138/2005-0-0

138/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Репубика Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 8 февруари 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 6 став 1 во делот

2. Петре Илиевски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од членот 6 став 1 и член 7 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорените одредби од Законот се наме-тнувал надоместок, што во суштина претставувал прибирање средства за вршење на дејностите и проширување на материјалната основа на давателот на услугите, спротивно на уставната определба за неможност на вакво здружување на средства од граѓаните. Имено, ваквото здружување на средства било својствено за поранешниот правен поре-док, во услови на договорна економија и доминантна општествена сопственост, а не за сегашниот систем во кој постои слобода на пазарот и претприемништвото и правна заштита на сопственоста.

Во иницијативата се наведува и тоа дека пропишаниот надоместок за приклучување на корисниците на услугите на водоснабдителниот и канализациониот систем, иако зависел од трошоците за приклучување, хидротехничките услови и друго, во суштина бил услов за приклучување, меѓутоа термините “трошоци за приклучување и хидро-технички услови”, кои биле општи и нејасни, а осебено зборот “и друго” го правеле целосно неразбирлив овој надоместок, поради што се наметнувала дилема што се подразбира под тоа “друго” и кој субјект е надлежен да утврди дали постои или непостои тоа. Надоместокот како јавна давачка, иако се регулирал во наведените законски одредби, сепак бил неуставен, затоа што јавните давачки ги утврдувало Собранието, а не друг субјект.

Од тие причини подносителот на иницијативата смета дека оспорените одредби од Законот не се во согласност со член 8 став 1 алинеи 6 и 7 и член 55 од Уставот, па затоа предлага Судот да поведе постапка за оценување на нивната согласност со Уставот и истите да ги укине.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 6 став 1 од Законот средствата за вршење на дејностите од членот 5 на овој закон се остваруваат од цената за користење на тие услуги и надоместокот за приклучување на водоснабдителниот и канализациониот систем (оспорен дел).

Во оспорениот член 7 од Законот е утврдено дека давателот на услугата е овластен да утврдува и надоместок за приклучување на корисникот на услугата на водоснабдителниот и канализациониот систем (став 1), дека висината на надоместокот од став 1 на овој член зависи од големината на водоводниот, односно канализациониот прик-лучок, трошоци за приклучување, хидротехничките услови и друго (став 2) и дека согласност на висината на надоместокот за приклучување од став 1 на овој член дава основачот (став 3).

4. Според членот 8 став 1 алинеите 3, 6 и 7 од Уставот, темелни вредности на устав-ниот поредок на Република Македонија се принципот на владеењето на правото, правната заштита на сопственоста и слободата на пазарот и претприемништвото.

Согласно член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирување на јавните давачки на начин утврден со закон.

Во членот 55 од Уставот се гарантира слободата на паза-рот и претприемништвото и се утврдува дека Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Согласно член 56 став 1 од Уставот, со Законот за водите (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/1998, 9/2000 и 42/ 2005), водата е определена како добро од општ интерес за Републи-ка-та и ужива посебна заштита на начин и под услови утврдени со овој закон.

Со членот 3 од Законот за комунални дејности (“Службен весник на Република Македонија” бр.45/1997, 23/1999, 45/2002 и 16/ 2004) снабдувањето со вода за пиење, обработка и испорака на тех-нолшка вода, одведување и прочистување на отпадни води, како и одведување и испуштање на атмосферските води се дефинирани како комунални дејности од јавен интерес.

Во Законот за локална самоуправа (член 22 став 1 точка 4) е утврдено дека општините се надлежни за вршење на комуналните дејности, меѓу кои и за снабдување со вода за пиење, испорака на технолошка вода, одведување и пречистување на отпадните води и одведување и третманот на атмосферските води. Според ставот 2 на овој член од Законот општините овие дејности ги вршат во согласност со стандардите и постапките утврдени со закон.

Со донесувањето на Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води, чии одредби се оспоруваат со оваа иницијатива, се обезбеди сите прашања значајни од областа на снабдувањето со вода за пиење и одведувањето на урбаните отпадни води во Република Македонија да бидат уредени на единствен начин и овие комунални дејности да се вршат во согласност со исти законски утврдени стандарди и правила.

Така, во Глава ИИ од Законот, а во рамките на уредувањето на условите и начинот на вршење на дејноста законодавецот во членот 5 утврдува дека давателот на услугата врши снабдување со вода за пиење со зафаќање, обработка и дистрибуција на водата преку водоснабдителниот систем до главниот водомер на корисникот на услугата, одведување на урбани отпадни води во реципиентот, со нивно собирање од корисниците на услугата преку канализационата мрежа, прочистување и испуштање во реципиентот, одведување на атмос-ферските води во реципиентот со нивно прифаќање од урбаните повр-шини, со одведување преку атмосферската канализациона мрежа и испуштање во реципиентот и управување и одржување на водоснабдителниот и канализациониот систем.

Според членот 6 став 1 од Законот, средствата за вршење на дејностите од членот 5 на овој закон се остваруваат од цената за користење на тие услуги и надоместокот за приклучување на водоснабдителниот и канализациониот систем (оспорен дел). Во наредните ставови на овој член се утврдува мерната единица со која се изра-зува цената на водата за пиење и одведувањето на урбаните отпадни води и атмосферски води, потоа елементите и критериумите за определување на нејзината висина, начинот на нејзиното наплаќање и сл.

Субјектот, пак, кој што го утврдува надоместокот за приклучување на корисникот на услугата на водоснабдителниот и канали-за-циониот систем, како и елементите од кои зависи висината на овој надоместок, кој исто како и цената на услугата според член 6 став 1 од Законот претставува основ за остварување на средствата за вршење на овие комунални дејности, се утврдени во членот 7 од Законот, кој што исто така е оспорен со оваа иницијатива.

Освен утврдувањето на надоместокот за приклучување, во Глава ИВ на Законот се утврдени и условите и начинот на приклучување на корисникот на услугата на водоснабдителниот и канализациониот систем, со тоа што во членот 26 став 1 е утврдено дека водо-водната, односно канализационата мрежа на корисникот на услугата се приклучува со уличната водоводна, односно канализационата мрежа на водоводниот, односно канализациониот систем преку водоводен, односно канализационен приклучок на начин што го пропишува мини-стерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на комуналните работи. Во ставот 3 на истиот член од Законот е утврдено дека секој сопственик на изграден или делумно изграден објект е должен да ги спои својата куќна канализација со уличната канализација истовремено кога таа ќе биде изградена пред неговиот објект.

Според член 23 став 1 алинеја 2 од Законот, заради заштита и спречување на оштетување на водоснабдителен и канализационен систем се забранува приклучување на водоводна и канализациона мрежа без одобрение за приклучување, кое дејствие, пак, според член 44 од Законот е утврдено како прекршок за кое е определена и соодветна казна.

Од наведените и другите одредби од Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води, според Судот, јасно произлегува дека надоместо-кот за кој станува збор во оспорените законски одредби се плаќа за прик-лучување на корисникот на услугата на водоснабдителниот и канализациониот систем, дека од овој надоместок, освен од цената на услу-га-та, се остваруваат средства за вршење на дејноста од страна на дава-телот на услугата и дека висината на истиот, зависно од елементите утврдени во член 7 став 2 од Законот, ја утврдува давателот на услугата, односно јавното претпријатие во смисла на член 2 став 1 точка 16 од Законот, а согласност на висината дава основачот.

Затоа, за Судот не е спорно дека овој надоместок нема карактер на јавна давачка, ниту пак интенцијата на законодавецот била да го утврди како јавна давачка, каков што карактер му придава подносителот на иницијативата. Дека овој надоместок не е јавна давачка, туку е приход од сопственото работење, произлегува и од фактот што тој се плаќа само еднаш и тоа кога на барање на новиот корисник на услугата и врз основа на договор меѓу него и давателот на услугата, тој ќе биде приклучен на водоснабдителниот и канализациониот систем, што од друга страна значи дека овој надоместок се плаќа за конкретно извршена работа, односно услуга, а не по автоматизам по сила на закон, што е случај со даноците и некои други јавни давачки.

Во рамките на уредување на прашањата поврзани со надоместокот за приклучување на корисникот на услугата на водоснаб-дителниот и канализациониот систем, законодавецот во членот 7 став 2 од Законот ги утврдил и елементите, односно критериумите од кои зависи и неговата висина со тоа што оставал можност, освен од утвр-дените во овој член, висината на овој надоместок да зависи и од други критериуми кои ќе ги утврди давателот на услугата кој ја утврдува и висината на надоместокот во согласност со основачот. Ова решение, според Судот, е оправдано и логично затоа што со него не се ограничува правото и можноста на давателот на услугата, односно на јавното претпријатие што врши приклучување на водоснабдителниот и канали-за-циониот систем, како и секој друг правен субјект на пазарот, висина-та на цената на своите услуги, каков што во суштина е и надоместокот за приклучување, во крајна линија да ја определува согласно пазар-ните законитости, во кои услови впрочем функционираат и овие јавни претпријатија.

Поради наведеното, а и поради тоа што значењето на некои од употребените термини во ставот 2 на членот 7 од Законот (како што се водоводен приклучок, канализационен прилучок и хидро-технички услови) е определено во членот 3 став 1 од самиот Закон, Судот утврди дека наводите во иницијативата според кои овие терми-ни, а особено терминот “друго” биле нејасни и неразбирливи од кои причини посебно се оспорува уставноста на означените законски одредби, се неосновани и затоа не претставуваат оправдан основ за изразување на сомневање во нивната согласност со Уставот.

Оттука, со оглед на тоа што надоместокот за приклучување на водоснабдителниот и канализациониот систем утврден во оспорените законски одредби не е јавна давачка, туку се наплатува за извршу-вање на конкретни работи одно-сно услуги што ги извршил давателот на услугата по барање на корисникот на услугата и врз основа на договор и дека неговата висина ја утврдува самиот давател на услугата, односно јавното претпријатие што го извршило приклучувањето, Судот оцени дека со овие законски одредби не само што не се повредува член 33 од Уставот, туку не се повредуваат ниту темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија утврдени во член 8 став 1 алинеите 6 и 7 и членот 55 од Уставот, поради што и не го постави прашањето за нивната согласност со овие одредби од Уставот, во однос на кои со иницијативата се оспорува нивната уставност.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.138/2005
8 февруари 2006 год.
С к о п ј е
л.а

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply