16/2005-0-0

16/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 8 февруари 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на Законот за Стопанската комора на Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.89/ 2004).

2. “Индустриска комора Македонија”, “Трговска комора Македонија” и
“Услужна комора Македонија” од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека со членот 1 од Законот за стопанските комори (“Службен весник на Република Македонија” бр.54/2002) било уредено дека со него се утврдуваат основањето, организирањето, финансирањето и престанокот на стопанските комори. Целта на овој закон била на нов начин и во целост да се уреди материјата на здружувањето на трговските друштва и другите стопански субјекти во комори.

Според членот 37 од Законот за стопанските комори со влегувањето во сила на овој закон престанал да важи Законот за Стопанската комора на Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.39/1990).

Со Законот за Стопанската комора на Македонија не се укинувал Законот за стопанските комори, така што во правниот поредок на Република Македонија суштест- вувале два закони – Закон на стопанските комори и Закон за Стопанската комора на Македонија – со кои паралелно се регулирала материјата на здружување (организирање) на трговските друштва и другите стопански субјекти во комори. Притоа, Законот за Стопанската комора на Македонија во однос на Законот за стопанските комори немал карактер на посебен закон со кој на поинаков начин би се уредувале или разработувале одделни специфични прашања од материјата на здружувањето на трговските друштва и другите стопански субјекти во комори. Законот за Стопанс ката комора на Македонија тргнувал од ставот како да не постои Законот за стопанските комори и како тој закон оригинерно да ја уредува материјата на организирањето на стопанските комори во Македонија.

Според подносителите на иницијативата, Законот за Стопанската комора на Македонија воведувал паралелен систем на организирање на трговските друштва и другите стопански субјекти во комори, кој во основа се разликувал од системот на организирање на трговските друштва и другите стопански субјекти во комори согласно одредбите на Законот за стопанските комори. Првиот систем на организирање според Законот за Стопанската комора на Македонија бил заснован на принципот на единствена комора за целото стопанство во Република Македонија и концентрација на овластува- њата во доме нот на поврзувањето на трговските друштва и другите стопански субјекти на едно место т.е. во Стопанската комора на Македонија. Вториот систем на организи- рање на коморите во Македонија бил заснован врз начелото на плурализам на комори и дисперзија на овластувањата во доменот на поврзување на трговските друштва и другите стопански субјекти на множество места. Од гледиштето на уставното начело на владеењето на правото самото суштествување на два закони за организирањето на стопанските комори бил сериозен проблем на правниот поредок, бидејќи законите морале да бидат исти за сите правни субјекти кои што се во иста положба односно не требало да се донесуваат за исти прашања различни закони за разни правни субјекти. Во таа смисла било повредено начелото на еднаквост на правните субјекти пред законот, ако прописите за коморите не биле исти за сите комори. Секако повреда на начелото на еднаквост ќе имало, ако на некои комори со посебен закон им се доделувале привилегии со оглед на нивниот основач, како што бил случајот со Стопанската комора на Македо- нија.

Со Законот за Стопанската комора на Македонија не се прокламирала, како што било тоа направено во Законот за стопански комори, целта заради која овој закон се донесувал. Со молчењето во поглед на целите заради кои се донесувал законот, законо- давецот ги оставал отворени сите можности, вклучувајќи ја и можноста за враќање на системот на организирање во комори воведен во 1990 година и тивко истиснување на системот на плурално организирање на коморите без притоа да се укине Законот за стопански комори. Законот ги употребувал категориите: “Стопанска комора на Македонија организирана согласно со Законот за Стопанската комора на Македонија (“Службен вес- ник на Република Македонија” бр.38/1990) и “Стопанска комора осн ована согласно одредбите на овој закон”, т.е. Законот за Стопанската комора на Македонија од 2004 година. Од анализата посебно на преодните одредби на Законот за Стопанската комора на Македонија произлегувало дека целта на Законот не било создавање (основа ње) на Стопанска комора на Македонија, туку цел на Законот било едноставно “да се врати” во правниот живот Стопанската комора создадена согласно одредбите на Законот за Стопанската комора од 1990 година. Со тоа, во правниот поредок на Република Македо нија се создавала сериозна правна конфузија и повреда на едно од основните начела на уставниот поредок на Република Македонија: владеењето на правото, утврдено во став 1, алинеја 3 на членот 8 од Уставот.

Повреда на принципот на владеењето на правото се правела со членот 28 од Законот за Стопанската комора на Македонија кој бил заснован врз една правна фикција, односно лукавство на правната техника која се состоела во претпоставувањето на постоење на факт или на ситуација која е различна од реалноста со цел да се произведе (создаде) определен правен ефект. Во случајот на Законот за Стопанската комора на Македонија законодавецот тргнувал од фактот на постоењето на Стопанската комора на Македонија како правно лице, иако тој факт не бил точен, односно Комората престанала да постои. Воведувањето на ваква правна фикција не можело да се оправда ниту со една вредност на правниот поредок на Република Македонија.

Содржината на членот 28 ја сочинувале две одредби: според правата одред- ба Стопанската комора на Македонија организирана согласно со Законот за Стопанската комора од 1990 година продолжува со работа како Стопанска комора на Македонија согласно новиот Закон за Стопанската комора од 2004 година; според втората одредба Стопанската комора на Македонија е должна да ја усогласи својата организација и работа со одредбите на новиот Закон за Стопанската комора на Македонија во рок од шест месеци од денот на неговото влегување во сила. Не било јасно, притоа, врз одредбите на кој закон ќе функционира Стопанската комора на Македонија во периодот на усогла- сувањето од шест месеци бидејќи Законот за Стопанската комора на Македонија донесен во 1990 година престанал да важи со денот на влегување во сила на Законот за стопанските комори кога престанал да важи и Статутот на Стопанската комора на Маке- донија.

Понатаму, според подносителите на иницијативата основни факти преку кои се искажувала нееднаквата положба на стопанските комори основани согласно Законот за стопанските комори во однос на Стопанската комора на Македонија биле особено следните: стопанските комори согласно Законот за стопанските комори се создавале врз принципот на слободно здружување, односно согласно волјата на трговските друштва и другите стопански субјекти додека Стопанската комора на Македонија била создадена од државата со закон независно од волјата на трговските друштва и другите стопански субјекти; државата на оваа Комора и “создала” имот потребен за работа со тоа што нераспределениот имот на престанатата Стопанска комора на Македонија едноставно и го префрлила на “новата” комора; државата, исто така, на Комората и создала и член- ство со пропишувањето дека правните и физичките лица кои биле членови на Стопан- ската комора на Македонија пред денот на влегувањето во сила на Законот за Стопан- ската комора на Македонија остануваат членови на Комората организирана согласно одредбите на новиот Закон за Стопанската комора на Македонија, доколку во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на законот не ја известат Комората дека истапуваат од ч ленството во неа; Стопанската комора на Македонија се организирала врз територијалното начело што овозможувало таа да дејствува на територијата на Република Македонија и за членови да ги има стопанските субјекти независно од стопанската гранка во која е предметот на нивното работење, наспроти стопанските комори основани согласно Законот за стопанските комори кои се организирале само врз гранското начело; стекнувањето на правниот субјективитет на Стопанската комора на Македонија било дело на законот, а не на уписот во трговскиот регистар.

Според наводите во иницијативата со оспорениот закон се повредувало уставното начело на еднаква положба на стопанските субјекти на пазарот, што Репуб- лика Македонија е должна да им го обезбеди на стопанските субјекти согласно одредбата во став 2 на членот 55 од Уставот, како и уставното начело за еднаквост на сите субјекти пред законот, пропишано во став 2 на членот 9 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека во Дел И од Законот за Стопанската комора на Македонија кој се однесува на основните одредби е утврдено дека Стопанската комора на Македонија е деловно стручна асоцијација која ги усогласува, застапува и штити интересите на своите членови (член 1); во Комората се здружуваат правни лица со седиште во Република Македонија кои вршат стопанска дејност и се запишани во трговскиот регистар како и други субјекти кои со својата дејност придоне- суваат за унапредување на работењето на стопанството, а здружувањето и истапува- њето на членството е слободно и на добороволн а основа (член 2); Комората е самос- тојна и независна организација со својство на правно лице (член 3); со Комората управуваат нејзините членови преку нивни претставници (член 4); Комората има свој делокруг на работа (член 5); Комората може да врши јавни овластувања утврдени со закон или со акт на надлежен државен орган, надзорот врз вршењето на јавните овластувања го спроведува министерството надлежно според дејноста, а за вршењето на јавните овластувања комората поднесува извештај до Владата на Република Македонија (член 6) и работењето на Комората е јавно (член 7).

Во Дел ИИ од Законот (членовите 8 до 13) се утврдени органите на Комората и нивната надлежност и тоа: Собрание, Управен одбор, Надзорен одбор и претседател на Комората.

Во Дел ИИИ од Законот (членовите 14 до 18) е уредено дека во рамките на Комората, како облици на организирање и работење може да се организираат здруженија според дејности, регионални комори и други форми на организирање и работење.

Во деловите ИВ, В и ВИ од Законот (членовите 19 до 25) е утврдено што се уредува со Статутот на Комората, постоењето на постојан избран суд – арбитража при Комората и постоењето на Суд на честа при Комората и нивната надлежност.

Во Дел ВИИ од Законот (член 26) е определен начинот на обезбедувањето на средства за работа на Комората, а Дел ВИИИ од Законот (член 27) се однесува на стручната служба на Комората.

Делот ИЏ од Законот (членовите 28 до 31) содржи преодни и завршни одредби.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.

Согласно член 20 став 1 од Уставот, на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, соци- јални, културни и други права и уверувања, а според ставот 2 од овој член, граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.

Согласно член 55 став 2 од Уставот, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Според член 57 од Уставот, Републиката го поттикнува економскиот напредок и се грижи за порамномерен просторен и регионален развој, како и за побрз развој на стопански недоволно развиените подрачја.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби произлегува дека Уставот го гарантира слободното здружување на граѓаните и дека Републиката го поттикнува економскиот напредок и обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот.
Со донесувањето на Законот за Стопанската комора на Македонија, законодавецот поставува правна рамка во коморското работење, со цел да не го препушти на случај- носта основањето на комора на поширока основа отколку онаа што ја утврдил со Законот за стопанските комори.

Согласно законот, во Стопанската комора на Македонија се здружуваат правни лица со седиште во Република Македонија кои вршат стопанска дејност, како и други субјекти кои со своето работење придонесуваат за унапредување и развој на стопанството.

Истовремено, со овој закон, законодавецот врз основа на начелото на слобода на здружување на граѓаните им овозможува на правните лица на доброволна основа да членуваат во Стопанската комора на Македонија, како што впрочем е уредено и со Законот за стопанските комори. На тој начин, во однос на членувањето во која било комора, законодавецот го почитува принципот на доброволност и го поддржува плура- лизмот во коморското организирање и членување.

Имајќи предвид дека постоењето и делувањето на Стопанската комора на Македонија има за цел унапредување на пазарното стопанство, претприемништвото и поттикнувањето на конкуренцијата, таа покрај грижата за интересите на своите членови, истовремено обезбедува и размена на информации за значајни податоци од домашната и светската економија особено за системската регулатива од интерес за стопанството, развојните проекти, потенцијалите и можностите за соработка и инвестирање во Република Македонија, размена на стоки и услуги, електронска комерција, промоција на македонската економија во светот, глобалните текови и интегрирањето во светските бизнис центри и друго. Оттука, произлегува дека задача на Стопанската комора на Македонија е меѓу другото и остварување на цели од јавен интерес.

За одбележување е што Законот за Стопанската комора на Македонија утврдил дека при Комората постои Постојан избран суд – Арбитража како независен орган. Според Законот, овој суд може да решава не само за меѓусебните деловни спорови меѓу членовите на Комората, туку и за споровите меѓу членовите на Комората и трети лица, како и меѓу други правни лица во земјата и странство ако странките ја договорат надлежноста на овој суд. Притоа, одлуките на Постојаниот суд – Арбитража се конечни и имаат сила на правосилна пресуда со што се обезбедува начелото на правната сигурност и преземените обврски на Република Македонија во врска со арбитражното решавање на споровите и извршувањето на арбитражните одлуки.

При Комората, исто така, постои Суд на честа како независен орган кој има широко утврдена јавна обврска да ги штити принципите на пазарното стопанство, како и да ги штити граѓаните, Република Македонија, општините односно градот Скопје, ако со повреда на деловните обичаи им е нанесена штета.

Тргнувајќи од анализата на содржината на одредбите од Уставот, а имајќи ги предвид во целина одредбите од Законот за Стопанската комора на Македонија, Уставниот суд оцени дека Стопанската комора на Македонија е стопанска асоцијација и јавно правно тело и дека нејзиното постоење и делување не е во спротивност со уставно прокламираните принципи што се однесуваат на слободата на здружување заради остварување и заштита на економските интереси, слободата на пазарот и претприем- ништвото, еднаквата правна положба на сите субјекти на пазарот, како и со обврската на Република Македонија да го поттикнува економскиот напредок на државата и да се грижи за нејзиниот порамномерен просторен и регионален развој.

Оттука, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на Законот за Стопанската комора на Македонија со член 8 став 1 алинеја 3, член 20, член 55 став 2 и член 57 од Уставот.

При оценувањето на уставноста на оспорениот закон, Судот не се впушти во оцена на наводите од иницијативата во однос на рационалноста и опортунитетот на решенијата содржани во различните закони, дотолку повеќе што имаше предвид дека со таквите решенија не се повредуваат горенаведените уставни принципи битни за оцену- вање на уставноста на овој закон, а во однос на различноста на решенијата помеѓу законите Судот не е надлежен да ги оценува и отстранува.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.16/2005
8 февруари 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply