208/2005-0-0

208/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 25 јануари 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 94 точка 3 под б) во делот

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата смета дека оспорениот дел од законската одредба на член 94 точка 3 под б) нема уставна основа од причина што според член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени само со закон и со колективен договор, а не и со друг подзаконски пропис што го донесува Владата на Република Македонија, како носител на извршната власт.

Според наводите во иницијативата, со оспорениот дел од законската одредба се создавала нееднаквост на граѓаните помеѓу осигурениците во одбраната и другите осигуреници во Република Македонија, што било во спротивност со член 9 од Уставот. Имено, во оспорениот дел од законската одредба била дадена ингеренција на Владата на Република Македонија, а по предлог на министерот за одбрана поконкретно да ја утврди соодветната единица и да ги утврди должностите во команда на корпус и во воена установа во кои службата се врши под трупни услови. Вакви условувања или ограничувања, за другите осигуреници во Република Македониј а, не постоеле, со што наведените осигуреници во одбраната противуставно биле условувани со донесување на подзаконски акт во однос на другите осигуреници.

Поради наведеното, подносителот смета дека оспорениот дел од законската одредба не бил во сог ласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 34, член 35 став 1 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 94 од оспорениот дел од законот е предвидено дека на осигурениците во Министерството за одбрана на служба во постојаниот состав на Армијата на Република Македонија (војници по договор, помлади офицери и офицери и граѓански лица на служба во Армијата) стажот на осигурвање им се смета со зголемено траење, и тоа:

1) секои 12 месеци ефективно поминати на тие должности се сметаат како 18 месеци стаж на осигурување во:

а) летечка служба – на должност активен пилот, извидувач, радист, авиомеханичар, аерофотограф или на други должности на кои вршеле летачка служба или како припадник на органот на санитетска служба на испитување и тренирање на летачите или за испитување на заштитната опрема во барокоморите, односно во авионите, ако при такво испитување и тренирање летале најмалку 90 часа годишно;

б) падобранска служба -на должности активен падобранец и

в) должност на нуркач;

2) секои 12 месеци ефективно поминати на тие должности се сметаат како 16 месеци стаж на осигурување во:
а) вршење работи на член на специјален експериментален екипаж за испитување на вооружување во фаза на освојување на производство и завршни експерименти и испитување, ако на експериментите и испитувањата помине просечно најмалку половина од вкупното годишно работно време;
б) вршење работи на радиолошка, билошка и хемиска заштита во лабораториски и полигонски услуги, што ќе ги утврдил министерот за одбрана и
в) вршење на работи на електронско извидување и работи на криптозаштита, безбедност и разузнавачки и контраразузнавачки работи и воена полиција;

3) секои 12 месеци ефективно поминати на тие должности се сметаат како 15 месеци стаж на осигурување во:
а) вршење работи на радарски уреди на кои се изложени на радарски зрачења и тоа: лице кое врши поправка, посложени дотерувања и испитувања или работи како инструктор – наставник на поправка на радарски уреди, ако на тие работи помине просечно најмалку 3/4 од вкупното годишно работно време и
б) вршење должности во трупа заклучно со бригада и соодветна единица и одредени должности во команда на корпус и во воени устанви во кои службата се врши под трупни услови, а кои ги утврдува Владата на Република Македонија по предлог на министерот за одбрана и (оспорен дел)

4) секои 12 месеци ефективно поминати на тие должности се сметаат како 14 месеци стаж на осигурување во вршење на работи на овластени службени лица кои вршат работи на безбедноста, разузнавачки и контраразузнавачки работи во одбраната и Армијата и воена полиција кои не спаѓаат во должностите од точка 2 под в) на овој член.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Со членот 9 од Уставот е утврдено дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата, независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, а според ставот 2 на овој член, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 34 од Уставот граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор, а според член 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјалната праведност.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Од наведените уставни одредби јасно произлегува дека Уставот го прокламира и утврдува општиот принцип на правото на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување кое е препуштено на уредување со закон и колективен договор. Уставот, исто така, ја прокламира грижата на Републиката за социјална заштита и социјална сигурност на граѓаните, која се остварува врз основа на начелото на социјална праведност. Според тоа, видовите на правата што се стекнуваат од социјалното осигурување, нивната висина, начин на стекнување и користење се резервирани за законодавната власт.

Оттука, Законот за пензиското и инвалидското осигурување го уредува задолжителното пензиско и инвалидско осигурување на работниците во работен однос и на физичките лица кои вршат дејност, основите на капитално финансирано пензиско осигурување, како и посебните услови по кои одделни категории на осигуреници ги остваруваат правата од пензиското и инвалидското осигурување.

Во оваа насока Законот во Глава ИВ регулира прашања во врска со начинот на стекнување и остварување на правата на определени категории осигуреници под посебни услови. Осигурениците во одбраната, особено категоријата на осигуреници определена во оспорениот дел од законската одредба, поради специфичните услови на извршување на нивните работи и работни задачи се стекнуваат со статус на категорија на осигуреници под посебни услови што всушност претставува основ за остварување на посебните права во осигурувањето, а во кое се вбројува и правото на стаж на осигурување што се смета со зголемено траење.

Фактот што различни категории на осигуреници не остваруваат еднакви права, односно немаат еднаква пензиска основа, туку обемот на тие права и висината на пензиската основа, како и правото на стаж на осигурување што се смета со зголемено траење зависи од повеќе елементи, не може да претставува основ за повреда на принципот на еднаквост.

Законското решение во оспорениот дел од законската одредба вршење должности во трупа заклучно со бригада и соодветна единица и одредени должности во команда на корпус и во воени установи во кои службата се врши под трупни услови да ги утврдува Владата на Република Македонија, а по предлог на министерот за одбрана, според Судот не е во несогласност со Уставот. Имено, токму од уставните норми произлегува надлежноста на Владата да утврдува нечела на внатрешна организација и за работа на министерството.

Согласно член 91 точка 6 од Уставот, Владата на Република Македонија утврдува начела за внатрешна организација и за работа на министерствата и другите органи на управата, ја насочува и врши надзор над нивната работа.

Оттука, Судот утврди дека Владата на Република Македонија со свој пропис, а по предлог на Министерот за одбрана има ингеренции да утврдува и соодветни единици и одредени должности во команда на корпус и во воени установи во кои службата се врши под трупни услови. Според Судот, таквото овластување е во уставно утврдената рамка и поради што пред Судот не се постави прашањето за согласноста за оспоредиот дел од одредбата на член 94 точка 3 под б) од Законот со одредбите од Уставот на Република Македонија”

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.208/2005
25 јануари 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply