22/2006-0-0

22/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 8 март 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите 82, 83, 84, 85 и 86 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2005).

2. Републичкиот одбор на месните заедници на Република Македонија од Скопје и Здружението на граѓани “Љубители на љубанишкиот крај” од с. Љубаништа, Охрид, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителите на иници­јати­вата оспорените законски одредби премногу рестриктивно го уредувале уставното право на месна самоуправа, односно сметаат дека во Законот треба да се прошират ингеренциите на месната самоуправа за сметка на општинската самоуправа.

Имено, Уставот во членот 8, локалната самоуправа ја сврстувал во темелните вредности на уставниот поредок, а со ставот 1 на член 114, на граѓаните им се гарантирало правото на локална самоуправа во општините, како единици на локалната самоуправа и во облиците на месната самоуправа, како делови на локалната самоуправа.

При регулирањето на прашања од непосреден интерес на граѓаните-жители на месната самоуправа, прописите со кои тоа се прави морале да бидат заемно усогласени: законите со Уставот, а другите прописи со Уставот и законите (член 51 од Уставот), за да се оневозможело избраните претставници, со прописите што ги донесуваат, на граѓаните да им ги одземат или намалат правата утврдени со Уставот, како што, според подносителите на иницијативата, тоа бил случајот со одредбите на членовите 83, 84 и 85 од Законот за локалната самоуправа. Имено, со одредбите на Глава 12, овој закон правото на граѓаните во месната самоуправа го имал сведено на собири: само да разгледуваат прашања, изготвуваат предлози и заземаат ставови за прашања од непосредно и секојдневно значење за животот и работата на жителите од тоа подрачје, но не и право да одлучуваат за нив.

Според подносителите на иницијативата, било несфатливо и уште повеќе недопустливо толку рестриктивно да се толкуваат и применуваат уставните одредби за правата на граѓаните во одлучувањето за прашања од значење за месната самоуправа, за прашања и проблеми карактеристични и актуелни само за конкретна месна самоуправа, а за кои општинските органи и администрација по правило немале ниту време, ниту слух.

Ригидно-рестриктивниот пристап на законодавецот во операционалозацијата на уставната поставеност на локалната и месната самоуправа во Законот за локалната самоуправа, според подносителите на иницијативата, не помалку бил очигледен и во отсуството на одредби со кои на органите на месната самоуправа би им се дала можност сами, без посредување на градоначалникот да свикуваат собири. Свикувањето и одлучувањето на собир, според подносителите на иницијативата, било изворно право на граѓаните жители на месната самоуправа, а не изведено од градоначалникот, кој пак овластувањето од член 27 став 2 од Законот за локалната самоуправа го вршел за прашања во надлежност на општината како единица на локалната самоуправа, заради претходно изјаснување на граѓаните на ниво на општина (членовите 2 став 2 и 115 став 1 од Уставот, од една страна и членовите 82 став 2 и 83 од Законот за локалната самоуправа од друга страна).

Понатаму, подносителите на иницијатативата наведуваат дека важечкиот Закон за локалната самоуправа не утврдувал можност месната самоуправа да може да има средства во сопственост и да биде субјект во правниот промет, односно да има својство на правно лице, што е меѓусебно поврзано и заемно условено, што претставувало »молчеливо« одземање на сопственоста и средствата кои месните заедници ги имаат и ги користат, не признавајќи им го својството на правно лице. Дури и да немале средства во сопственост, требало да им се овозможи да имаат средства, бидејќи без нив правото на локална, односно месна самоуправа е само флоскула, со која се заматувале очите и свеста на носителите на суверенитетот-граѓаните кои живеат во месната заедница.

Според подносителите на иницијативата, Законот за локалната самоуправа, во регулирањето на организацијата на власта и надлежностите на органите на ниво на општина, доследно го применувал уставното начело на поделба на власта на законодавна, извршна и судска, меѓутоа отстапувал од тоа начело во одредбите со кои ги уредувал, односно не ги уредувал прашањата сврзани со органите кои може да се избираат во месната самоуправа, нивната надлежност и постапката за избор. Во ниеден член од наведената Глава 12 не била утврдена можност месната самоуправа да донесува свои акти, а со решението за избор на претседателот на советот од страна и од редот на членовите на советот не била дадена можност со статутот на општината и (или) со општ акт на месната самоуправа, изборот на советот, односно претседателот на единицата на месната самоуправа да се врши на друг начин, на пример со тајно гласање и непосредни избори, што би ја збогатило демократската практика во облиците на месната самоуправа.

Понатаму, подносителите на иницијативата наведуваат дека Уставот во ставот 3 на членот 114 утврдувал можност во општините да се основаат облици на локална самоуправа. Меѓутоа, правната формулација дадена во ставот 1 на членот 82 од Законот за локалната самоуправа, не била во согласност со уставната рамка, бидејќи само привидно утврдувала два облици на месна самоуправа, а всушност станувало збор само за еден облик-заедница на граѓани кои живеат на определена територија, во ставовите 2 и 3 означена како подрачје, кое пак претставувало еден облик на месна самоуправа доколку се наоѓало во границите на градовите како урбани(зирани) целини и се именувало во “урбана заедница”, а доколку се простирало надвор од границите на тие урбани(зирани) целини, се именувало како месна заедница. Формулациите од ставот 1 и 4 од овој член биле несогласни со член 51 од Уставот, поради тоа што Законот со наведените формулации ја бетонирал креативноста што Уставот ја овозможувал со ставот 3 на членот 114, оневозможувајќи им на општините со статутите да утврдуваат и други облици на месна самоуправа, кои зависно од специфичностите на одделни општини, би нуделе поуспешен развој.

Подносителите на иницијативата укажуваат дека правните стојалишта во оваа иницијатива се совпаѓаат со стојалиштата на Уставниот суд содржани во Одлуката У. бр. 162/97, кога бил во важност Законот за локалната самоуправа од 1995 година.

Во меѓувреме, до донесувањето на Законот за локалната самоуправа од 2002 година, според подносителоите на иницијативата, во Уставот не се променило ништо што би можело да биде повод и причина за така драстично “дерогирање” на уставната позиција на месната самоуправа, како што е тоа (не) нормирано во посочените одредби на Законот. Напротив, овој дел на Законот противречел на смислата и основната цел: децентрализација на власта од повисоко на пониско ниво. Во тој контекс би било многу пологично и “поуставно” да се проширеле ингеренциите на месната самоуправа за сметка на општинската (што било предмет на оваа иницијатива), како изворно право на граѓаните кои живеат на подрачјето на месната самоуправа, а не тие да биле “дарувани” од градоначалникот на општината.

Поради наведеното, подносителите на иницијативата сметаат дека со оспорените законски одредби се повредувале членот 114 и 115, а во врска со член 2, член 8 став 1 алинеја 6, член 30 став 1, 2 и 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според член 82 став 1 од Законот за локалната самоуправа (»Службен весник на Република Македонија« бр. 5/2005), во општината можат да се основаат облици на месна самоуправа, и тоа:
– во градовите-урбани заедници и
– во другите населени места-месни заедници.

Според ставот 2 на истиот член, подрачјето за кое се основаат урбаните заедници се границите на урбаните единици, според урбанистичкиот план на градот.

Според ставот 3 на истиот член, подрачјето за кое се основаат месните заедници се границите на катастарските општини на населените места.

Според ставот 4 на истиот член, со статутот на општината поблиску се определуваат: облиците на месна самоуправа што се основаат на подрачјето на општината согласно ставот 1 на овој член; односите со органите на општината; работите од надлежност на градоначалникот чие извршување може да се делегира на претседателот на советотот на месната самоуправа; начинот на обезбедување на средства за делегираните работи и други прашања од значење за месната самоуправа.

Согласно член 83, жителите во урбаните, односно месните заедници, на собири на граѓаните:
– разгледуваат прашања, заземаат ставови и изготвуваат предлози за прашања од непосредно и секојдневно значење за животот и работата на жителите од тоа подрачје;
– можат да изберат совет на урбаната, односно месната заедница, на начин и во постапка што се утврдени со статутот на општината.

Според член 84, советот на урбаната, односно месната заедница се избира на собири на граѓаните на урбаната, односно месната заедница, на начин и во постапка што се утврдени со статутот на општината.

Согласно член 85 став 1, советот на урбаната, односно месната заедница, од редот на своите членови избира претседател, со мандат од четири години.

Согласно став 2 на истиот член, за изборот и обврските на претседателот на советот на урбаната, односно месната заедница соодветно ќе се применуваат одредбите од членовите 47 и 48 на овој закон.

Според член 86 став 1, градоначалникот може да делегира вршење на определени работи од непосреден интерес и секојдневно значење за животот и работата на жителите, на претседателот на советот на урбаната, односно месната заедница, на начин утврден со статутот.

Според став 2 на истиот член, со решението од ставот 1 на овој член, се утврдуваат и средствата за вршење на работите од ставот 1 на овој член, како и начинот на вршење надзор над нивното извршување.

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Законот за локалната самоуправа (во Глава 12, во членовите 82, 83, 84, 85 и 86), ја разработува месната самоуправа, како право кое произлегува од локалната самоуправа.

Од анализата на содржината на оспорените законски одредби, како и од наводите во иницијативата, произлегува дека подносителите на иницијативата го оспоруваат Законот поради тоа што не содржи одредби за уредување на месната самоуправа какви што тие сметаат дека би требало да содржи.

Имено, сметаат дека оспорените одредби во Законот премногу рестриктивно го уредувале уставното право на месна самоуправа, односно сметаат дека во Законот треба да се прошират ингеренциите на месната самоуправа за сметка на општинската самоуправа.

Имајќи ја предвид наведената уставна одредба со која е утврдена надлежноста на Уставниот суд на Република Македонија, содржината на оспорените членови, како и наводите во иницијативата, произлегува дека со иницијативата се бара изменување на постојната законска регулатива со која се уредува месната самоуправа, што согласно член 68 од Уставот, претставува надлежност на Собранието на Република Македонија.

Оттука, тргнувајќи од надлежностите на Уставниот суд, Судот оцени дека барањето на иницијативата излегува надвор од рамките на надлежноста на Судот, па согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.22/2006
8 март 2006 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply