Решение У.бр.75/2004

У.бр.75/2004

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 21 и 22 декември 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на:

а) Програма за работа на Здружението на ветераните од борбата на ОНА, донесена во мај 2002 година, и

б) Статутот на Здружението на ветераните од борбата на ОНА, донесен од Собранието на здружението на 5 мај 2002 година.

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актите означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорените акти не биле во согласност со членовите 1, 3, 8 став 1 алинеја 3, 20 став 3 и 4, 28 став 1, 36, 48 став 3, 51, 79 став 2 и 122 став 1 од Уставот на Република Македонија затоа што не се во рамките на уставниот поредок на Република Македонија.

Имено, програмата и статутот биле насочени кон разгорување на национална и верска омраза и нетрпеливост особено меѓу граѓаните припадници на македонскиот народ на кои им се убиени и најмилите и тоа токму од ОНА во 2001 година од една страна и граѓаните што живеат во Република Македонија кои се дел од албанскиот народ од друга страна, што било во спротивност со членот 20 став 3 од Уставот на Република Македонија.

Понатаму, подносителот на иницијативата наведува дека т.н. Ослободителна народна армија (ОНА) била вооружена екстремистичка и паравоена групација која не се борела за заштита на територијалниот интегритет и независност на Република Македонија како што тоа го пишува во нејзината програма и статут, туку напротив жестоко се борела против територијалниот интегритет и независноста на Република Македонија.

Воедно, подносителот на иницијативата наведува дека во името на Здружението на ветераните од борбата на ОНА било ставено и името на Државата Македонија со што бил повреден членот 11 од Законот за здруженијата на граѓани и фондациите со што грубо е злоупотребено името на државата Република Македонија, затоа што ОНА не е творба на државата Македонија за да може да се служи со тоа име, туку творба на надворешни структури кои не и мислат добро на Македонија и на нејзините граѓани со што се повредувала Преамбулата на Уставот и член 1 и 3 од Уставот.

Понатаму, според подносителот на иницијативата Здружението на ветераните од борбата на ОНА било полувоено здружение што не му припаѓало и не му припаѓа на вооружените сили на Република Македонија и како такво тоа е забрането според член 8 став 2 и член 20 став 4 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека Основниот суд во Тетово со Решение Рег.згф.бр.37/2002 година од 29 мај 2002 година извршил упис на Здружението на граѓани како “Здружение на ветераните од борбата на ОНА во Македонија”. Подоцна по барање на здружението, Основниот суд во Тетово со Решение од 17 јули 2003 година извршил промена на името на здружението со бришење на додавката “во Македонија” така што ова здружение егзисистира како “Здружение на ветераните од борбата на ОНА”.

Во натамошната постапка Судот утврди дека во Програмата на Здружението во делот I “Карактерот, целите и принципот на здружението” покрај другото, се утврдени целите и основните принципи врз кои се заснова работата на ова здружение, а тоа се: реинтегрирање на учесниците на бившата ОНА во општеството; заштита и чување на постигањата од борбата на ОНА на територијалниоте интегритет и независноста на Македонија; издигање на нивото и заштита на статусот на ветераните на ОНА, како основни носители на борбата; негување на традициите на борбата на ОНА, како и борбите и востанијата од историјата на албанскиот и македонскиот народ: уредување на материјалната состојба и на социјална сигурност на борците, инвалидите на војната и на семејството на паднатите борци; соработка со асоцијациите во Македонија и тие меѓународните на ветераните на борбата и на борците, како и со други соодветни организации во други земји.

Целите и задачите на ова здружение се реализираат преку непосредното ангажирање на организациите и на органите на здружението и на соработката со органите и организациите на власта со научните, просветните, културните, спортските институции како и со организациите и другите здруженија на граѓаните.

Во делот II од Програмата на здружението “Просперитет и стабилност на Македонија” е предвидено дека Здружението на ветерани на борбата на ОНА во Македонија ќе работи и ќе се ангажира: за стабилноста и просперитетот на Македонија, чување на достоинството, остварување на правата на човекот, слободите на граѓаните и индивидуалната и колективната рамноправност на сите; непрекидно унапредување на меѓунационалните односи и верска толеранција како и за рамноправност на граѓаните; траен мир како основен услов за развој на општеството, учесниците во борбата ги помнат стравовите на борбата и прогоните, тероризмот и слично и ќе се борат против секоја закана на борбата, за свет без војни и вооружени судири за систем на колективна сигурност за ограничување на вооружувањето, здружението ја подржува политиката на мирот и неупотребувањето на насилство како начело за развој на државите, за дијалог и меѓусебно разбирање меѓу државите; социјална правда и просперитет на личниот и заедничкиот живот и за зачувување и уредување на средината.

Здружението кон сите политички партии и општествени субјекти ќе се однесува како независна и непартиска организација на ветерани на борбата за што ќе развива односи како резултат на посебните програми и ќе негува отворена соработка.

Во делот III од Програмата “Создавање и зачувување на статусот на ветераните на Здружението” е предвидено дека основните права на статусот на учесниците во борбата на ОНА и нивното подобрување како и статусот на здружението се области за правно регулирање од страна на државата. Нивната рамка е одредена со Уставот.

Здружението ќе инсистира статусот на ветераните што произлегува од нивното учество во борбата, како и статусот на здружението да се развива непрестано и да претставува постојана грижа на државата Македонија.

Во IV дел од Програмата “Материјалната и социјалната сигурност на инвалидите на борбата и на борците како и на семејствата на борците паднати во оваа борба” е предвидено дека Здружението ќе се ангажира во Уставот на Република Македонија да се гарантираат посебните права на воените инвалиди, на борците и на семејствата на паднатите борци.

Во делот В од Програмата: “Негување на традициите од војната како и на борците за ослободување низ историјата на Албанскиот народ” покрај другото е предвидено Здружението во соработка со органите на власта и другите органи и организации: ќе се ангажира за негување и развој на традициите од борбата за достоинство, за права и слободи на граѓаните без разлика на раса, вера и народност и за афирмација на вредностите кои ја карактеризираат оваа борба, слободата и патриотизмот, херојството и солидарноста, хуманоста и социјалното право.

4. Во натамошната постапка Судот утврди дека во оспорениот статут на Здружението е предвидено дека Здружението на ветераните на борба на ОНА е граѓанска, независна, доброволна, патриотска, непартиска и единствена организација на учесници во борбата на ОНА заснована на демократски принципи што дејствуваат на целата територија на Македонија.

Во Статутот на здружението се утврдени начините и формите на организацијата и на делување на здружението, правата и обврските на членовите како и тоа дека здружението се организира на територијален принцип и делува во една или повеќе месни самоуправи и општини во Република Македонија.

Со Статутот се уредени и прашањата што се однесуваат на: формирањето, составот и надлежноста на органите на здружението, Собранието на здруженито на градот Скопје, Централното собрание, Централниот одбор, претседателот на Централниот одбор и Надзорната комисија, материјалната и финансиска работа на здружението и иметото на здружението, седиштето, печатот и ознаката, знамето, амблемот и празникот на здружението.

5. Владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Во рамките на граѓанските и политичките слободи и права утврдени во Уставот е поместен и членот 20 според кој на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.

Програмите и дејствувањето на здруженијата на граѓаните и политичките партии не можат да бидат насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката и кон поттикнување или повикување на воена агресија или разгорување на национална, расна и верска омраза или нетрпеливост.

Забранети се воени и полувоени здруженија што не им припаѓаат на вооружените сили на Република Македонија.

Слободата на здружувањето е едно од основните права на граѓаните гарантирани со Уставот.

Гарантирајќи ја слободата на здружување Уставот во член 20 став 1 ги определил целите на здружувањето кои можат да бидат за остварување и заштита на политичките, економските, социјалните, културните и други права и уверувања на граѓаните.

Во став 2 на наведениот член се утврдени организационите облици на здружувањето на граѓаните со јасно разграничување на целите за кои се здружуваат граѓаните.

Гарантирајќи ја слободата на здружувањето како едно демократско и широко политичко право со кое се овозможува активно учество во севкупниот општествен живот Уставот не ја прокламира како неприкосновена и недопирлива, односно не ја гарантира како апсолутна слобода без никакво ограничување.

Имено, Уставот не допушта слободата на здружување да се користи за забранети цели, односно утврдува граници на нејзиното остварување поаѓајќи од интересите на заедницата како целина.

Во таа смисла слободата на здружување се исклучува односно не е дозволено образување и дејствување на здруженија на граѓани и политички партии чии програми се насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката, поттикнување или повикување на воена агресија, или разгорување на национална, расна и верска омраза или нетрпеливост.

Воедно, Уставот не дозволува и организирање или формирање на воени или полувоени здруженија кои се надвор од системот на одбраната на Републиката, односно кои не претставуваат дел од вооружените сили на Републиката.

Имајќи го предвид наведеното, Судот смета дека оспорените акти на здружението не содржат норми според кои ова здружение своите цели ќе ги остварува по насилен пат, ниту со нив се поттикнува или повикува на воена агресија или разгорување на национална, расна и верска омраза. Имено, од содржината на оспорените акти во кои се утврдени целите и задачите на здружението произлегува дека тие се во насока на реинтеграција на учесниците на бившата ОНА во општеството како и зачувување на територијалниот интегритет и независноста на Република Македонија, поради што тие не се во несогласност со одредбите на Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

Во однос на наводите во иницијативата дека ова здружение е полувоено здружение што не им припаѓало и не им припаѓа на вооружените сили на Република Македонија, Судот смета дека се неосновани имајќи ја предвид содржината на Статутот и Програмата на ова здружение. Имено, од содржината на овие акти може да се заклучи дека ова здружение нема посебно воено организациска структура, нема воени формациии и не располага со посебни униформи и вооружување, ниту, пак, неговото декларирање и дејствување е насочено кон поттикнување или повикување на воена агресија или разгорување на национална, расна и верска омраза или нетрпеливост.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.75/2004
21 и 22 декември 2005 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply