139/2005-0-0

139/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 21 и 22 декември 2005 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 102 став 2 во делот

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива од Тодор Пљаков од Велес со Решение У. бр. 139/2005 од 9 ноември 2005 година поведе постапка за оценување на уставноста на член 102 став 2 и 5, во означените делови, од Законот за работните односи.

Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 102 став 1 од Законот за работните односи, ако судот донесе правосилна одлука со која е утврдено дека на работникот незаконски му престанал работниот однос, работникот има право да се врати на работа, ако тоа го бара.

Со оспорениот став 2 на овој член од Законот е уредено дека покрај враќањето на работа, работодавачот е должен на работникот да му исплати надомест на штета во висина од 70% од изгубената заработувачка, согласно со закон, колективен договор и договорот за вработување и да му уплати придонеси за задолжително социјално осигурување.

Според став 3 од овој член, надоместокот на штетата се намалува за износот на приходот кој работникот го остварил врз основа на работа, по престанокот на работниот однос, а според ставот 4 од овој член, работникот кој го оспорува отказот може да бара судот, привремено, до завршување на спорот, да нареди негово враќање на работа.

Со став 5 од овој член е уредено дека ако судот со правосилна одлука утврди дека на работникот незаконски му престанал работниот однос, а за работникот не е прифатливо да остане во работен однос, судот на барање на работникот ќе го определи денот на престанокот на работниот однос и ќе му досуди надомест на штета во износ од најмалку три, а најмногу 12 просечни месечни плати на работникот исплатени во последните 12 месеци, зависно од траењето на работниот однос , возраста, социјалната состојба и обврската за издржување кои ги има работникот.

5. Според член 8 алинеја 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 став 1 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјално потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.

Според став 2 на овој член, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 став 1 од Уставот секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност. Според став 2, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место, а според став 3, секој вработен има право на соодветна заработувачка, а согласно став 5 од овој член на Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според член 6 од Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права, кон кој нашата држава има пристапено согласно Одлуката за пристапување на Република Македонија кон меѓународно правните документи за основните човекови права и слободи, (“Службен весник на Република Македо-нија” бр.57/1993), државите – страни на овој пакт го признаваат правото на работа кое го опфаќа правото што го има секое лице и можноста за заработувачка преку слободно избрана или прифатена работа и презема мерки за зачувување на ова право, а според членот 7 од овој меѓународен пакт, државите – страни го признаваат правото што го има секое лице да се користи со правичните и поволните услови за работа што особено обезбедуваат награда што им обезбедува минимум на сите работници, праведна заработувачка и еднаква награда за работа од иста вредност, како, и пристоен живот за нив и за нивното семејство, согласно со одредбите на овој пакт.

Во член 4 од Европската социјална повелба (“Службен весник на Република Македонија” бр.89/2004) е предвидено дека со цел да обезбедат вистинска примена на правото на правична заработувачка, страните договорнички се обврзуваат, покрај другото, да им го признаат правото на работниците на заработувачка доволна за да им обезбеди, нив како и на нивните семејства, пристоен животен стандард.

Од наведените уставни одредби помесетени во делот на основни економски, социјални и културни права, како и од одредбите на наведените меѓународни акти произлегува дека правото на заработувачка, односно плата е есенцијално право на работникот кој е во договорен работен однос, а кое право нему и на неговото семејство, му овозможува пристоен животен стандард.

Од анализата на Законот за работните односи произлегува дека работниот однос е доборовлен договорен однос меѓу работодавачот и работникот во кој работникот се вклучува во однапред организиран процес кај работодавачот со цел да оствари плата и други надоместоци. Доколку, пак, работникот е спречен со работа да остварува плата поради незаконски акти или дејствија на работодавачот, работникот трпи штета, односно се нарушува неговата имотна состојба.

Прашањето за надомест на штета и изгубена зработувачка како општоприфатено правно начело е уредено и со Законот за облигационите односи.

Имено, според член 141 од Законот за облигационите односи тој што ќе му предизвика штета на друг должен е да ја надомести, доколку не докаже дека штетата настапила без негова вина.

Штетата е намалување на нечиј имот (обична штета) и спречувањето на негово зголемување (испуштена корист) како и нанесувањето на друга физичка или душевна болка или страв (нематеријална штета член 142).

Според член 174 од Законот за облигациони односи одговорното лице е должно да ја воспостави состојбата што била пред да настане штетата. Доколку воспоставувањето на поранешната состојба не ја отстранува штетата наполно, одговорното лице е должно за остатокот на штетата да даде надомест во пари.

Кога воспоставувањето на поранешната состојба не е можно, или кога судот смета дека не е нужно тоа да го стори одговорното лице, судот ќе определи тоа да му исплати на оштетениот соодветна сума пари на име надомест на штета.

Судот ќе му досуди на оштетениот надомест во пари кога тој го бара тоа, освен ако околностите на дадениот случај го оправдуваат воспоставувањето на поранешната состојба.

Во членот 178 од наведениот закон е уредено прашањето на обемот на надоместот на материјална штета (обична штета и испуштена корист).

Според член 179 од Законот за облигационите односи, земајќи ги предвид и околностите што настанале по причинувањето на штетата, Судот ќе досуди надомест во износ кој е потребен материјалната ситуација на оштетениот да се доведе во онаа состојба во која би се наоѓала да немало штетно дејствие или пропуштање.

Меѓутоа, и покрај наведените одредби од Законот за облигационите односи како и од одредбата од член 159 од Законот за работните односи, според која ако на работникот му е предизвикана штета при работа или во врска со работата, работодавачот е должен да му ја надомести штетата, Судот оцени дека со оспорените законски одредби се отстапува од општите правила за надомест на штета и се предвидува поинаков начин, односно обем на обештетување на работникот на кој по вина на работодавачот му престанал работниот однос.

Оттука, имајќи го предвид наведеното, Уставниот суд оцени дека законодавецот во сферата на работните односи како специфичен облигационен однос за прашањето на надомест на штета на работникот претрпена поради незаконски престанок на работниот однос нема право однапред процентуално или во апсолутен износ да ја определи висината на штетата што работникот ја трпи тука тоа треба да го утврди судот, заради што пред него се води постапка. Имено, судот е тој кој во секој конкретен случај ценејќи ги околностите поради кои дошло до престанок на работниот однос, како и фактот дека одлуката на работодавачот е незаконита поради повреда на постапката за престанок на работниот однос кај работодавачот или повреда на материјалните одредби од законите и колективните договори ќе ја утврди висината на штетата што работникот ја трпел додека бил отстранет од работа без негова вина.

Имено, според мислењето на Судот целта на водењето на судската постапка не е само враќање на работникот на работа, туку и воспоставување на материјалната состојба која би била како на работникот да не му престанал работниот однос, односно приближно иста положба како и на останатите работници кај работодавачот на кои им било овозможено да работат и да остварат плата.

Имајќи го предвид член 6 од Европската Конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, според кој секој има право правично и јавно во разумен рок пред независен и непристрасен со закон востановен суд да бидат разгледани и утврдени неговите граѓански права и обврски, Судот оцени дека со ваквиот начин на уредување на прашањето на правото на надомест на штета се исклучува генералниот принцип дека граѓаните имаат право своите граѓански права да ги остваруваат пред суд.

Воедно, Судот смета дека со вмешувањето на законодавецот во утврдувањето на висината на надоместокот на штета и тоа само во случаите кога на работникот му престанал работниот однос по вина на работодавачот, ги доведува партнерите на договорот односно – работникот и работодавачот во нееднаква положба и на тој начин го повредува член 9 од Уставот.

6. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.139/2005
21 и 22 декември 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Leave a Reply