231/2005-0-0

231/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 и член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 1 февруари 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 17 став 1 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување (“Служ- бен весник на Република Македонија” бр.80/1993, 3/1994,14/1995,71/1996,32/1997, 24/2000, 96/2000, 50/ 2001, 85/2003, 50/2004, 4/2005 и 101/2005).

2. Иванка Јакимовска од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одред бата од Законот означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената одредба од Законот била во спротивност со членот 9 од Уставот кој предвидувал дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичко и верско уверување, имотната и општествената положба. Со оглед на тоа што со оспорената одредба била пропишана полова нерамноправност за остварување на правата утврдени со Законот за пензиско и инвалидско осигурување, со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на нејзината уставност.

3. Судот на седницата утврди дека Законот за пензиско и инвалидско осигурување во членот 17 став 1 предвидел дека осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 64 години живот (маж), односно 62 години живот (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж.

4. Според членот 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а не постојат основи за поинакво одлучување.

Оспорената одредба од Законот за пензиско и инвалидско осигурување била предмет на оценување на Уставниот суд на Република Македонија по однос на нејзината согласност со одредби од Уставот од аспект на наводите во иницијативата, и Судот со Решение У.бр.107/2004 од 29 септември 2004 година не повел постапка за оценување на уставноста на одредбата.

Имено, според ставот на Судот утврдувањето на попово-лни услови односно скратувањето на годините на старост на жената работник за остварување на право на старосна пензија е во функција на остварување на еднаквост со мажот. Со оспорената одредба според која осигуреникот жена стекнува право на старосна пензија порано од осигуреникот маж во суштина се прокламира принципот на афирмативна акција, односно принципот на позитивна дискрими-нација на жената поради што не може да се постави прашањето за нејзината согласност со наведените уставни одредби.

Со оглед на тоа, а имајќи ги предвид изнесените уставни и деловнички одредби, Судот утврди дека не постојат основи за поинакво одлучување и по однос на иницијативата во овој предмет.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.231/2005
1 февруари 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply