетска служба, ветеринарна служба, сообраќајна служба, градежна служба, техничка служба, воздухопловно техничка служба. При тоа, треба да се има предвид дека припадниците на родовите како специфична воена структура во Армијата се образуваат првенствено во военитие академии и други воени школи кои биле присутни во поранешната ЈНА, а припадниците на службите се образуваат во други образовни цивилни институции. Оттука не може да се стави знак на еднаквост меѓу овие категории на воени лица, и тоа особено од аспект на остварување на правата поради структурни реформи во Армијата кои подразбираат редукција на офицерскиот кадар од редот на родовите, поради што не се основани наводите во иницијативата дека оспорената одредба треба да ги опфати и офицерите од службите во Армијата.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека целта на законодавецот со оспорената одредба не била да ја доведе оваа категорија на воени лица во понеповолна положба во однос на другите воени лица од родовите и службите, туку напротив целта била истите да ги заштити имајќи го предвид фактот што се работи за воени старешини –офицери, кои се стекнале со вишо образование во вишите школи што постоеле во системот на поранешната ЈНА, а такви по осамостојувањето на Република Македонија и формирањето на Армијата на Република Македонија, не постоеле и не постојат.

Воедно, според Судот законодавецот при донесување на наведената одредба се раководиел и од специфичноста на професијата и военото образование на овие кадри кои не така лесно можат да се вклучат во структурата на цивилниот живот, поради што на истите им дава само можност и понатаму да ја вршат својата професија од воената област.

Што се однесува до наводите од иницијативата дека со оспорената одредба офицерот со вишо образование се деградира и трансформира во подофицер кој е само со средно образование, Судот оцени дека истите се неосновани, пред се имајќи предвид дека со оспорената одредба не се пропишува дека на офицерот му се одзема офицерскиот чин, туку дека тој се поставува на формациско место за подофицер и ги остварува правата и обврските од чинот и должноста на која ќе биде поставен.

Со оглед на фактот што нема основи за поведување на постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба, Судот оцени дека не се исполнети условите за донесување на решение за запирање од извршување на поединечните акти или дејствија донесени, односно преземени врз основа на оспорената законска одредба.

5. Со оглед на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.14/2006
22 март 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply